Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 8 години. Таа уште од мала беше многу комуникативна и дружељубива, секаде и со секого можеше да воспостави контакт и да си игра. Сега, пред крајот на школската година, се преселивме во друг стан, а тоа значеше и префрлање во друго училиште. Ќерка ми знаеше и не покажуваше дека тоа би ѝ пречело. Кога тргна во новото училиште, на почеток не кажуваше дека нешто не е во ред, но почесто кажуваше дека ѝ недостигаат старите другарчиња. По еден месец првпат се отвори и кажа дека неколку деца ја навредувале и дека тешко може да најде другарка за играње бидејќи многу од нив еден ден ќе играле со неа, но наредниот не сакале. Реагиравме кај учителките и родителите да преземат нешто. Потоа почнаа да ни се јавуваат од училиште дека ја боли стомак, одевме на сите доктори, направивме секакви испитувања, но фала богу излезе дека нема ништо. Прашањето е што понатаму? Ние како родители сме премногу загрижени дали таа доживува преголем стрес и на кој начин можеме да ѝ помогнеме?


ОДГОВОР: Секоја промена, особено ако се случува на почеток на социјализацијата, претпоставувам вашата ќерка сега е второ или трето одделение, е исклучително значајна и битна и овие реакции се доста природни реакции на недоволна приспособеност. Потребно е подолго време за приспособување, како и да се сфатат сериозно сите знаци на неприспособеност, како нејзино чувство дека е нападната, а и психосоматиката. Можеби во старата средина оставила некој кој исклучително ѝ бил важен и по кого тагува сега, некое значајно пријателство, другарство… И во таа смисла, сѐ додека не се приспособи на новата училишна средина, обидете се да одржувате контакт и да се гледате и дружите со оние што ѝ се познати од претходното маало.

Воедно, осврнете се и на новите пријателства што ги создава, не со цел да кажете – еве гледаш и тука запознаваш нови другарчиња, туку повеќе прикажете го тоа како нејзин квалитет: чувствувам дека ти е тешко да се снајдеш на новото место, тоа понекогаш може да збуни, види и ние возрасните често се чувствуваме така кога менуваме одредени стари места кои ги познаваме, но забележувам дека ти успеваш да ги најдеш токму оние со кои можеш да се чувствуваш добро, и ќе видиш со тек на време ќе ти биде сѐ подобро и подобро, иако не ти изгледа сега така. Можете овде да се надоврзете со некоја ваша приказна на успешно приспособување, дека и вие сте поминувале низ збунетоста и тешко ви било да ги оставите старите добри работи, но по некое време, споделете што сте добиле, што сте сфатиле и дали старите работи навистина ги оставате или тие остануваат во поинаква форма.
Намалете ја вашата вознемиреност, промените не се случуваат во еден ден, потребно е време, и наместо да се чувствувате виновни за овие промени, започнете да го водите вашето дете низ промените со целото разбирање и почит на нејзината динамика.

Не заборавајте дека таа сѐ уште е вашето дете, но ѝ треба време да се врати на таа сигурност во која ќе може многу послободно да комуницира и да споделува. Додека тоа да се случи, вие и вашите реакции се нејзината сигурност, нејзиното сидро. Реченици од типот „Сѐ ќе биде во ред“ и вашите реакции на тоа колку добро се чувствувате овде и што ви се допаѓа, без потреба да споредувате со старото, ќе ѝ помогнат да ја наде сопствената смисла на работите.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X