Д-р Оливера Алексиќ-Хил, детски психијатар во Институтот за ментално здравје – Белград, Србија, вели дека во време на пандемија родителите имаат поголеми грижи, поради што страдаат и тие и децата.

– Стресот, обврските, загриженоста, можеби и губењето на работата, кризата долго трае. Сега почесто се јавуваат родителите, децата имаат повеќе проблеми, анксиозност, депресија и несоодветно однесување. Исто така, и училиштата на свој начин многу повеќе обрнале внимание за соработка со нас. Имаме многу поголема соработка со педагошко-психолошките служби, па многу е важна мултисекторската соработка – вели таа.

– Кај нас доаѓаат многу отворено, веројатно претходно чукајќи на многу врати, со сериозни проблеми, па ние немаме видување кое потврдува дека е во прашање табу или стереотип. Што се случува пред доаѓањето кај нас, не знам, но приказната за проблемот е добар начин за превенција. Да не зборуваме за скандали. Родителството не се учи на училиште, како многу други работи.

Ние често споменуваме што правеле нашите мајки или баби, нè одгледувале без училиште, но денешното време е премногу комплицирано, предизвиците се големи и на сите страни. Постојат школи за родителство, јас во некои и сум учествувала, но на родителите им се потребни насоки за тоа што ги чека кога ќе дојде детето на свет. Да, доаѓа бебе, круна на љубовта, но тоа е огромен стрес и промена. Претходно воделе различен живот, сега сè се споредува со детето, па мора да им се навести што ги очекува. Мора да бидат информирани за да можат да се справат со стресот и да развијат подобри вештини – вели таа.

Татковците, изгледа, сè помалку се занимаваат со своите деца, покажуваат анкетите и истражувањата, но докторката вели дека во практика не е така.

– Во мојата клиничка практика доаѓаат и татковци и многу добро се грижат за своите деца, редовни се и поставуваат прашања како и мајките. Она што е тренд е родово балансирано родителство, мајките не се домаќинки, туку се и професионалци. Детето кое има поддршка од двајцата родители се развива во поздрава личност. Можеби е вообичаено мајката повеќе да се занимава со детето, но не е комплетно за идентификациски примери за детето. Мораме да ги поттикнеме татковците да бидат добри модели и примери. Може да играат со децата исто како и мајките, сè да прават заедно – вели д-р Алексиќ-Хил.

На што би требало да обрнат внимание родителите кога е во прашање менталното здравје? Кога да се обратат за стручна помош?

– Важно е најпрво да си помогнат себеси, како во авион, прво себеси ставете си ја маската со кислород, а потоа на детето. Разберете како се чувствувате, дали сте депресивни или анксиозни, имате ли проблеми, дали се борите со стресот. Дури и разговор со пријателите, престој во природа и балансирана исхрана, задоволство на работа и дома, се значајни и се од помош. На децата посветете им квалитетно време, играјте си со нив – заклучила таа.

Извор



912

X