Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 15 месеци и многу е хиперактивно – речиси воопшто не седи. Проблем е кога во негова близина има деца, кога пискаат, се смеат и играат, тој се плаши од нив и почнува да плаче. Сам си игра, не зборува, туку кажува само букви и мама. На име се врти откако ќе повторам неколку пати. Кога има гости, ако се многу гласни, исто така плаче и вреска. Надвор си игра сам, често ги гледа децата што прават и потоа ги имитира. Ме интересира што би можела да направам за да го надмине стравот од дечиња и од луѓе што се гласни. Дали ова однесување има некаква поврзаност со аутизам?

ОДГОВОР: Иако развојот на секое дете е индивидуален и посебен, сепак постојат одредени критериуми кои се воопштени за дадената возраст. Во овој контекст ќе го искористам вашето прашање за да набројам неколку, но секако околу развојните проблематики овде не би можеле да даваме мислење со оглед на тоа дека развојната процена е нешто специфично само по себе и се врши исклучиво во стандардизирани и објективни услови.

На оваа возраст во однос на социо-емоционалниот развој детето би требало да се врти на своето име, да ги дава и подава предметите што му ги барате, да имитира гестови со раката и лицето, да мафта, да плеска со рацете, да ги затвара очите, потоа да помага при облекување подавајќи рака или нога, да покажува топол афект кон познати лица. Во однос на комуникацијата, ги имитира игривите звуци на возрасните, дрдори менувајќи ја висината на тонот на гласот, следи инструкции кои се едноставни, како: дај ѝ го на мама, дојди кај тато итн. Во однос на движењето со рацете – става и вади коцки од кутија, со палецот покажува предмети кои ги сака, со палецот и показалецот подигнува мали предмети или храна итн.

Доколку сметате дека постои простор за загриженост, обратете се кај педијатар, дефектолог, логопед за да се направи развојна процена.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X