Просперитетно училиште, главен град, добри луѓе и, навидум, нема причина за да дојде до суров чин на еден тинејџер, кој, всушност, е сè уште дете… Се поставува прашањето: Како воопшто можеше да се случи ова, изјавила за „РТ Балкан“ рускиот психолог Карлова-Иљина, посочувајќи дека зад сето тоа се крие стравот.

Семејството и наставниците се првата линија на одбрана од ужасни трагедии, изјавила професорката на Институтот за дополнително образование при Рускиот државен хуманистички универзитет (РГГУ) Јелена Викторовна Карлова-Иљина, коментирајќи за „РТ Балкан“ за трагедијата што се случи во ОУ „ Владислав Рибникар“ во Белград.

„Во такви ситуации, кога секој логичен аргумент ја губи својата важност, кај луѓето се буди инстинктивен страв за својот живот. Сега им е тешко на сите – и на жртвите и на нивните најблиски, и на оние што се нашле во близина, па дури и на луѓето што само ги читале вестите некаде од далеку. На сите им е тешко. Страшно е тоа што се случи и што такво нешто може да се повтори“, истакнала Карлова-Иљина.

Според неа, природата на секоја агресија се заснова само на страв. Кога има силна манифестација на суровост, тука лежи многу длабоко потиснато чувство на страв, кое го доживува личноста која ќе реши да направи такво нешто, а овој тинејџер мора да доживеал некоја тешка психолошка траума која предизвикала ваква реакција. Тоа може да биде развод на родители, загуба на сакана личност, социјално насилство на училиште, односно малтретирање.

„Многумина ќе речат дека повеќето луѓе поминуваат низ такво нешто, но не сите стануваат убијци. Вистина е. Не секој станува убиец. Некој има доволно ресурси на нервниот систем и ментална сила за да се справи со тешкотиите, а некој нема“, вели Карлова-Иљина.

Семејството игра огромна улога во тоа дали успешно ќе ги преживееме кризите во животот, предупредува таа, додавајќи дека семејството е тоа што станува извор на дополнителна сила и место каде што секој проблем што го имаме ќе биде прифатен, сослушан и решен. Среќни се оние што имаат силно семејство кое може да ги разбере и во кое има здрава меѓусебна наклонетост, безусловна љубов и поддршка. Таквите луѓе можат да се справат со сите животни тешкотии.

„Во овој случај веројатно било поинаку. Семејството не се претворило во здрава потпора во животот на ова момче за да се надминат социјалните проблеми. Таткото му всадил на детето конкретни начини за справување со стресот – да пука во цел, како и да сака пиштоли. Зошто? Во кого пукал таткото на стрелиштето и зошто го направил својот син соучесник во борбата против своите демони?“, прашува Карлова-Иљина.

„Сега е модерно да се бараат причините за деструктивното однесување по социјалните мрежи и виртуелните игри. Да, точно е дека во таа средина има многу различни агресивни појави, но секој го избира токму она што го интересира. И секој си го зема за себе она што му треба. Токму децата, кои немаат солидна поддршка од возрасните, се подложни на штетното влијание на социјалните мрежи. Основата за формирање на личноста е сè уште семејството и неговите вредности, а дури потоа надворешниот свет. Децата, пред сè, се огледало на општеството и семејствата од кои доаѓаат. Понекогаш е тешко да се погледне во ова огледало, но несомнено е неопходно. Во него го гледаме нашиот одраз, драги возрасни“, потенцира таа.

Карлова-Иљина наведува дека за да се разберат причините за трагедијата и за да не се повтори, важно е трезвено да се процени состојбата и да се утврдат превентивни мерки.

Таа истакнува дека е очигледно колку е важно едно семејство да биде здраво и да знае да биде тука за своите членови, како и дека тоа е основа за развој на стабилна, успешна, социјална личност.

На второ место, вели таа, е улогата на наставникот во животот на детето, тинејџерот или возрасниот:

„Наставникот не е само носител на знаење, тој е, пред сè, лицето кое ја формира личноста на детето. Во адолесценцијата, наставникот игра важна улога како учител и ментор. Наставникот мора да умее и да знае да користи алатки кои помагаат во психолошкото и социјалното приспособување на децата на училиште. Создавањето безбедна атмосфера во образовниот процес е една од најважните задачи на современиот наставник. Потребно е да се внимава на ова, да се обучуваат наставниците, а потоа активно да се применуваат овие знаења во наставата“.

„Можеме да претпоставиме дека во оваа трагична ситуација имаше одредени инсинуации за однесувањето на целата училишна екипа, но никој не обрна внимание на тоа. Честопати наставникот е тој што прв може да го види и почувствува вистинското расположение на своите ученици. Наставникот поминува многу време со децата и затоа е важно да се биде отворен за нивните потреби, како и да има одредено знаење за да се надминат тензиите во училишниот колектив“, заклучува Карлова-Иљина.

Извор



912

X