Дали и вие секогаш сте нервозни кога со децата ќе излезете во парк? Јас сум нервозна и тоа од неколку причини кои, ми се чини, никој не ги проблематизира. Можеби, сепак, во мене е проблемот…

Мајка сум на две мали деца од 4 и 2 години и, се разбира, внимаваме секој ден да излеземе надвор веднаш по градинката, особено во викенд. Гледаме што повеќе да се на воздух и да се истрчаат и со ова не се разликуваме од другите семејства кои исто така се стремат кон истото – престој на отворен простор. Но тој престој надвор често ме нервира. Мојот проблем се парковите. Кога забележав дека ги избегнувам патчињата што водат кон паркот, сфатив дека инстинктот сака да ми порача нешто.
Досега едноставно се нервирав секогаш кога ќе дојдевме во паркот, но веќе некое време размислувам што е тоа што ме мачи, зошто никој од родителите не зборува за тоа и дали всушност треба да уживам заедно со децата?

Справите во паркот се опасни

Замислете некој секојдневно да ве води на покрив од зграда без ограда или со дупки во оградата и да ви вели таму да играте фудбал со пријателите. Парковите за малите деца денес станаа адреналински паркови иако ниту еден родител не го барал тоа. Кој воопшто одлучува какви справи треба да се постават во паркот? По кои критериуми? Дали тие паркови се одраз на светот кој оди во екстреми? Дали тоа се идеи на експерти кои сметаат дека зависноста од мобилните телефони, неактивноста и дебелината на децата се решаваат со вакви справи? Сешто ми паѓа на памет.

Јас не сакам моето дете кога се качува на тобоган да има можност да падне од него во повеќе наврати бидејќи нема ограда, бидејќи покрај него се нишаат некакви штици на синџири без никаква заштита во случај на паѓање, бидејќи целата работа е висока околу два метра, а оградата што постои на некои места е од некаква мрежа со толку големи дупки, што може лесно да пропадне низ нив. Дали е тоа нормално? И дома каде што имаме скали, ставаме ограда без дупки покрај нив, загрижени за безбедноста на децата. Тогаш што се случува во главата на луѓето кои ги смислуваат парковите? Нѐ присилуваат нас, родителите, нервозно да висиме под тие справи, плашејќи се дека децата не само што можат да паднат, туку и да загинат. Бидејќи тие постојано паѓаат, се туркаат, се натпреваруваат кој прв ќе се качи на тобоганот, па паѓањата од таква висина, од справи кои не се прописно обезбедени, едноставно се превисока цена – можат да бидат погубни. Доволно е тоа да се случи само еднаш. Јас не сакам да ризикувам такво нешто.

Под тобоганите има повеќе родители отколку деца на нив

Добра потврда дека сум во право е токму фактот дека возрасните веќе не седат на клупите наоколу разговарајќи меѓу себе додека децата си играат, туку сите по ред стојат под огромниот тобоган (некои и се качуваат на него) и врескаат, предупредуваат, викаат, навиваат како да сме во арена.

Тоа не е ниту атмосфера на слобода и игра – она што всушност треба да биде, ниту е нешто што нас и децата нѐ прави среќни. Ние сме уплашени, фокусирани на случувањата на тобоганот, немаме мир, немаме можност да земеме здив, а децата немаат можност да ја развиваат својата самостојност, чувство на слобода на кое се сеќавам како на најубавиот дел од моето детство – некогаш се враќав дома кога ќе се стемнеше со чувство на среќа, исполнета исцрпеност и чувство дека целиот свет е мој. Се подразбира дека игравме сами, без родителите, нѐ имаше од сите возрасти – од 4 до 10 години – и трчавме околу зградата по цели денови додека мајките да ни викнеа дека почнуваат цртаните филмови.

Така јас ја доживувам слободата и мислам дека така треба да ја почувствуваат и моите деца. Реално, тешко дека денес е можно такво сценарио, а не сум сигурна ни дали некогаш ја почувствувале таа слобода кога јас и сопругот постојано сме во нивна близина како некои злобни баби кои постојано потсетуваат на опасностите.

Автор: анонимна читателка



912

X