Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две девојчиња на возраст од 11 и од 8 години. Тие се тотална спротивност една на друга, малата е весело и темпераментно девојче, полно со самодоверба, додека големата е емотивна и меланхолична личност со многу изразено себекритикување и многу ниска самодоверба. Го споменувам ова бидејќи јас како родител ги воспитувам двете на ист начин, а сепак сметам дека некаде грешам.
Имам проблем со ќерка ми која сега влегува во пубертет. Одличен ученик е, оди на училишни натпревари и во поглед на образованието е напредна и нема никакви тешкотии. Но сѐ поретко ја гледам како се смее, често е напната и со полуизгаснати очи. Искажува незадоволство и кога очекуваме дека нешто (гест, подарок) ќе ја израдува.
Има тешкотии во склопување другарство и одржување на истото.
Кога разговараме дома меѓу себе или со наши пријатели (возрасни личности кои и таа ги познава), знае да го искаже нејзиниот став, да го одбрани, па и да нападне ако треба, но кога е со нејзиното друштво, дозволува да ја погазуваат или навредуваат и притоа таа молчи пред нив и си доаѓа дома расплакана и налутена. Тој период на лутење трае недела –две и тогаш се затвора во нејзината соба и не контактира со никој. Буквално ја молиме да излезе од дома, да ги најде другарките и да продолжат да се дружат. И потоа се вртиме од почеток, ќе се дружат и по неколку дена пак е расплакана.
Разговарав со неа околу тоа, нејзиниот одговор е дека ѝ е убаво со нив, но не може да се опушти. Ѝ зборувам дека мора да се брани, па ако треба и нека возврати на навредите, а одговорот е: „Не можам јас така, мамо“. Понекогаш пробувам да ѝ ги средам односите со другарките, но не може јас секогаш да преземам иницијатива. Страв ми е дека детето ќе остане самотник.
Ве молам за совет, како да ја подобри својата самодоверба, како да ја научам дека не смее да има страв од одбивање и мора да се брани? Каде грешам како родител?

ОДГОВОР: Најважното во воспитувањето на две девојчиња е рана вклученост во нивниот воспитен процес, посветеност и создавање силна визија во врска со тоа каква млада жена вие како родител би сакале да му испратите на светот. Ниската самодоверба или лоша слика за себе не е нешто со кое детето се раѓа, напротив, таквиот елемент од личносниот склоп се стекнува и учи. Тоа што вашите две девојчиња ги прави различни е редоследот на нивното раѓање, а потоа и нивниот темперамент. Кога станува збор за сликата за себе, секој од темпераментите може да има силна и добра слика за себе или, пак, лоша слика за себе.

Тоа значи дека не постои темперамент кој е склон кон добра или лоша самодоверба, начинот на кој му приоѓаме на таквиот темперамент и карактерен склоп ја дефинира сликата за себе. Ова почнува уште од самото раѓање на детето и начинот на кој гледаме и пристапуваме кон бебето, а понатаму продолжува да се развива преку: имплицитните и експлицитните пораки што му ги упатуваме на детето, начинот на кој му пристапуваме и вербално и невербално, барањата што му ги поставуваме, начинот на кој ги тестираме нивните способности, начинот на кој го гледаме и третираме детето во односот со социјалната средина, но и со членовите од семејството, особено браќата и сестрите. Можеби вие како мајка во вашиот воспитен пристап кон поголемата ќерка повеќе внимание сте посветиле во извршување на училишните обврски и дисциплинирање каде што сте имале и најмногу барања и очекувања, а помалку време во воспитување и стимулирање рани социјални вештини.

Тоа што вашата ќерка знае да го искаже својот став, да го одбрани или да нападне ако треба кога е со возрасни луѓе, не укажува дека таа има лоша самодоверба. Таа е кревка, ранлива и кршлива кога е со своите врсници и тоа е полето во кое таа не се докажува, т.е. се чувствува слабо или немоќно. Ова можеби е така доколку вие од самиот почеток активно се вклучувате во нејзините социјални врски со врсниците и секој нејзин неуспешен обид за другарување си го препишувате на себе, доживувајќи го и вие емотивно, посредувајќи во нејзините односи со цел да ја намалите нејзината емотивна болка и да ја заштитите. На тој начин вие се успокојувате, а таа нема можност да совлада социјални вештини со кои ќе го одржува другарството.

Оставете ја сама, некогаш и во тагата има идеи. Тагата е море, но море во кое може да се плови. Кога има проблем со врсниците, обидете се да го објективизирате проблемот и да понудите идеи за можно решение од типот: „Јас кога би била на твое место…“

Не би требало да ѝ упатувате совети од типот ти треба, ти мораш… Не користете сожалување, туку охрабрување: ти можеш, ти си прекрасна, ти си храбра, ти си единствена, ти си упорна итн. Охрабрувајте ја да одбира пријатели со кои ќе дели исти вредности. Бидете активен слушател и одржувајте го квалитетно времето еден на еден со вашите девојчиња.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X