Воспитување

Самодовербата не е наследна – се гради, но и се руши

Самодовербата подразбира позитивна слика за себе, а нејзиното отсуство – негативна слика. Тоа е нашата свест за тоа колку вредиме, а ја развиваме вреднувајќи го она што сме, своите постапки и остварените резултати. Личност со самодоверба ги прифаќа и ги сака сите свои доблести и маани. Стои зад своите грешки и неуспеси, исто како и зад успесите. Можеме да разликуваме внатрешна и надворешна самодоверба. Внатрешната подразбира чувство на задоволство од себеси, додека надворешната е во врска со нашите вештини и способности.

Самодовербата не е наследна, таа се гради, но и се руши. Може да варира од ден на ден, подложна е на промени кои потекнуваат од нови искуства. Меѓутоа, основата што ја надградуваме во текот на созревањето се стекнува во детството. Со почетокот на адолесценцијата децата стануваат посвесни за себе, настојуваат, се прашуваат кои се тие всушност. Секако, тоа е нешто на што треба да се обрне внимание со оглед на тоа дека лошата слика што ја развиваме за себе многу тешко се менува.

Самодовербата не е одраз само на сопствените, туку и на туѓите процени на детето. Сите искуства во животот, како позитивни така и негативни, влијаат врз сликата што детето ќе ја развие за себе, а со самото тоа и врз нивниот поглед на различните ситуации. Мислењето што детето го има за себе е поврзано со забележувањето на другите лица, ситуации и целокупното опкружување. Детето го прифаќа мислењето што за него го имаат лицата кои му се важни и ги усвојува како сопствени.

Ако детето е прифатено, почитувано и наградувано за своите успеси, ќе ги прифати и своите позитивни и своите негативни страни.

За развој на самодовербата во детството, важни се две компоненти: чувство дека за нешто сме способни и чувство дека сме сакани. Тоа значи дека детето што добива добри оценки, но му недостигаат пофалби од страна на родителите, може да развие ниска самодоверба, исто како и детето кое е во центарот на вниманието, но не ги постигнува саканите резултати. Воопшто, можеме да кажеме дека самодовербата подразбира да го очекуваме од себе она што можеме да го оствариме, не поставувајќи барања кои не се ниту превисоки ниту прениски, да бидеме во центарот на предизвиците и да ги остваруваме своите цели, трпеливо, чекор по чекор. Меѓутоа, ниската самодоверба што ја носиме од детството може да придонесе за појава на различни ментални проблеми во текот на животот – депресивност, анксиозност, пасивност, проблеми во партнерските односи.

Децата со развиена самодоверба наспроти оние со неразвиена самодоверба

Децата што имаат развиена самодоверба се посигурни во себе и во своите способности. Оптимистични се, отворени, енергични, одлучни. Лесно стапуваат во контакт со другите деца и возрасните. Постигнуваат успеси на училиште, спортските активности, креативни се. Знаат да се носат со неуспеси и критики и да ги претворат во мотивациско средство.

Децата со ниска самодоверба се затворени и срамежливи, а на фрустрацијата може да одговорат и со агресија. Избегнуваат нови и непознати ситуации, особено оние каде што се изложени на процена и лесно се откажуваат бидејќи критиките и неуспесите тешко им паѓаат. Тешко донесуваат одлуки, а кога ќе ги донесат, ги сметаат за погрешни. Мислат дека не се вредни за внимание, дека не се вклопуваат со врсниците од своето одделение, дека се подобри, поубави, попаметни од нив и тешко остваруваат комуникација со нив. Сметаат дека другите имаат повеќе среќа на училиште, дека се поуспешни спортисти, дека се попривлечни за спротивниот пол и слично. Имаат тешкотија да ги искажат своите желби, потреби, ставови. Не умеат да постават граница кон другите. Кога некој ќе им подари внимание, во однесување се јавуваат две крајности: 1) ги ставаат тие деца пред себе, па често стануваат жртви на тие за кои помислуваат дека ги прифаќаат – оние кај кои исто така во голема мера се присутни несигурност и внатрешно незадоволство, што се обидуваат да го надминат со омаловажување на другите, послаби од себе – тоа е особено изразено кај тинејџерките или 2) одбиваат повик за дружење, се затвораат и се изолираат поради недоверба кон околината и за да се заштитат од можните негативни искуства, пропуштајќи ја така шансата да им се случи нешто убаво.

Склони се кон перфекционизам. Поради тоа, се откажуваат кога ќе проценат дека не можат да достигнат совршенство, дека не можат да победат и да бидат најдобри, што води кон тоа да покажуваат помалку од своите можности. На пример, не сакаат да се јават и да одговараат за да поправат лоша оценка која ја добиле на контролен тест. Не умеат да прифатат пофалби и комплименти, туку се потценуваат себеси. Изразена црта може да биде и љубомората кон другите деца.

Како се одржува ниската самодоверба?

Процесот на интроекција подразбира дека туѓото мислење за нас го усвојуваме како наше сопствено. Така, на пример, момчето што не може да совлада геометрија и од родителите, наставниците и/или пријател постојано слуша дека е глупаво, почнува да го мисли тоа за себе. Девојчето чија симпатија ѝ кажува дека не ѝ се допаѓа, почнува за себе да мисли дека е грдо. Така настануваат таканаречените негативни уверувања за себе. Тие може да исчезнат кога ќе се доживее одреден успех. Меѓутоа, колку ги има повеќе, почнуваме да ги доживуваме како свои реални особини, па самодовербата е сè покревка, а евентуалниот успех почнува да се припишува на добра среќа. Врз основа на негативните уверувања, нашето внимание станува селективно и се насочува само кон она што е лошо – дете кое во одделението е неприфатено од страна на група ученици, па смета дека ниту другите нема да го прифатат иако тие покажуваат иницијатива, па одбива да оди на екскурзија или да им се придружи на одмор. Во врска со овој пример е и генерализацијата, која се јавува во нашето мислење во врска со ситуацијата која предизвикува несигурност, а врз основа на некое претходно случување или донесување генерални заклучоци. Така детето може да се откаже од дружење бидејќи има став „ако им пријдам, и тие ќе ме отфрлат“.

Автор: м-р Анѓела Златковиќ, дипл. дефектолог-социјален педагог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top