Ако детето не е болно (нема симптоми на инфекција или болест), не се дава антибиотик. Има само еден случај кога може да се препише, ако се најде бета хемолитичен стрептокок од групата А, а детето е склоно кон инфекции од него

Доколку детето нема симптоми на инфекција или болест, а со брис од нос и грло се пронајде бактерија, не треба да прима антибиотик, објаснува проф. д-р Никола Пановски, микробиолог од Институтот за микробиологија. Има само една ситуација, дополнува професорот, кога во ваков случај детето треба да прима антибиотик.

Родителите се често збунети околу препишувањето антибиотска терапија ако се најде бактерија со брис, а детето нема симптоми на инфекција; различно се однесуваат и матичните лекари кога станува збор за терапијата.

Двајца лекари – две различни мислења

За многу родители ситуацијата дополнително се комплицира зашто има градинки чии правила се да не се прима дете ако не се донесе негативен брис, додека други бараат само потврда од лекар дека детето е здраво.

Резултати од брис или лекарска потврда? Што се носи во градинка откако ќе оздрави детето?

– Двајца лекари дадоа различно мислење. А во градинка бараа брис. И на крај ставивме локален антибиотик во носот, успеавме да добиеме негативен брис и така ја решивме ситуацијата. Ако воопшто ја решивме – вели А.М., мајка од Скопје.

За антибиотик се размислува само ако се најде стрептококус пиогенес

За брисот да е негативен, детето треба да прима антибиотик иако не е болно, што е еднакво на злоупотреба на антибиотска терапија и е опасно.
– Ако детето не е болно, не се дава антибиотик. Никако. Има само еден случај кога може да се препише. Тоа се прави ако се најде стрептококус пиогенес или бета хемолитичен стрептокок од групата А, а детето е склоно кон инфекции од него, или има други лица во околината склони кон инфекции. Но, оваа бактерија ретко се наоѓа кај деца до 3 години. Во ниту еден друг случај не се дава антибиотик – објаснува проф. Пановски.

Проф. д-р Никола Пановски

Оваа бактерија е средно отпорна, чувствителна на пеницилин. Влезна врата е слузницата на горните дишни патишта, а заболувањата што ги предизвикува се наречени стрептококози.

Кога станува збор за градинките, професорот смета дека треба да се однесе потврда издадена од матичен лекар дека детето е здраво, откако ќе отсуствува поради болест.
– Ако треба да се прави брис, матичниот лекар ќе го упати детето да се направи брис – вели д-р Пановски.

Се јавува недоверба кон лекари

Група македонски лекари, меѓу кои и матични педијатри, неодамна расправаа на социјалните мрежи за опасноста од некритично препишување антибиотици. Матични педијатри коментираат дека поради ваквите навики на лекари во повисоките здравствени нивоа, пациентите се збунети и се гради недоверба кон примарното ниво, т.е. кон нив.

Со антибиотик не се лекуваат вируси

Непотребното и неконтролирано примање антибиотици прави резистентност, т.е. сè поотпорни и поотпорни бактерии за чие третирање се потребни сè поголеми дози антибиотик. Истовремено со злоупотребата на овие лекови се создаваат и т.н. супербактерии, на кои не дејствуваат антибиотиците и лицето што се соочува со инфекција е доведено во живото-загрозувачка ситуација.

Билјана Мојсоска, научник: „Антибиотиците се опасни само ако неодговорно ги користиме“

Нема антибиотик што ги лекува сите болести. Исто така, антибиотиците не се лекови против болки.



912

X