Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам син на возраст од една и пол година. Во последниов месец и пол почна агресивно да се однесува и кон себе и кон другите. Обично кога ќе му речеме дека не смее нешто да прави, или кога ќе го оттргнеме од некоја активност што ја прави во моментот, почнува да се удира по главата со двете раце или да ја удира главата од земја/ѕид. Се врти во круг, се фрла на земја, пробува да нè гризне или да нè штипне, секојпат кога ќе го чуе зборот „не“. Истото е и кога е опкружен со други деца. Или ги игнорира или ако тргнат да си играат со него, или не дај боже да му земат играчка, ги мава, ги гризе, ги турка на земја.
Инаку, кога кажувам работи што не смее да ги прави или активности од кои го оттргнуваме, мислам на: качување на комодата на која стои телевизорот, качување на потпирачите за грб на каучите, обиди да го спушти ѕидниот часовник, качување на клуб-масата, правосмукалката, на вратата на машината за перење алишта, садови, шпоретот, вклучување и отворање/затворање на истите, вадење ножеви, виљушки, буквално сè што претставува опасност за него. Ако пробаме да го гушнеме или бакнеме додека има таков испад, нè удира и со раце и со глава. Ако пробаме да го скараме, продолжува да го прави истото со уште посилен интензитет. Играчките не го интересираат многу, единствено со нас, автомобилчињата и коцките сака да игра.
Повеќе е навртен кон „опасните работи“. Не знаеме како да постапиме, сè уште не разбира да му објасниме, не знаеме дали станува збор за хиперактивност, чиста детска љубопитност, незадоволство или пак проблемот е во нас родителите…
Прашува: мајка
ОДГОВОР: На возрасните понекогаш им е тешко да го разберат детскиот емоционален свет. Понекогаш детските емоции ни изгледаат претерани. Тоа што ги поттикнало понекогаш не сме го забележеле, а очекувањата како би требало детето да се однесува се повисоки од тоа колку детето развојно е способно. Запознавањето на детскиот емоционален развоен пат помага да се разбере детето, да се има реални очекувања од него и поефикасно да се справуваме со детското однесување. Многу свои карактеристики децата ги развиваат под влијание на возрасните од својата околина, а најмногу од родителите.
Наташа Маџевска, психотерапевт
Од темпераментот зависи кои емоции детето ќе ги доживува почесто и поинтензивно. На оваа возраст децата ја изразуваат лутината и се бунтовни, едноставно ги откриваат своите желби и потреби, го насочуваат однесувањето кон нив и бунтовно реагираат ако не успеат во своите намери. Детските емоции се силни и краткотрајни, а расположението се менува во моментот. Своите чувства децата на оваа возраст ги изразуваат спонтано и отворено каде што родителите имаат увид во нивниот емоционален свет. На детето треба да му се помогне да научи да ги контролира спонтаните емоции со кои се сретнува и да ги изразува на соодветен начин.
Прифатете ги неговите спонтани емоции и речете му: Ти си лут. Кога си лут, што сакаш да правиш? Колку е безбедно кога си качен на…? Како се чувствуваш кога си горе? А како би се чувствувал кога би бил долу? Можеш да пробаш и да видиме какво е искуството.
Ја разбирам вашата родителска спонтана уплашеност од повредување, но обидете се во тој момент со смирен глас да бидете со вашето дете и разговарајте за состојбата во која тоа во моментот не е безбедно. Понекогаш кажете му: „Гледам дека сакаш да го средуваме приборот за јадење“ и одвојте време и редете, прередувајте ги фиоките. Тоа ќе го смири и збуни, бидејќи вие ќе бидете смирени, без забрани за неговото истражување и љубопитство. Така тој полека ќе ги менува своите брзи, спонтани и истражувачки, а небезбедни активности.
Разговарајте и учете го дека е во ред да биде луто, но не е во ред да удира, гризе или да ги фрла играчките и да ги тепа другите деца. Гледајте заедно цртани филмови и зборувајте му за карактерите на ликовите, што е добро, а што лошо. Разгледувајте сликовници, читајте во зависност од неговата истрајност и зборувајте му за добрите ликови и како се чувствуваат ликовите од сликовниците.
Играјте со коцките и автомобилчињата кои му се омилени и полека во игрите воведувајте нови играчки и правила на игра.
Детската склоност за тестирање граници на родителите е многу предизвикувачка. Обидете се да не ве преплават емоциите и кога ќе почувствувате дека го губите трпението, земете си време за себе и реагирајте смирено и промислено. Со своите примери научете го детето во секојдневните искуства да препознае што го прави среќно.
Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912