Воспитување

Се преселила во Катар и составила листа со работи што ги прават децата таму, а ја шокирале како родител

Јоана е од Полска и пред 10 години одлучила да се пресели во Катар. Детали од секојдневието почнала да споделува на својот блог „Mama In Transit“, како и на истоимениот профил на „Инстаграм“. Во една статија навела осум работи за децата во Катар што ја шокирале како родител.

– Пред да почнете со читање, ве молиме размислете да ги земете информациите со резерва. Не сите деца во Катар се исти, ниту сите родители се мотивирани од исти работи. Исто така, однесувањето на децата е одраз на она што тие го учат дома – не верувам дека некои деца се едноставно „лоши“. Ова го напишав врз основа на моето искуство и она што ме шокираше кога се преселив во Катар со моите деца – напишала таа во воведот.

Деца во скутот на возачот

„Откако пристигнав во Доха во 2012 година, видов буквално сè. Деца како потскокнуваат во скутот на возачот. Детски глави ѕиркаат низ отворени покриви и/или прозорци. Мајки држат доенчиња, користат мобилни телефони и возат автомобил во исто време. Деца лазат од предниот дел на возилото до задниот дел додека автомобилот се движи. Седиштата за автомобили се реткост овде, и покрај кампањите за безбедност на децата. Вообичаен изговор – „Моето бебе плаче кога го ставам во седиштето“.

Деца на игралишта

„Игротеките во Катар се спектакуларни. Огромни, модерни и многу ги има. Но, таму е див запад. Ако сте нови во Доха и одлучите да го однесете вашето дете на игралиште, мојот совет е да го направите тоа порано во текот на денот. Се чини дека има посебни деца кои излегуваат доцна попладне да си играат. Деца кои играат грубо, уживаат во малтретирањето на другите, прават ѓубре како да нема утре и предизвикуваат масовно уништување каде и да одат. Не зборувам за непослушни тинејџери. Зборувам за деца на возраст од 4 до 7 години. Тие изгледа имаат една заедничка работа: многу незаинтересирани родители, честопати невидливи, кои не мислат дека нешто не е во ред со однесувањето на нивните деца“.

Доцна одат на спиење

„Ох, како ме гледаат кога им кажувам на луѓето дека моето 6-годишно дете си легнува во 20 часот. Многу семејства овде функционираат навечер. Не сум сигурна дали е тоа културолошка карактеристика или затоа што е толку топло во текот на денот. Без разлика на причината, многу деца во Катар се ноќни птици и нивните крици често ме будат околу полноќ или подоцна“.

Време поминато пред екраните

„Ако одите во ресторан и погледнете наоколу, ќе видите многу деца како зјапаат во своите мобилни телефони и таблети додека нивните родители си разговараат со своите пријатели. Колку што јас разбирам, постојат ситуации каде што може да му дозволите на детето да гледа цртани филмови. Но, тука е страшно. Дури и на места како паркови, многумина се залепени за екраните на телефоните од нивните родители“.

Исхрана

„Многу семејства овде воведуваат шеќер во исхраната на нивните деца уште на возраст од 8 до 10 месеци. И тоа не е ни задоволство, туку редовен дел од нивната исхрана. Истото важи и за високо преработената храна и лошите јаглехидрати. Овде не е необично да се види 4-годишно дете како талка наоколу со лименка газиран пијалак“.

Однос кон странците

„Ова е всушност слатко, но може да биде опасно. Во многу случаи децата ги одгледуваат многу луѓе, вклучувајќи роднини, соседи, семејни пријатели, пријатели на пријатели итн. Поради ова, повеќето деца се исклучително социјални и отворени за странци. Мене или на моите деца често ни приоѓаат непознати деца, шетаат со нас во трговски центри, ни се придружуваат за време на излети… Не ми пречи тоа, симпатично е, но знам дека може да предизвика проблеми“.

„Книга? Фала, ќе го прескокнам тоа!“

„Ова ме прави особено тажна бидејќи сум страстен читател и се обидувам да им всадам љубов кон книгите на моите деца. Многу деца во Катар не читаат и воопшто не се заинтересирани за книги. Имаат играчки со висока технологија, но не и книги. Свесна сум дека во многу домаќинства читањето не е дел од рутината. И мојот сопруг не сака книги, но сепак ги поттикнува нашите деца да читаат. Освен тоа, цените на книгите во Катар се луди – двојно поскапи од Европа. Затоа е тешко да се купат книги. Бараме користени, но тие се малку, особено за помалите деца“.

Нередот што го оставаат зад себе

Повторно, овој проблем е предизвикан од недостигот на соодветно водство од возрасните. Се сеќавам дека една моја пријателка еднаш ми кажа дека кога се соочила со локално момче што фрлило ѓубре на улица, тоа ѝ рекло: „Ако секојпат фрламе ѓубре во кантата, чистачите ќе останат без работа“. И точно е дека има илјадници чистачи низ целата земја, што е добро, но истовремено ги мрзи луѓето да фрлаат ѓубре во канта! Едноставна работа, како враќање валкани садови или фрлање празна амбалажа во ресторан е нешто необично. Децата сето тоа го гледаат и така учат“.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top