– Мразам брокула! Бљак! – ќе каже низ солзи вашиот потомок во уште една епизода на агонија на семејниот ручек, додека мајката со телефонот на уво, сред важен бизнис-разговор, ќе се обиде в уста да му стави макар уште едно парче зеленчук, а пристојно дистанцираниот татко меѓу два залаци ќе провери што има ново на социјалните мрежи, со намуртен поглед кон неговиот потомец кој му го уништува вкусот на оброкот.

Веќе видено, многу пати, сè додека не стигне „коњаницата“ во форма на мобилен телефон, таблет, ветувања за исполнување секакви желби или преселување во дневната соба, во царството на цртаните филмови, кои ќе го направат она за кое родителите во денешното модерно општество имаат сè помалку нерви, а што нашите предци редовно (и успешно) го решавале со челичен авторитет. И соодветно парче дрво.

Но, времињата се променија. Секојдневниот стрес, недостигот на волја, време и трпение, бремето на егзистенцијални проблеми, непознавањето на основните педагошки постулати, сето тоа доведе до промени во денешното сфаќање и практика на одгледување на деца, и како што предупредуваат многу педагози, се сврти кон бездна.

Исполнување желби за мир во домот

Попуштањето во обид да се спречи негодувањето или не дај боже плачењето на детето што ќе стави шлаг на целодневниот стрес, исполнувањето на секоја желба за мир во домот, посегнувањето по технолошките благодати што ќе ви ослободат време за исполнување на сопствените желби, во толкава мера зазедоа замав, што експертите со право прашуваат какви генерации одгледуваат денес родителите и каде ќе ги одведат таквите методи децата?

– Мојата ќерка постигнува сè. По училиштето стигнува и на музичко, а на одбојка е една од најдобрите – оваа илустрација ја покажува желбата на родителите од детето да направат ново светско чудо.

– Денес, очекувањата на родителите се под големо внимание од медиумите што промовираат потрошувачки стил на живот. Поради лошата социо-економска ситуација во која живееме, сосема е нормално родителите да сакаат детето да биде поуспешно од нив. Освен тоа, многу родители во идната кариера на своите деца гледаат решение за своите животни проекти. Но, за жал, тоа во животот не е секогаш така. Одредени родители ги изложуваат своите деца под голем физички и ментален напор што се одразува врз развојот на личноста на детето кое не успева да ги исполни своите спонтани потреби, можности и таленти, што треба да биде основна структура на однесување низ која детето се реализира како личност. Некогаш е многу поважно детето да помине квалитетно време со родителите отколку да посетува различни курсеви. Во сето тоа треба да се има мера и да не се претерува – вели д-р Виолета Несторов.

Несторов и познатиот белградски детски психолог Светомир Бојанин спровеле истражување кое покажува дека родителите имаат многу малку слободно време, но и тоа слободно време најчесто не го поминуваат квалитетно кога станува збор за односот со децата.

– Од децата се бара да бидат мирни, да не викаат, да не скокаат, за родителите да ги извршат телефонските разговори, да ги прегледаат известувањата на социјалните мрежи, на мир да седат со пријателите или да можат да ги извршат обврските низ дома. На улица децата повеќе не можат да играат како некогашните генерации поради опасностите што ги донесе ова време. Ако родителите не се во состојба да организираат структурирано и квалитетно слободно време, тогаш на децата не им преостанува ништо друго освен да потонат во светот на интернетот, цртаните филмови и разните апликации на мобилните телефони.

За детето да го изеде оброкот, му се нуди да гледа во мобилниот телефон додека јаде, а за побрзо да се излезе од дома, родителите ги облекуваат децата и им ги врзуваат врвците и во десеттата година од животот, наведува Несторов.

Многу експерти се согласуваат дека како што поминува времето, децата сè порано влегуваат во виртуелниот свет, што може да предизвика сериозни последици врз нивниот развој.

– Препуштањето на децата сами да ја избираат содржината, без надзор да поминуваат часови пред малите екрани, се смета за занемарување на детето и тука нема оправдување. Децата треба да се сакани, препознаени, видени и да имаат чувство дека се достојни за вниманието на нивните родители. Потребно им е движење, игра, истражување, социјални односи, а одговорноста сè да се избалансира за да обезбедиме оптимален развој исклучиво паѓа на возрасните – вели педагогот Мирјама Гавриќ-Хопиќ од Сараево.

