Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Би ве замолила за совет за мојот проблем. Ќе се разведеме со сопругот, со кој бевме 7 години во брак и имаме 7-годишна ќерка. Се преселивме со ќеркичката пред еден месец во друга куќа и полека почнуваме да се средуваме. Со маж ми уште на почетокот имавме несогласувања, имаше премногу љубомора и задушување. Беше многу добар манипулатор, ќе те натера да си помислиш дека си самиот виновен за што и да е. Неколку години наназад почна и да се коцка, па ништо не го интересираше за дома и сега решив да ставиме крај. Порано не го интересираше ништо за детето, а сега во време на карантин нема што да прави, ја бара и преку ден да ја носам и да спие таму. Но тој не се грижи, не ја игра и таа знае да ми се јави и да каже дека ѝ недостигам, да плаче. А се јавува скришум од него.
Со ќеркичката разговарам отворено за сè, но се плашам околу тоа како да се воспитува. Многу е чувствителна. Ви благодарам на каков било совет.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Почитувана мајка, мора да ви признаам дека е доста храбро да прекинете контакт кој прераснал во дисфункционален, особено доколку сте искористиле сè што ви е на располагање за да се промени ситуацијата. Јасно е дека на крајот од борбата, добросостојбата на детето ќе ги притисне процесите кон некаква терминација, затоа што понекогаш тоа е најповолното решение. Животот со зависна личност, во овој случај проблемот на вашиот сопруг со коцкањето, знае да е полн со ризици и предизвици и не секој може да го издржи таквото ризично однесување. Велат дека кога во семејството долго време опстојува зависничко однесување, и самото семејство поприма такви карактеристики, и најчесто или не го гледа или го трпи зависникот, или по тешка битка и загуби го прекинува односот со него и заминува. Мора да признам, и тоа заминување знае да биде долго и да значи вистинска борба. Вие, сепак, сте одлучиле да заминете, најмногу заради здравјето на вашата ќерка, и на тој начин сте се обиделе да го намалите влијанието на деструктивното однесување како резултат на зависничкото однесување на вашиот сопруг. Сепак, она што го чувствувам како загриженост е како да се поставите во однос на барањата за средба на вашата ќерка со сопругот, и она што слушам е дека постои страв и вознемиреност, особено како тие средби влијаат врз неа, и како вие ќе можете самите да се справите со тоа.
Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт
Вашите одлуки за реализација на тие средби секако зависат и од степенот на вознемиреност на вашата ќерка. Доколку на вашата ќерка ѝ годи средбата, тогаш секако треба со леснотија да ја овозможувате, но доколку чувствувате дека тоа создава дополнителен напор, стрес, вознемиреност, преместена агресија (од вас кон неа), преголем притисок и очекувања од детето, тогаш вие треба да најдете начин да ја заштитите од таква изложеност, сè додека и законски не се донесат посоодветни мерки, и сè додека и законот не ви понуди некаква заштита од таа дисфункционалност.
Ситуацијата во која поминувате е на самиот почеток и самите знаете дека ова ќе биде долготраен процес. Вие сте на самиот старт од сепарација и бракоразводна постапка, што значи дека ќе биде потребна поголема регулација на односите сега, во ваква поинаква ситуација. На самиот почеток бидејќи сè уште немате никакво решение за старателство на ќеркичката, претпоставувам дека ќе мора самата да одлучувате што е најсоодветно за неа, особено сега и во период на принудна изолација кога се препорачуваат поригорозни мерки на социјално дистанцирање и неизложување на ризичен контакт. Тоа подразбира да го промените, барем во периодот, начинот на контакт на вашата ќерка со нејзиниот татко, земајќи ги предвид ситуацијата на карантин и ризиците од непочитување на истите. Можно е во овој период контактите да се реализираат онлајн или телефонски токму поради тоа што мора да бидеме сите изолирани, и најпрво затоа што треба да ги заштитиме децата од дополнителен ризик.
Сепак, доколку имате потреба од некакви средби, барем во овој период, потребно е да ги договорите да бидат повеќе контролирани, а сепак континуирани, и да не бидат договорени кој кога ќе има време, туку јасно да знаете сите кога ќе ги реализирате. Бидејќи периодот е сензитивен од секој аспект, треба да се водите спрема сопственото чувство на удобност за реализација на истите, а и спрема чувството на удобност што се појавуваат кај детето.
Сега е потребно да ги следите нејзиниот ритам и потреби, а не да ја туркате во средби затоа што возрасните така сакале.
