Често, поточно постојано се грижиме за времето што нашите деца го поминуваат пред екран. Ова особено се однесува на најкритичната група деца, оние што влегле во пубертет. Полудуваме затоа што постојано се на мобилни телефони, постојано на компјутери, постојано на игри. По најновото истражување експертите дошле до решение кое би можело да функционира… Нема да верувате, тоа решение е: родителите мора да ги остават своите телефони.

Студијата, објавена овој месец во списанието „Педијатриско истражување“, ја испитувала поврзаноста помеѓу стратегиите за родителство кои вклучуваат дигитални медиуми и користење на екраните од страна на децата кои се пред пубертет. Меѓу највпечатливите наоди е дека количината на времето поминато пред екранот од страна на родителите е силно поврзано со времето поминато пред екраните кај децата, а особено на оние пред тинејџерство – без разлика дали тоа е на социјалните мрежи или играњето видеоигри.

-Еден од најголемите предвидувачи за времето поминато на екранот кај адолесцентите е времето што нивните родители го поминуваат пред екраните – вели Џејсон Нагата, педијатар од Универзитетот во Калифорнија и главен автор на студијата.

Ова може да изгледа изненадувачки, имајќи предвид дека преттинејџерите се сè понезависни и под влијание на нивните врсници. Но, родителскиот модел сè уште е важен.

-Особено е важно родителите да ги следат сопствените правила и да го прават она што го велат, бидејќи дури и ако мислат дека нивните деца не гледаат, тие забележуваат сѐ.

Студијата ги испитала податоците од разновиден примерок од повеќе од 10.000 Американци на возраст од 12 и 13 години и нивните родители, кои одговориле на прашалник за времето поминато пред екранот и стратегиите за родителство. Учесниците посочиле дека сметаат дека нивното однесување на екранот е проблематично – на пример, ако се чувствуваат како да не можат да престанат да гледаат во нивните уреди, изгубиле поим за тоа колку често го користат телефонот или чувствувале дека нивните навики на телефонот им пречат во нивниот социјален живот, или пак изгубиле способност да се фокусираат на училиште.

Покрај овој вознемирувачки резултат, студијата ги идентификувала временските рамки кога користењето на екранот се чини дека е особено штетно. Повеќе од една третина од семејствата изјавиле дека често гледаат во екранот за време на оброците, а речиси половина од адолесцентите рекле дека имаат пристап до своите телефони додека се в кревет.

Употребата на екранот за време на оброците и спиењето е поврзана со подолго вкупно време на екранот, како и со проблематично користење на социјалните медиуми, видеоигрите и мобилните телефони, покажала студијата. Шефот на истражувањето, педијатарот Негата, кажува кои потези се клучни и ефективни кога зборуваме за мерките за ограничување на времето пред екранот:

-Од различните родителски практики што ги испитувавме, онаа што имаше најзначаен ефект беше ограничувањето на користењето на екранот пред спиење – вели Негата, а многу блиску до тоа е и забраната за користење мобилни телефони за време на оброците.

Студијата, исто така, ги истакнала придобивките од воспоставувањето ограничувања и упатства за употреба на екраните. Околу 67 отсто од родителите рекле дека го следат времето поминато пред екран на нивните деца во текот на неделата, а повеќе од 76 отсто рекле дека поставуваат ограничувања – и овие стратегии се поврзани и со помала севкупна употреба на екранот кај преттинејџерите и со помалку проблематична употреба на екранот.

Казна или награда – не е добро

Но, она што е интересно е дека студијата покажала дека користењето на екранот за целта на казна или награда не е добро. На овој начин, според авторите на студијата, може да се достигне уште поголем процент на време поминато пред екранот.

-Тоа беше малку изненадувачко откритие за мене на почетокот… но многу млади луѓе се многу паметни кога станува збор за технологијата, па дури и ако се обидете да наметнете ограничувања или казни, тие можат да ги заобиколат. Подобар пристап е потребен – да се има јасен семеен план за медиумска употреба, со разбирливи насоки и отворена комуникација. Знам дека ова е многу тешко за секого, и покрај нашите најдобри намери, децата и возрасните можеби нема секогаш да можат да ги следат овие правила. Значи, исто така, мислам дека е добра можност да имаме отворени разговори со преттинејџерите за ситуации каде што понекогаш не успеваме, ако можеме да бидеме искрени за нашите сопствени борби со екраните, па тоа им овозможува на децата да знаат дека можат да го сторат истото. Затоа што кога ќе наполнат 18 години, ќе имаат дополнителна слобода, па затоа е важно да им се всадат добри практики, а не да се решаваат работите со казни и награди во оваа смисла – заклучил тој.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X