Впечатокот дека со секоја нова генерација, по правило, се намалува интересот за „пишаниот збор“, го потврди и последното истражување на независната добротворна организација „Нешнл литераси траст“, објавено на крајот на октомври.

Во ова истражување се наведува дека во 2024 година е забележан најмал број на деца и млади луѓе кои изјавиле дека уживаат во читањето споредено со 2005 година, кога организацијата почнала да го спроведува своето истражување.

Според наодите од истражувањето, само едно од три деца на возраст меѓу 8 и 18 години изјавило дека ужива во читањето во слободното време во 2024 година, што е само 34,4 отсто од вкупниот примерок, што претставува пад од 8,8 процентни поени во последната година. Истовремено, само еден од пет млади луѓе на иста возраст посочил дека чита нешто секој ден во слободното време во 2024 година, што организацијата го посочува како најниско ниво на зачестеност на читањето забележано од 2005 година.

– Културата на читање е значително помалку негувана отколку што беше случај порано. Вниманието на децата го привлекуваат различните социјални мрежи, како и кратките текстови. За нив книгите се малку заморни и напорни, како што често велат. Не се заинтересирани за таков начин на размислување, долги реченици, меморирање, зборување на тие теми. Побрзите форми на комуникација и размена на информации им се многу поблиски и почесто ги користат – вели психологот Бранка Тишма.

Таа забележува дека сè помалку им се читаат бајки и приказни на децата пред спиење, а дури и на училиште тоа стана само уште една „тешка ученичка обврска“.

– Сѐ помалку им читаме, сѐ помалку купуваме сликовници и бајки. Можеби некаде во најраната возраст кога се бебиња и кога родителите следат некои инструкции или совети дадени од експерти. Подоцна се губи тој дел од читањето и слушањето, претпоставувам во брзиот начин на живеење. Порано децата си играа со она што го слушнале или што некој им го читал, преку играње улоги, што исто така денес е поретко. Во нивната игра сега влегоа некои други содржини, а таа постепено исчезнува како феномен – објаснува психологот.

Психологот додава дека уште од мали нозе децата стекнуваат голем дел од навиките и дека клучна е улогата на родителите, како и на другите возрасни лица кои индиректно, но и директно, можат да имаат влијание врз тоа како тие го доживуваат пишаниот збор.

Од друга страна, Тишма вели дека не е невообичаено младите подоцна да почнат да читаат литература што ја пропуштиле на порана возраст.

Извор



912

X