Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќеркичка од речиси 6 години и имам голем проблем, се лути, буквално писка и вика на моменти, сака сè да е по нејзино. Во последно време ако види некој да носи очила за сонце, па и обични очила, а дури и маските што се задолжителни, се лути. Забележувам дека некои од кадифените играчки ги врти со лицето кон ѕидот. Имам возачка, но не возев долго време, а сега не дозволува јас да возам, плаче, вика не знам што е проблемот. Татко ѝ или вујко ѝ кога возат, во ред е, дали се плаши јас да возам, не знам, ѝ објаснуваме, но пак плаче. Одеше во градинка, но кога се појави короната, престана да оди. Дома се дружи со детенце што одеше во градинка со неа, најмногу си игра и во парк кога одиме, сè е ок, само проблем прави кога ќе види маска. Што ќе правам од септември кога ќе тргне на школо? Инаку, сама научи да чита, се труди и сама да пишува, црта. Не знам како да постапам, многу се нервирам кога ќе почне да вреска, ја смируваме лажејќи ја нешто. Ќе ве замолам да ми кажете што да правам.


ОДГОВОР: Зборувате за непријатни искуства кои вашето дете ги манифестира со бунтовност и лутина. Секој родител сака да го види своето дете среќно и насмеано. Но понекогаш децата се тажни, уплашени и лути. Непријатните емоции кај вашето дете не се и негативни емоции. На вашето дете му е потребно да има искуство со емоциите, да научи како да ги користи и да се увери дека сè е во ред. На почеток не може да се направи грижата за носење маски, очила или кога вие ја возите во автомобил да ја снема, но можете да се обидете да почнете да ја разбирате и да ѝ покажете дека сте со неа кога ѝ е тешко.

Емоциите кај децата се разликуваат од емоциите на возрасните. Кај децата се спонтани и едноставни, почести се – но краткотрајни, нестабилни и силни и не можат да ги воздржат. Но емоциите истовремено се слични и кај децата и кај возрасните. Тие се вистински и децата и возрасните ги чувствуваат.
Разговарајте со вашето дете за причините на неприфаќањето на горенаведените ситуации и така ќе откриете како да го спречите непожелното однесување, а истовремено ќе го негувате односот со вашето дете. Поттикнувајте разговор со детето, дајте му можност да ги изрази своите емоции и потреби и помогнете му да ги изразува емоциите на прифатлив начин за себеси и другите.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X