Наставата што треба да ја следат учениците дома е на мајчин јазик, а ја организира училиштето, вели Законот
Кога ученикот ќе отсуствува од настава подолго време, училиштето во кое е запишан треба да ја организира наставата за него во домашни услови. Оваа новина во новиот Закон за основно образование направи забуна во училиштата. По подолги отсуства на ученици во неколку училишта вработените не знаат дали и како сето тоа може да се реализира, особено со предметна настава. Како и од кога да се применува оваа новина, не знаат ни директорите.
Од Бирото за развој на образование (БРО) објаснуваат дека овој дел од Законот ќе се применува откако ќе се донесе соодветен правилник кој ќе го определи начинот на изведување на домашната настава. Дотогаш важат старите правила, ученикот што долго отсуствувал ќе полага класен испит.
– Имам ученик кој беше на операција и отсуствуваше 3 недели. Директорката ми кажа да се подготвам за да има настава дома, но не знаеше да ми објасни како да се организираме. Мене навистина не ми е тешко да го направам тоа, но не е така едноставно. Ние сме 2 наставнички во одделенска, па ако едната оди дома кај ученик, другата ќе треба да ја заменува. Друго прашање е што доколку станува збор за предметна настава. Ова треба убаво да се уреди. Во развиени земји секое школо има посебни наставници што се задолжени за вакви ангажмани – вели наставничка.
Во членот 15 од новиот Закон за основно образование е уредено местото на организирање и остварување на основното образование. Освен што тоа се организира во основно училиште, односно во здравствени установи, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, настава ќе се следи и дома. Ова е новина што досега не беше законски возможна.
„Училиштето организира воспитно-образовен процес во домашни услови како посебен облик на работа за ученици што се на подолго домашно лекување. За учениците кои, поради поголеми здравствени проблеми или хронични болести, не можат да посетуваат настава подолго од три недели, наставата се организира во домашни услови, односно во здравствена установа. Родителот, односно старателот го известува училиштето за потребата за настава на ученикот кој е на подолго домашно или болничко лекување“, стои во законот.
Наставата што треба да ја следат учениците дома е на мајчин јазик, а ја организира училиштето. Но како треба да се организира, сè уште не е уредено.
Фото: Архива
Елка Даскалова, директорка на скопското Основно училиште „Владо Тасевски“, вели дека е запознаена со Законот, го видела овој член, но дека немаат насоки како тоа да се спроведе.
– Во Законот не е опишано како да се спроведе. Од 1. до 5. одделение изгледа поедноставно за спроведување, но што со предметната настава? Досега учениците што ќе испуштеа 20 проценти од наставата на полугодие полагаа класен испит. За понатаму, ќе чекаме насоки – вели Даскалова.
И Снежана Карас, директорка на „Вера Циривири-Трена“, вели дека ја знае новината.
– Ќе ја применуваме, нормално, штом е дел од Законот. Немаме ученик што долго отсуствувал досега, а верувам дека ќе нè запознаат со подробностите за оваа новина – вели таа.
Од БРО велат дека врз основа на преодните и завршни одредби од ЗОО, подзаконските акти треба да се изготват во рок од една година од донесувањето на Законот.
– Бирото оформи работна група што работи на тој Правилник каде што ќе бидат пропишани начинот, поблиските критериуми и начинот на организирање на наставата во домашни услови. Откако ќе заврши процесот, односно кога министерот ќе го донесе Правилникот, ќе бидете известени – велат од БРО.
Во меѓувреме, појаснуваат во Бирото, оваа учебна година за учениците што отсуствуваат ќе важат старите правила.
– Со претходниот закон, oној ученик што не ја посетува наставата најмалку една третина од фондот на наставни часови поради болест или оправдани и неоправдани причини се води како неоценет и на крајот на годината полага одделенски испит. Одделенскиот раководител има обврска редовно да го запишува отсуството на ученикот во дневникот. Тој треба да обезбеди информација зошто и каде е отсутниот ученик преку лекарска белешка или изјава дадена од родител или близок роднина на ученикот – додаваат од Бирото.
912