Во овие неизвесни времиња на човештвото му се потребни добрина и емпатија. Сите веруваме дека сме љубезни и дека имаме разбирање за другите (дури и ако тие не ни возвратат на ист начин). Над сè, веруваме во помагањето едни на други и го негуваме ова верување.

Тековната дебата во областа на психологијата се фокусира на тоа дали алтруизмот е вроден или не. Дали некои деца се родени во овој свет со љубезност и алтруизам во себе? Всушност, едно истражување од 2006 година, во кое биле вклучени 18-месечни деца, посочува дека тоа е така, сè додека неколку психолози од „Стенфорд“ не одлучиле да го разгледаат алтруистичкото однесување кај малите деца.

Родолфо Кортес Бараган, дипломиран студент на „Стенфорд“, и Керол Двек, професорка по психологија на „Стенфорд“, го однесоа истражувањето чекор понапред. Нивното истражување, објавено во „Зборник на трудови на Националната академија на науките“, покажува дека практиката на алтруизам не е само вродена, туку е и под влијание на фактори од животната средина.

Накратко кажано, ако сакате да имате добри и љубезни деца, мора да ги научите да бидат добри поддржувајќи ги нивните емотивни потреби и практикувајќи безрезервна љубов.


За време на истражувањетo, малите деца што биле вклучени во реципрочна игра со возрасните имале трипати поголема веројатност да му помогнат на возрасниот подоцна отколку малите деца што имале паралелна игра со возрасните. Врската е важна. Кога возрасните негуваат врски со децата (дури и кратки) и градат однос на доверба, тоа предизвикува добрина кај децата.

– Мислам дека наодите ќе предизвикаат полемики, но на добар начин. Луѓето честопати велат дека нешто е „вродено“ затоа што не ги разбираат видовите суптилни искуства што можат да направат алтуризмот да процвета – вели Двек.

Како можат родителите да негуваат љубезност и алтруизам во домот? Можат да почнат со овие лесни чекори:

1. Бидете пример за вашето дете

Родителите често им велат на децата да бидат љубезни и да користат љубезни зборови и да им помагаат на другите. Но, децата учат барајќи социјални сигнали околу нив, особено во раните години од детството.

Бидете љубезни во своите постапки и зборови. Вежбајте трпеливост, помагајте им на другите, и во семејството и во заедницата. Поставете темел на позитивни интеракции во домот наместо да се фокусирате на корекција на негативните.

2. Одвојте време за игра

Играта е јазикот на децата. Тоа е начин на кој градат односи, учат за светот и изразуваат емоции. Сепак, на многу деца им недостига доволно време за неструктурна игра.

Колку и да е важно да одвоите време за игра, важно е и да се вклучите во играта на вашите деца. Секогаш прифатете ја поканата за играње – тоа е начин вашето дете да ви покаже дека вашата врска е важна.

3. Изградете врска со доверба

Децата имаат поголема веројатност да демонстрираат љубезно и алтруистичко однесување кога ќе доживеат врски во кои е очигледна довербата.

4. Почнете со мали дела

Прифатете еднонеделен предизвик на љубезност. Почнете со мал чин на љубезност и набрзо тоа ќе стане навика дури и за најмалиот член на семејството.

Автор: Кети Харли

Извор



912

X