Многу лесно го етикетираме оној со проблематично однесување и често развиваме тактика за справување со избегнување или игнорирање, што е најтешката комуникација која едно дете или млад човек може да ја сфати и прифати, вели таа
Агресивното однесување во училиштето е сеприсутно и тоа се движи од постојан бунт и изразување незадоволство до целосно повлекување и самоповредување, вели Радмила Живановиќ, лиценциран психолог и европски акредитиран психотерапевт, која неодамна имаше предавање на тема „Лутината и агресивното однесување во училиштето“.
Како што споделува таа, во рамките на оваа обука се зборува за феноменот на лутината, како да се препознае и каков однос да градиме за одредена појава; кои се извори на лутина и дали секогаш тие извори се дел од образовниот процес или влечат сила од други контексти, лични и општествени. Зборувавме за дистинкцијата и препознавањето извор и тригер на реакција на лутина, за препознавање манифестации на неконструктивна и конструктивна агресивност – поточно асертивност, како и разликата од реактивност на лутината и подготовка на соодветен одговор на лутината и преземање одговорност на возрасниот во справувањето. Многу зборувавме за тоа како да дејствуваме превентивно покрај репаративното дејствување.
– За лутината и агресивното однесување првпат почнав да зборувам во рамките на семинарот организиран со Здружението „Ајнштајн“. Продолжив и понатаму да ја развивам програмата и ја спроведов на покана на мојата драга колешка Елена Кабранова, училиштен психолог, со колективот наставници и стручната служба од ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино. Преку оваа обука наставниците добија соодветна психоедукација и алатки за разбирање и справување со неконструктивната лутина на нивните ученици – вели Живановиќ.
Колку е забележано агресивното однесување во училиштето и што најчесто го предизвикува?
– Агресивното однесување во училиштето е сеприсутно и тоа се движи од постојан бунт и изразување незадоволство до целосно повлекување и самоповредување. Самоповредувањето е тивката страна на неизразената лутина и е многу присутно периодов во погорните одделенија и во средното училиште во периодот кога се случуваат значајните одвојувања на детето од семејството и се вгнездува во одредени врснички и медиумски влијанија, кои стануваат најзначајни и најдоминантни во животот на тинејџерот и адолесцентот. Агресивното однесување, поточно она со кое ја загрозуваме безбедноста на другиот, всушност е одраз на несигурноста и небезбедноста на светот и семејствата. Децата и младите, а богами и возрасните, не поседуваат начини и вештини за конструктивно изразување на лутината, и многу често секоја реакција на лутина кај децата и младите, возрасниот наместо да ја разбере, ја патологизира и демонизира. Така, наместо да се запрашаме како таа се креира кај детето или младиот или како како возрасни ја нарушуваме безбедноста и сигурноста на тоа дете, на тој млад човек во одредено опкружување, ние се браниме од неа и применуваме многу неефективни начини. Преместената агресија е, исто така, доста присутна и од учениците кон наставниците, но и од наставниците кон учениците. И самиот наставен кадар со години се наоѓа на раб на професионално согорување затоа што му недостига поддршка да се справи и да адресира одредени проблематични однесувања во одделенијата. И на крајот, секој импровизира како што знае, некогаш успешно, некогаш без успех. Од друга страна, многу лесно го етикетираме оној што е со проблематично однесување и честопати многу брзо развиваме тактика за справување која е или избегнување или игнорирање. Свесни сме дека игнорирањето е најтешката комуникација што едно дете или млад човек може да ја сфати и прифати. Но, како возрасни често ја користиме мислејќи дека така ќе го искорениме однесувањето. Значи патат светот и возрасните, патат и децата и младите.
Како ги советувате наставниците и стручната служба во училиштата за успешно справување со лутината, бесот, агресијата?
