Игротека

Сакате да одгледате успешни деца? Не слушајте ги инфлуенсерите, вели психолог

Денес, родителските совети доаѓаат од сите страни: од книги, социјални мрежи, поткасти и групи за поддршка. И колку повеќе ги читаме, толку повеќе се прашуваме: Дали правиме нешто погрешно? Еден ден сите зборуваат за поставување граници, наредниот за целосна слобода. Сето тоа може да создаде притисок и чувство на несигурност.

Но, според еден психолог и мајка на три деца, која во својата кариера работела со повеќе од 3.000 млади, родителството не мора да биде толку збунувачко. Постојат неколку основни правила што важат во сите времиња и кои можат да ни помогнат воспитувањето да биде помалку стресно, а повеќе исполнувачко.

Слушајте се себеси, а не инфлуенсери

Родителството е една од ретките области во животот каде што е сосема во ред да се потпреме на сопствениот инстинкт. Нашето тело и ум природно препознаваат што му е потребно на детето исто како што инстинктивно посегнуваме по јакна кога надвор е студено. Некои совети од интернет можат да бидат корисни, но никој не го познава вашето дете подобро од вас.

Потпрете се на културата, а не на „кликбејт“ наслови

Културите што опстанале со векови имаат вредни традиции во воспитувањето без разлика дали станува збор за исхрана, дневна рутина, сон или начинот на кој децата се вклучуваат во заедницата. Не мораме сè да прифатиме, но вреди да се сетиме или да истражиме како тоа го правеле генерациите пред нас. Наместо слепо да веруваме во совети што немаат врска со нашиот начин на живот, можеме да најдеме сила во сопственото семејно и културно наследство.

Следете го вашето дете, а не тоа што го прават другите

Една од најубавите работи во родителството е откривањето што го интересира вашето дете. Некои деца сакаат да цртаат, некои да зборуваат, а некои да растураат играчки. Кога ќе се обидеме да ги вклопиме во шаблони за тоа што „треба“ да сакаат, често завршуваме со фрустрации. Ако вашето дете сака машини и количиња, прошетка до градилиште може да биде поедукативна од час по музичко. Учете заедно со нив, гледајќи го светот низ нивните очи.

Уживајте во детето, а не во неговите постигнувања

Детето не е проект, а родителот не е менаџер. Многу деца се развиваат нелинеарно, што значи дека понекогаш напредуваат брзо, па потоа мируваат. Ако премногу се фокусираме на табели за развој, можеме да го испуштиме најважното – поврзувањето, играта и смеата. Децата најдобро учат кога се чувствуваат сигурно, сакано и опуштено.

Бидете реални, не совршени

На децата им треба родител кој е присутен, а не совршен. Совршенството е недостижно и непотребно. Од нас учат како да ги препознаат и изразат емоциите и како да се справуваат со нив. Ако им покажеме дека и ние понекогаш се грижиме, се лутиме или сме уморни, но тоа не го истураме врз нив, ги учиме на една многу важна животна вештина: емоционална отпорност.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top