Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има две години и четири месеци. Во последниот месец почнува многу да ме избегнува, сака само со татко му да биде. Првите денови мислевме дека е некоја фаза, дека сака повеќе време да поминува со татко му. Почна со него да заспива, да бара да му смени пелена. Но, во последната недела таквото однесување е сѐ поизразено. Кога сме двајцата родители дома, почна мене речиси и да не ме забележува, не дава да му се доближам, одма почнува да вреска, бега. Нема шанси со мене да јаде, да си игра или да го пресоблечам или да заспие. Доаѓа до мене, ќе фрли по мене некоја играчка или ќе ме касне и штипне и пак бега. Кога ќе дојде време за спиење, сака со татко му да спие, а мене ме брка од собата, а ако во сон се разбуди и ме види до него, почнува да вика „не ти, не ти, бегај“ и го бара татко му. Ако сум сама дома со него, најнормално се однесува, може да праша каде е тато и толку. Оваа ситуација почнува и на сопругот да му пречи бидејќи буквално е како залепен до него, не може никаква домашна обврска да заврши. Во градинка е сѐ најнормално. Ве молам да ни дадете некој совет како да ја надминеме оваа ситуација.
ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост и верувам дека постои реална причина за однесувањето на вашето дете. За да ја разбереме психолошката природа на однесувањето на вашето дете, потребно е да се разгледаат многу прашања.
Би ми било важно каков однос досега момчето имаше со вас, а каков со неговиот татко, кој го чуваше најголемиот дел од денот, т.е. дали вие или сопругот одевте на работа и дали за него се грижеше некој друг, потоа дали посетувал градинка и дали се случила досега сепарација од вас од таков тип, колку време и на каков начин поминувал со вас двајцата заедно, односно целото семејство заедно, какво било досегашното еден на еден време со него и дали било креирано досега. Потоа би било важно дали во семејството во последниот период се случиле значителни промени како, нов член во семејството, сепарација, преселби, работа во странство и слично. Доколку однесувањето продолжува и сѐ уште ја имате истата грижа, побарајте родителско советување со стручно лице, психолог.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912