Можеби треба да разговарате како вашето девојче најдобро се чувствува да го сретне татко ѝ, и што можете вие да ѝ понудите за тие средби да се реализираат. Поточно, што ѝ е потребно од вас во тие средби. Откако ќе проверите со неа, ќе помислите како сето тоа можете да го реализирате во согласност со сопственото внатрешно чувство на удобност или вознемиреност.
Секако, во овој период нема потреба да има туркање на детето од двете страни да биде во нешто во што и самото не знае како да го разбере, да го смести, и да изреагира. Кажете ѝ дека е во ред да биде збунета, да не знае што ѝ е потребно, но дека можете според она што во моментот е на располагање да видете што за неа е најкомотно.
Велите дека е доста сензитивно дете? Што значи тоа? Секое дете што поминувало низ дисфункционален однос на родителите и при сепарација и развод е сензитивно дете, затоа што е збунето дете, затоа што е дете што губи, дете што не може да прифати дека семејната идеализација му се крши, дете што многу лесно може да се обвини себеси за настанатата ситуација, дете кое ќе направи сè само работите да изгледаат нормално, дете кое страда и кое првенствено ќе направи сè за родителите да не страдаат.
Затоа е потребно да разговарате и понатаму со неа за тоа дека сите емоции што ќе се појават се нормална реакција, и дека некако за сите е многу тешко да се разберат, но не невозможно, дека вие ќе ѝ помогнете да ги разбере и да ги изрази. И не е потребно само да разговарате, туку и да ѝ обезбедите телесна топлина, утеха, сигурност, секогаш кога ќе ѝ ја прочитате таа потреба во телото и намерата, иако понекогаш таа јасно нема да ви го каже. Потребно е да ѝ кажете дека сте со неа, и дека сè ќе биде во ред, и дека нема да дозволите ништо неудобно да ѝ се случи.
Да се вратиме на средбите, иницијативата за средбата треба да дојде првенствено од родителот, но и од самото дете. Треба да знаете и двајцата дека ова не е борба за власт и влијание, туку за наоѓање посигурен премин низ непознатото, со цел да се намалат ефектите на ваквиот тип сепарација, најмногу врз детето. Никој никого не може да заборави, но секој секого може да направи да се чувствува попријатно и наместо да си ги ослаби ресурсите, да ги засили. Значи и во сепарација, зборуваме за заедничко добро, иако тоа е тешко да се види и почувствува. Поради тоа, потребно е вие двајца како родители, колку и самите да сте во конфликт, да го ставите нејзиниот интерес во прв план и да се потрудите да ја направите нејзината промена колку можете поудобна и полесна. Тоа не значи да ја задоволите секоја нејзина желба или каприц како начин на замена, или да се трудите да ја компензирате љубовта со обезбедување поинакви удопства, туку треба да разговарате за вистинските неудобности и сите природни емоционални реакции што ќе се појават попатно, од тага, лутина, бес до страв, за таа да може да ги препознае и прифати. Доколку ви недостигаат вештини за водење разговор со дете и пружање поддршка на детето во период на развој, потребно е да исконтактирате со стручно лице, психолог, со кој би работеле на соодветни стратегии за комуникација со детето.
Вие како нејзина мајка, потрудете се во разговорот со вашата ќерка да не ја проценувате личноста и однесување на таткото, да не се жалите на него за неговата несоодветна природа како и на ситуацијата во која сте се нашле. Потрудете се да гледате на вашата промена како нешто ново и надежно, нешто кое треба заедно да го изградите и во кое на сите треба да им е поудобно. Ако се задржите само на она што губите и не функционира, тоа би ја збунило уште повеќе. Потрудете се и пореално да и го прикажете процесот што следи во наредниот период, посебно тоа дека возрасните ќе бидат доста лути во периодот, но тоа не е поради неа, туку поради конфликтите помеѓу вас од претходно, и дека ќе се потрудите двајцата, секој на свој начин, да најдете најсоодветно решение за ситуацијата, за полесно сите да го прифатите процесот.
Кажете и дека нема да ја буткате во ништо што и создава неудобност и нека ви каже кога ќе се почувствува така за да најдете некоја друга посоодветна солуција. Ова се однесува и на средбите. Кажете и дека вашата намера не е да не и дозволите средба со татко и, туку напротив, сметате дека треба да се гледаат и да им е убаво заедно, но доколку таа поминува низ нешто со него што прави да и биде неудобно, тогаш треба да ве извести за да најдете друго решение за средба.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912