Воспитување

Сакав да бидам мајка што вели „да“, но сфатив дека сум подобра мајка кога велам „не“

Очајно сакав да бидам мајка што вели „да“.

На мојот сопруг му се допаѓа кога им кажува „да“ на децата. Тој е навистина добар во тоа, па често им вели: „Тоа е одлична идеја, што ако го направиме тоа?“ Кога моите деца беа мали и јас бев решена да го правам истото. Сакав да бидам таа забавна мајка што ја гледав на „Инстаграм“, со најдобрите роденденски забави и најсреќните деца.

Се сеќавате на лудоста со „слајм“? Јас се сеќавам бидејќи тогаш ја научив важноста на цврстото „не“ во мојот мајчински речник. Сакав да им кажам на моите деца: „Дали сакате да направите слајм? Нема проблем! Не грижете се за нередот! Бидете креативни! Забавувајте се!“, додека ги подготвував состојките, кои веќе ги имав при рака.

Еднаш и направивме слајм. Настана огромен неред, не излезе како што треба и потрошивме многу лепило, светки и толку многу чинии. Сега, години подоцна, кога ќе слушнам дека некој прави слајм, морам да останам сама на кратко и да гледам серија на „Нетфликс“.

Сакав да им дадам можности на децата за креативност, фломастери и пластелин. Сакав да одиме во парк кога сакаа тие, да читаме книга по книга и да не се грижиме за нередот на масата. Сакав да го исполнам нивниот свет со многу моменти кои содржат „да“.

Навистина се обидов. Но, годините ми дадоа малку поинаква перспектива и научив нешто за одговорите што го содржат зборот „да“, како и за очекувањата, а и за себе.

Еве неколку сегменти од наученото:

-Не можам да правам слајм.

-Не можам да се преправам во Дедо Мраз.

-Не можам да бидам забната самовила.

-Не можам секогаш да волонтирам.

-Не можам да им купам сè што ќе посакаат во продавница.

-Не можам да оставам сè само заради „забава“.

Едноставно не можам.

И тоа е во ред. Всушност, јас сум подобра мајка кога си дозволувам да кажам „не“.

Честопати кажувањето „да“ ми предизвикуваше чувство на неуспех. Не успевам да организирам магичен Божиќ, заборавам на парите кои треба да ги остави забната самовила. Не можам да ги пријавам децата на сите активности што сакаат да ги испробаат, а потоа да оставам сè за да ги возам кон локациите на тие активности. Понекогаш едноставно не сакам мојата кујна да изгледа како лабораториски експеримент.

И сакам да имам граници.

Има моменти кога нашата изложеност на социјалните мрежи нè тера да мислиме дека мораме да правиме сè што гледаме дека другите го прават. Не мора да ги правите сите тие работи. Можете самите да ги изберете своите граници и не мора да го прифаќате притисокот што го наметнува општеството или да се чувствувате виновни заради тоа. Има моќ и во „да“ и во „не“.

Научив дека дел од родителството е фактот оти сите ние имаме различни приказни. Мислам дека родителите кои се облекуваат како Дедо Мраз се неверојатни. Но, секој од нас може да избере што да вклучи или не во приказните на своето семејство. Сите можеме да ги избереме нашите „да“ моменти.

Тоа се прекрасни моменти. Да си честитаме себеси и да се гордееме со моментите кога сме правеле слајм или сме се сетиле на парите што треба да ги остави забната самовила. Сепак, постојаното кажување „да“ не е обврска на добрата мајка. Вие сте добра мајка и кога ќе кажете „не“, „можеби“ или „ќе размислам за тоа“.

Понекогаш мораме да кажеме „не“ од практични причини. Понекогаш сакаме да кажеме „да“, но тоа не е во согласност со нашиот буџет или временски распоред, или едноставно не е во ред за нашето семејство. Во ред е да не правиш сè. Всушност, сега можам да ви гарантирам дека понекогаш кажувањето „не“ ќе биде најдобриот подарок што можете да им го дадете на вашите деца. Тоа поставува граници и ги учи децата да се справат со животните искушенија.

Како што растат вашите деца, ќе има моменти кога ќе кажете „да“ и моменти кога ќе треба да кажете „не“. Сè додека си велите „да“ себеси, го сакате своето семејство и давате сè од себе, ветувам дека сè друго ќе си дојде на свое место.

Автор: Рејчел Мари Мартин

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top