ПРАШАЊЕ: Мајка сум на три деца. Пред околу 2,5 години се лекував од канцер. Моите деца, нормално, поминуваа заедно со мене низ целиот пекол, т.е. не им беше јасно кажано што ми е, но сепак гледаа како се распаѓам. Помина сето тоа, фала богу со одлични резултати, но децата малку психички паднаа. Разговарав со нивниот педијатар за да ми препорача некој психолог, а таа рече дека нема потреба, јас сум психолог за своите деца. Големата има 17 години и многу е нервозна, што не беше случај порано, средната има 10,5 години и при најмал стрес се тресе, сака да искине нешто, да направи некоја пакост само за да се смири, станува сред ноќ за да види дали сум добра, а најмалото има 3,5 години и при најмал стрес почнува да повраќа. Се плашам само да не им остане тоа понатаму во животот. Јас сум најпрвин другар со моите деца, а потоа мајка. По сè што поминавме, сопругот си тера по свое, т.е. не обрнува внимание на ништо. Би сакала да слушнам од вас барем некој совет. Сè ќе направам за доброто на моите деца.

ОДГОВОР: Честитам на борбата што сте ја издвојувале, сигурно знаете дека човек кога се бори со вака смртоносна болест, генерира умор од самата борба, така што спознанието дека сте добри, иако е еден предобар резултат, верувам дека не ве остава мирна…Потребно е понатаму да се грижите за себе и да научите како повторно да живеете без голем страв, а тоа е навистина друг голем потег. Од друга страна, ваквата борба го менува човека, го полни со страв, вознемиреност, грижа и не може никој да даде целосна потврда на еден нов безгрижен живот. Безгрижноста што постоела пред вашата голгота веќе ја нема. Вам болеста ви оставила голем аманет да се грижите и да наоѓате начини како да уживате во животот. Како што кажав, тој грч е многу тежок да се омекне и потребни се години за вие да се уверите дека сè е ок со Вас. Тоа значи дека вие не можете да бидете психолог на вашите деца кога било, а особено не сега, но значајно е да побарате психо-социјална поддршка за вас. Еве би ви препорачала да се зачлените во ФБ-групата на жени борци насловена како Љубов сме/Jemi dashuri преку која секоја среда се нуди групна психолошка поддршка на различни теми. Во истиот дух и Клиника за онкологија нуди психолошко советување обезбедено во соработка со Комората на психолози. Верувам дека за вас таа ќе биде доста значајна. Исклучително значајна ви е поддршката од сличните, сите оние што како вас се борат и се избориле со оваа болест.

Вашите деца ја изгубиле целата сигурност во животот што во даден момент им била загарантирана, ве гледале како се борите, мачите, пропаѓате, но и како се изборувате со она што можеби е вашата најголема борба. Во нивните главички болеста сама по себе е нејасна, а силна, со огромна сила и моќ да им ја одземе единствената мајка што ја имаат, секој ден им приредувала огромно стресно шоу, во кое тие трепереле во неизвесноста, се плашеле, се грчеле и самите. И некако тој психички умор од таа огромна психичка траума на ваше пролонгирано боледување без познат крај, а со многу често катастрофични исходи, оставила и ќе остави големи траги врз нивната сигурност, врз нивните безгрижни животи. Оваа ваша битка и нив комплетно ги менува. Така сите овие симптоми на однесување што ги споменувате се резултат на трауматски стрес, секое од нив зависно од возраста во која се наоѓа, во можност да може или не може да разбере, и капацитетот да го опфати сето тоа. За да се смири сето тоа, и ним ќе им биде потребно секојдневно и долготрајно убедување во вашето здравје, а додека тоа се случи, тие можат да треперат на најмал сомнеж, да ве проверуваат, да покажуваат однесувања со цел да ја испразнат акумулираната загриженост преку нервозното однесување, кинењето и повраќањето (кое е психосоматска реакција на нешто што не можеме да го свариме).

Не би можела за секое да дадам насоки, сметам дека за секое посебно треба да се исконсултира психолог, или пак да работите како семејство на болеста која ве има изместено. Во приказнава секој пати и страда, и невозможно е понекогаш еден да му биде поддршка на друг. Она што како мајка можете да го направите е да ги разберете нивните реакции, и да не дозволите да ве преплашат, затоа што сега сте врзани во магичниот циклус на заплашување, и се губи трагата кој за кого се плаши. Колку и да велите дека со мама сè е ОК, сепак треба време, како и за вас, полека да се уверат дека сте добро. Вие сега не можете да го гарантирате тоа, нели, бидејќи ни самата не сте сигурни… Она што би можеле е да ги искористите тие нивни движења на страв и стрес за да ја воспостават самите контролата над животните процеси. На пример, многу добра проективна техника е „нацртај го своето чудовиште“, со цел стравот малку да се приближи и да се нормализира. Нека не ве чуди што децата стравуваат за сопствените родители. Кажете им дека е нормално да стравуваат за вас и наместо да се чудите „од каде сето ова“, разговарајте, разговарајте дури и ако е болно, дури и ако се расплачат, тие сакаат да ве почувствуваат, да ве гушнат затоа што контактот и вашиот допир се единственото веродостојно нешто во целава приказна. Кога ве гушкаат, вие сте тука, кога ве допираат, вие сте до нив. Гушкајте се повеќе, плачете заедно, дружете се дури и кога сте нерасположени и тажни, цртајте го она што ве плаши, напишете песна заедно, раскажувајте им за вашите походи, за вашите победи, славете ги победите, кажувајте им за тоа како бевте посилна од болеста и како нема да престанете да се борите.

Бидејќи станува збор за трауматизација кај вас и вашите деца, ви советувам да работите на оваа траума додека е уште актуелна, користејќи соодветни пристапи во адресирање на истата. Траумата стана ваше секојдневие, па баш поради тоа воопшто не е несоодветно да се побара помош. Напротив, навремената психолошка помош во трауматизација дава исклучителни резултати во процесирање на она што се случило или има опасност да се повтори.

Ви посакувам убав контакт со вашите деца, дајте им го она за што толку силно се боревте. Верувам дека е тешко, но верувам и дека ќе успеете. Оти веќе сте успеале, зарем не?



912

X