Подучувањето деца, без разлика дали ги учите да бројат, пишуваат, сметаат или да врзуваат врвки или да возат велосипед, не е лесна работа. А најтешко е да ги научите да мислат. Бидејќи многумина од нас тоа никогаш не го научуваат/ Да го научите детето да мисли, бара посветеност и труд. И кога на тоа ги учите, првата работа што треба да ја имате на ум и во која треба да верувате е дека тие, без разлика на нивните години, за тоа се веќе способни.

Послушноста не е учење

Наспроти она на што отсекогаш нè учат, следењето упатства и послушноста не се исто што и учењето. Извршувањето наредби не е учење. Тоа служи само за да се создаде покорно дете. Можете да барате од куче да биде послушно бидејќи не размислува подлабоко и неговата послушност се случува кога верува дека може да добие награда или признание затоа што го направило она што сте го барале од него. Но, тоа не се нарекува воспитување. Тоа е дресура.

Од друга страна, нашите деца имаат способност да мислат, да разбираат, размислуваат и се разбира – имаат право да бидат она што се, да ги искажат своите идеи, верувања, дури и ако ние со тоа не се согласуваме.

Може ли детето да се подучува без послушност?

Без сомнение, ако набљудуваме од перспектива на возрасен едукатор, многу е потешко да се подучува без барање послушност. Потешко е да се подучува ако се држите до принципот на меѓусебно почитување и ако целта ви е да го научите детето да мисли. Во текот на детството ние како сунѓери впиваме сè што е околу нас и на таа основа формираме сопствена идеја за светот. Што значи тоа? Тоа значи дека ако првата цел ни е да ги научиме децата да бидат послушни, кога ќе станат возрасни луѓе, ќе им биде многу тешко да научат критички да размислуваат. Ќе го имаат тој страв од она што ќе се случи ако не послушаат. Затоа ќе се двоумат кога ќе треба да го искажат својот став, а уште потешко ќе биде да се изборат за она што го сакаат. Тоа истовремено ќе биде и причина и недостиг на самодоверба.

Затоа работата на едукаторот (учител или родител), но оној што не бара послушност, туку очекува од детето да размислува, да преиспитува, да се сомнева, сигурно е најтешка работа на светот.

Посветеност, време, поттик

Ако сте решени вашето дете да не биде послушник, туку критички мислител, ќе мора да вложите време, енергија, трпение. Ќе мора да трагате по вистинските стратегии. Да решавате проблеми поврзани со недостигот на самодоверба, недоволната упорност која кај децата е честа, да покажете дека и самите умеете да размислувате. Ќе морате и да се откажете од апсолутна послушност, да проголтате некое „не сакам“, „нема“ и „не си фер“. А за сето тоа да ви тргне од рака, пред сè, е неопходно вашиот став кон детето да изобилува со почит и љубов.

Само ако децата растат опкружени со почит и љубов, ако ги слушаме и навистина размислуваме за она што сакаат да ни го кажат, тие ќе пораснат во сигурни луѓе, доволно силни да се соочат со вистинскиот живот, да одговорат на предизвиците што ги чекаат и да не се плашат да донесат одлука.

Како да ги научите децата да мислат?

За да ги научите деца да мислат, морате да ги имате на ум стратегиите кои, од ден на ден, ќе му овозможат на вашето дете да расте, да се развива, да учи и да го разбере светот.
– На прво и секогаш на прво место е секој ден да му покажувате на детето дека ви е најважно на свет, да му давате љубов и внимание, како и признание за секој предизвик со кој ќе се избори и секоја нова работа што ќе ја научи.

– Создајте им можност на децата да го пронајдат својот пат. Тоа значи да не им давате готови решенија, туку да им дозволите со вашата поддршка да донесуваат свои одлуки, дури и ако тие одлуки понекогаш бидат погрешни.

– Начинот на комуникација – и вербална и невербална – многу е важен. Разговарајте со нив на едноставен, јасен начин, со тон кој е лишен од иронија, сарказам и без засрамување.

– Кога сакаат да донесат одлука за која сте сигурни дека е погрешна, немојте да ги уверувате да не го прават тоа. Објаснете им ги последиците, но одлуката нека биде нивна. Се подразбира дека ќе умеете да процените кои одлуки детето може и треба да ги донесува само. А ако последиците не се големи за неговиот грб, сепак понекогаш треба да дозволите и да ги искусат.

– Дајте им ветер во грбот, поддржете ги нивните мали и големи успеси, мотивирајте ги да одат кон својата цел, бидете им добар пример.

Ова е единствен начин децата да пораснат во емоционално здрави, сигурни луѓе, способни да донесат свои одлуки.

Извор



912

X