Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 5 години и пред да почне да оди во градинка немаше стекнато близок однос со нејзина врсничка. Пред два месеци тргна во градинка со нејзина познајничка, па како единствено дете што го познава таму многу се приврза со неа и не сака да се дружи со другите деца. По градинка често одиме да играат во паркот, но ако дојдат други дечиња што ги познава девојчето, тоа не сака да игра со ќерка ми, па таа се вознемирува и почнува да плаче. Претходно каде и да одевме си беше дружељубива и комуникативна со други деца. Како да ѝ помогнам да сака да се дружи со сите дечиња и да не се приврзува само за едно?
ОДГОВОР: Тргнувањето во градинка е вклучување на детето во нова социјална средина и врсничка група и притоа развивање чувство на припадност. Од вашиот исказ можам да разберам дека вам ве загрижува социјалниот однос на вашето дете кон децата, односно потребата да се дружи и да биде во близина на само едно дете кое го познавала пред да тргне во таа група.
Потребата од приврзаност кон едно дете може да потекнува од стравот на родителите за тоа каква ќе биде адаптацијата на нивното дете, предвремено потенцирајќи и посочувајќи на детето со кое веќе има воспоставено контакт, назначувајќи го како дете „спасител“.
Друг фактор може да биде и самиот интринзички страв на детето кое влегува во нова социјална средина и најбезбедно се чувствува до детето кое веќе го познава бидејќи сѐ уште не знае што да очекува од другите деца. За сето ова на детето му е потребно време да почувствува дека е безбедно, сигурно и дека припаѓа во таа врсничка група. Во овој период на адаптација читајте социјални приказни приспособени за оваа возраст и користете охрабрувачки глас.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912