Бидете трпеливи, слушајте ги децата, охрабрете ги да поставуваат прашања, мотивирајте ги со пофалби, наградете ги со многу љубов, се мал дел од советите на авторките на првата логопедска сликовница
Сакајте го своето дете и оставете ги домашните обврски е најважниот совет што Катерина Ивановска-Вангелова, мајка на петгодишниот Михаил и на тригодишниот Стефан, го добила од логопедот на првата посета кај него. Кога Стефан имал седум месеци, кај Михал почнал да стагнира развојот на говорот, за што Катерина побарала помош од Татјана Петреска, логопед со 25-годишно искуство. Покрај тоа што работи на говорот кај децата, таа им дава и стручни совети на родителите како да му се помогне на детето преку игра.
Тешкотиите во говорењето се почест проблем на децата. За да им помогнат на родителите, Катерина и Татјана создале сликовница во која на илустративен начин, низ совети, случки и вежби е претставено како родителите може да им помогнат на децата за да развијат правилен говор. Во првата логопедска сликовница „Подари ми насмевка“ се претставени игри кои може едноставно да се применат. Мајката ни го раскажа и искуството, и дел од нив.
Говорот стагнираше
– Ликовите од сликовницата се всушност членови на нашето семејство. Тука се бате Стефан, баба Зага, братучедот Андреј, мама и тато… Сакавме да влијаеме превентивно. Јас како млада мајка не умеев да го следам правилниот развој кај мојот син, па читав книги за развој на децата… Кога се роди вториот син, веќе немав ни време да го правам тоа, и следствено го запоставив мојот првороден син Михаил, кој е воедно главниот јунак во сликовницата. Михаил имаше две години, а Стефан 7 месеци, се преселивме во нов дом. Тој период веќе не го чуваше баба му, туку друга жена додека јас повеќе се грижев за Стефан и за домашните обврски. Така за него имаше помалку време од сите членови во семејството. Забележав дека Михаил наместо да го зголемува фондот на зборови, стагнираше, а станав свесна со помош на книгата за развој на децата – раскажува Катерина.
„Ги исклучивме цртаните на англиски и се посветивме на игра и прошетки“
Прво Михаил целосно престанал да гледа цртани на англиски јазик, а играта и прошетките добиле предност пред домашните обврски.
– Се случи и првата посета на логопед, а со сопругот креиравме т.н. логопедска мапа на умот која ја следевме посветено три години. Денес мојот син зборува одлично. Имавме една средба со логопед на две години и една на пет. Науката вели дека токму фината моторика директно влијае врз развојот на синапсите за говор од мозокот. Знаејќи ги овие совети, родителите од најмала возраст влијаат врз појавата на говорот кај своето дете играјќи со него – вели мајката.
Единствена работа на детето е да игра
Говорот – зборувањето се учи првенствено во семејството.
– Одвојте време за разговори, секојдневни активности и игри. Запомнете, единствената работа на детето е да игра. Бидете трпеливи, слушајте ги децата, охрабрете ги да поставуваат прашања, мотивирајте ги со пофалби, наградете ги со многу љубов, нежност, прегратки и бакнувајте ги често. Резултатот е неизбежен. Ова е формулата да бидете среќни и горди на вашите деца – порачуваат авторките.
На крајот од сликовницата се дадени вежби за правилен изговор на гласовите С, З, Ц, прашања за развивање точна и логична реченица и вежби за развивање на мускулатурата на говорните органи – вежби за јазикот.
– Игрите наменети за децата ја стимулираат говорната мускулатура, ја поттикнуваат фината моторика, т.е. подвижноста на прстињата, придонесуваат за координација на крупната мускулатура, а стиховите, советите и насочените прашања го поддржуваат правилниот изговор на зборовите, придонесуваат за збогатување на речникот и поттикнуваат граматички точна реченица. – велат тие.
Дување, редење коцки, месење, јадење цврста храна…
За правилна артикулација на гласовите, детето треба да има добро развиена мускулатура на говорните органи (образи, јазик, усни). Дувањето е една од вежбите за развивање на мускулатурата. Низ вежба, случување на јунаците во сликовницата, авторките предлагаат дување снегулки кои се претставени како висат. Снегулките потоа може да се заменат со пеперуги, балони, а детето може да дува балони од сапуница.
Тие советуваат како да се поттикне детето да ја развива својата фантазија, а и да се користат манипулативни и конструктивни играчки како коцки и сложувалки.
– Тие помагаат за развој на фината моторика. Заедно редете, конструирајте и воедно учете ги поимите горе, долу, напред, назад, средина. Детето до четиригодишна возраст треба да има ориентација за простор – велат авторките.
Мускулатурата на устата се развива кога детето јаде цврста храна и храна која бара многу џвакање, како морков, јаболко, суво овошје, корка од леб, агруми. Месењето тесто или пластелин е една од игрите што исто така помагаат за развој на фината моторика. Притоа, со правењето форми од тесто ги учиме боите, броиме, украсуваме, се радуваме…
Работете заедно по дома, правилно давајте им задачи
Вклучете ги децата во домашните активности, на пример поставување на масата за ручек, советуваат авторките. Така ќе учат нови зборови со активности кои за нив ќе бидат нови и интересни, а воедно ќе ги учат и семејните обврски.
– Вашите налози нека бидат јасни и кратки, нагласете ги предлозите, прилозите и сврзниците: „Стави ги лажиците на масата“. Поставете прашање, на пример: „Каде ги стави лажиците?“ што бара граматички правилен одговор: „На масата“. Така детето ќе научи правилно да составува реченици – се вели во логопедската сликовница.
Смејте се заедно!
За полесно изговарање на гласовите С, З, Ц, често од децата бараме да ни дадат насмевка.
– Вежбајте најширока насмевка за да се гледаат забите. Науката потврдува дека со смеењето се поттикнува лачењето на хормонот на среќата, кој позитивно влијае врз целокупното здравје на човекот. Смејте се заедно и почесто со вашите деца! – велат тие.
Авторките советуваат и кога нешто треба да прави детето, но и кога е вистинско време за посета на логопед. Тие се надеваат дека ќе продолжи нивната креативна работа.
Навременото легнување навечер на децата во кревет и ноќниот сон не може да ги замени ништо.
– Љубовта на најблиските е најдобрата поддршка за правилен раст и развој на детето! – потенцираат.
912