Докази за вертикална трансмисија од новиот коронавирус, од мајката на детето за време на бременоста, се пријавени на виртуелна Меѓународната конференција за ХИВ-СИДА, посветена на Ковид-19.

Од 31 бремена жена заразена со Ковид-19, две од новороденчињата се родиле со инфекцијата, истакнал Клаудио Фенициа, професор на Универзитетот во Милано, Италија.

„Нашата студија покажува дека вертикална трансмисија во матката, од мајката кон детето, е можна кога се работи за Ковид-19. Жените кои ги вклучивме во студијата во март и април годинава, во болниците во Северна Италија – еден од регионите кои најмногу беше погоден од пандемијата – беа на крајот од својата бременост, на крај од трето тромесечје“, рекол Фенициа.

Истражувачите собрале бројни примероци од жените и нивните новороденчиња, меѓу кои и плацента, биопсија од папочна врвца, крв од мајката и папочна врвца, вагинални брисеви, назофарингеални брисеви на новороденчињата, мајчино млеко и амнионска течност.

„Ги тестиравме сите овие примероци барајќи присуство на вирусот, а резултатите силно докажуваат дека постои вертикална трансмисија кај два случаи“, изјавил Фенициа. Во двата случаи на инфекција на децата, примероците од плацентата биле позитивни на вирусот кој предизвикува Ковид-19. Фенициа забележал дека иницијалните тестови не го пронашле вирусот, но подоцнежните примероци од плацентата покажале позитивни резултати на вирусот.

„Двете бебиња биле позитивни кога им бил земен брис од носот веднаш по раѓањето. Едно од бебињата имало IgM (имуноглобулин М) во крвта од папочната врва. Земете предвид дека IgM вообичаено не се пренесува во крвта од мајката кон детето, па присуството на IgM е заради директното изложување на фетусот на вирусот“, истакнал Фенициа.

Сепак, тој тврди дека бројот на жени кои биле вклучени во истражувањето е мал, за да се официјализираат одредени заклучоци.

„Ова треба да се смета како прелиминарна студија, а ова е буквално слика за жените во Италија на почетокот од инфекцијата. Се јавува знак прашалник во однос на тоа што ќе се случи ако жените се заразат порано во бременоста. Понатамошни студии треба да се изведат за да се добие подобар приказ на сето ова“, рекол Фенициа.

Тој и колегите исто така, ги испитале и воспалителните процеси кај мајките и жените, покривајќи различни гестациски возрасти, анализирајќи ја плацентата и папочната врвца, барајќи експресија и ослободување на воспалителните молекули.

„Откривме силен воспалителен статус кај инфицираните жени во споредба со негативните контроли. Ова навистина не е изненадување, но плацентата беше екстремно воспалителна, а феталната крв покажала повисока експресија на воспалителни молекули, а тоа може да биде поштетно дури и од самата инфекција за време на бременоста“.

Фенециа истакнал дека и двете бебиња се добри. Едното имало повторен позитивен тест една недела по раѓањето, а другото имало само минорна инфекција која подоцна во тестовите не се забележувала. Тој додал дека бидејќи бебињата биле инфицирани 2 недели по раѓањето, тој не очекувал дека инфекцијата со коронавирусот би имала долгорочни последици за овие бебиња, но сепак е рано да се утврди тој ризик, бидејќи се работи само за два случаи кај бебиња.

Оваа студија треба да се смета како за знак за предупредување, кој треба да ја зголеми свесноста за оваа тема која се уште не е детално проучена, истакнал Фенициа. Забележал дека кај едниот случај, мајчиното млеко кај жената исто така покажало присуство на вирусот, но многу е рано да се утврди дали се работи за вирус кој заразува.

„Мислам дека не може да се донесе заклучок од само еден примерок“, рекол Фенициа.

Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести, коментирал: „Генерално, децата имаат многу помалку шанса да имаат неповолен исход, особено новороденчињата“. За да се одговори на прашањето дали децата можат лесно да ја пренесат заразата, тој рекол, дека е започната студија која вклучува 6 илјади семејства во САД.

„Дали се навистина слаби преносители или не? Тоа има очигледни импликации кога се размислува во насока на повторно отворање на училиштата“, истакнал Фаучи.

Автор: Ед Сузман

Извор



912

X