– Многу е значајно да си ја познаваме сопствената лутина, бес и агресија, и самите да научиме начини како да се справиме со нив. Потребно е да знаеме дека ние предизвикуваме реакции кај другите, да си ја знаеме одговорноста и улогата од која дејствуваме. Во секој случај, наставникот не е сам, системот треба да му овозможи голема поддршка за да ја врши професионално и адекватно својата функција. На обуката дојдоа наставници кои навистина се вредни и посветени на развојот на децата и кои сакаат да ги адресираат проблемите на учениците. Сметам дека дојдоа првенствено за нив, а не за себе. Оној што се бори, ќе продолжи да наоѓа начини како да го направи тоа. Но што е со оние што воопшто не се вклучени, дури и дисоцирани од работните позиции, сосема незаинтересирани за тоа каков впечаток и удел имаат во животот на децата? За тој голем дел, јас навистина не знам кој би бил одговорот, веројатно системот треба да одговори. Стручната служба прерасна во казнувалиште и испит на најнепослушните. Во неа доаѓаат децата што „згрешиле“ некому, а не оние што се интересираат и сакаат да работат на себе. Стручната служба се обидува да направи сѐ за работите да течат непречено. Сепак, многу малку гледаме во тим на стручната служба кој е целосно екипиран и неоптоварен со административна работа и казнувачка улога. Некои си ја прифаќаат таа улога, некои се обидуваат да применат поинакви пристапи во советувањето на децата и родителите и да го редефинираат тоа место во училиштето. Така, на пример, многу е значајно како го водите разговорот со дете кое веќе е етикетирано како неподобно или дете кои е злоупотребено, кое е жртва на (сајбер) булинг, или дете кое се самоповредува. Многу деца ги трансформирале сопствените етикети и развој благодарение на вклученоста и ангажираноста на стручната служба. Сепак, не сите стручни служби се ангажирани на ист начин.
На каков одѕив наидовте кај учениците, наставниците? И кои беа најчестите прашања?
– Одѕивот ги надмина моите очекувања. Се појавија 50-ина наставници и тимот на стручната служба, во зависност од тоа дали се одделенски или предметни наставници. Забележливо е дека ваквите интервенции треба да се обезбедат уште од самиот старт на образованието на децата. Она што добиваат предметните наставници е многу помал увид во однесувањето на децата. Учениците често вешто манипулираат согласно сопствените потреби, соодветно на тоа со кој наставник комуницираат. Најчестите прашања беа како да се справиме со постојано агресивно однесување на учениците кога родителите се неприсутни, и за разговор, и психички се оптоварени со одредена траума, и не прифаќаат одредени насоки од наставникот. За одредената своеволност на учениците, наставниците сметаат дека доаѓа од начинот на кој авторитетот на наставник е прифатен од страна на семејството, како и тоа дека претставува пренос на дисфункционалноста од дома во училиштето. Прашањето им беше која е нивната улога и влијание во овој случај, каде е границата на дејствување во однос на ученикот и во однос на другите ученици во одделението.
Она што е забележливо е дека училиштата не успеваат да понудат родителска едукација во однос на одредена феноменологија кај децата, се претпоставува дека и родителите треба да „знаат“ како со нивното дете. Секоја генерација носи своја специфичност, особено генерациите на дигиталната ера, каде што е многу тешко да се утврди дали одредено проблематично однесување е ефект на одредена мака и тешкотија или е само начин да се имитира и припаѓа во групата.
Која е невидливата страна на агресијата? И што е автоагресија?
Автоагресијата е спречена агресија кон надвор, тогаш кога не се создадени услови за прифаќање на агресијата на детето. Често се јавува кај деца кои се премногу воспитувани или кои стравуваат дека ќе бидат прифатени доколку изразат спротивен став, мислење, емоција. Овие деца често оперираат со „мора“ и „треба“ и имаат ниска самодоверба и доживување дека зависат од другите дали ќе бидат прифатени. Затоа и често се подложни на злоупотреба, затоа што не даваат отпор. А отпорот некогаш е живот самиот по себе, особено во средини кога не сме во можност да си ги носиме родителите да ни кажуваат или да нѐ штитат со своето родителско его и мора самите да се снајдеме во ситуацијата. Тоа се деца во кои импулсот за спротивставување е покренат, фрустрацијата е присутна, но ја пренасочуваат кон себе, како поприфатлива за средината. Не сме многу запознаени со оваа појава, но оваа генерација на млади, поради недостиг на средина која ќе ги прифаќа онакви какви што се, често посегнуваат кон самоповредување како физички корелат на посилната психичка болка.
Зошто е важно да се зборува со учениците и наставниците на вакви теми од областа на менталното здравје?
– Нема здравје без ментално здравје, особено во средина која е силно фрагментирана, несигурна, нестабилна и променлива, и во недостиг на добро изградени вештини и капацитети за справување и адаптација на таа нестабилност. Постои голем ментален данок со кој се справуваат семејствата и возрасните генерално, кој ги осиромашува за водење адекватна грижа за помалку возрасните, децата и младите. Во недостиг на можности и со голем необјаснив страв, почесто избираме да ги стегнеме и да ги контролираме процесите отколку да им дозволиме да дишат, да се развиваат. Не се потребни големи решенија, потребна е поголема присутност, свесност и потреба за разбирање.
912