На крајот, треба да се потенцира дека на децата им се потребни поддршка и водство за да имаат безбеден простор да го истражуваат светот околу себе и светот во себе. Родителите се први и најважни учители кои го моделираат, го овозможуваат овој простор за раст и развој, поставуваат граници со љубов, ги учат децата да се почитуваат себеси и другите и пренесуваат вредности што ќе ги следат низ животот.

Многубројни грешки на родителите

Воспоставувањето филозофија за родителство не е лесна задача. Речиси сите родители секојдневно прават голем број грешки што може да се одразат врз менталниот развој на нивното дете.

Како што вели Гавриќ-Хопиш, има многу – прекумерно предупредување на детето, дисциплинирање на детето пред сите, постојано советување без охрабрување, недостиг на правила и поддршка, честа споредба со другите деца, непочитување на чувствата, поставување лоши примери, претерана заштита…

– Секогаш сте премногу зафатени да разговарате за работи што им се важни на децата или да си играте со вашето дете само кога вам ви одговара или едноставно немате интерес да го правите тоа. Насочувањето кон виртуелниот свет честопати на детето му дава чувство дека е занемарено – вели таа.

– Важно е да се воспостави заемно почитување и линија на отворена комуникација, а тоа значи да му дозволите на детето да прави грешки и да го охрабрите да закрепне од своите неуспеси. Без обид не можеме ни да научиме, зошто кај децата би било различно? Треба да ги охрабриме да истражуваат, да грешат, да учат од своите грешки, да продолжат понатаму, да бараат поддршка за себе кога им е потребна и да се движат во безбедни рамки. Она што секој родител мора да го запомни е дека не треба да го преплави детето со ограничувања. Дозволувањето детето да расте додека се забавува, низ игра, движење, спонтаност, истражување, е непроценливо за неговиот развој.

Се поставува прашањето колкава и каква улога има општеството во одгледувањето на детето? Во поранешната држава оваа улога беше колективна, но денес, примерите кога никој не го забележува детскиот вандализам во паркот, не сметајќи дека тоа е негов проблем (а воедно не ни сака да стане негов проблем) потврдуваат дека ситуацијата се сменила од корен.

– Постои изрека што вели дека е потребно цело село за да се одгледа едно дете. Денес луѓето се оддалечија едни од други. На пример, во една поголема зграда во градот луѓето воопшто не се познаваат, ниту имаат каква било комуникација. Некогаш училиштата имале изразена воспитна компонента, додека денес тоа целосно изостанува. Децата станаа поголем авторитет и од родителите и од наставниците. Наставниците често наидуваат на голема агресивност кај родителите доколку упатат критики до нивните деца. Родителите не го сфаќаат значењето на единственото воспитно дејство врз детето, па кога ќе се појави неизбежен проблем, родителите бараат виновници кај другите.

А, всушност, семето на проблемите е токму погрешениот став на родителот, кој наместо да му го понуди она што е најважно за детето, преку сопствените искуства во формирање морални вредности и личност, отвора портал за влез во виртуелен свет во кој детето ќе почне да формира сопствени ставови за животот и светот.

Несторов порачува дека достапноста до најразлични помагала, играчки, технологија, го запостави она основното – улогата на родителите.

– Односот со родителите за детето е многу поважен отколку скапите играчки, облеката и многубројните активности што ги поминува со другите луѓе кои се за тоа платени. Родителите треба да играат со детето, да му помагаат, да разменуваат погледи и зборови и практично да градат живот. Не се потребни многу играчки бидејќи децата се затрупуваат со играчки и од нив не ги гледаат родителите. А тие им се најпотребни – заклучува Несторов.

Детскиот плач е еден од најголемите кошмари на родителите, кои во многу случаи ќе направат сè за да го спречат тоа. Таквата попустливост не води кон ништо добро, само го поттикнува детето на уште порадикално однесување.

– Најприродно е бебето и детето да плачат поради физиолошки потреби, односно да бараат да бидат најадени, суви и да им биде удобно. Но родителите прават сè за детето да не заплаче. Поради тоа, животот на семејството се нарушува, сите членови почнуваат да шепотат додека детето спие, а кога е будно, сите се обидуваат да го анимираат. Колку повеќе претеруваат родителите, толку повеќе детето се навикнува и сè повеќе и повеќе му се потребни вакви неприродни стимули. Како што растат децата, стануваат сè повидливи последиците од попустливото и поткупувачко воспитување на децата. Тоа се тие ситуации кога на детето му се ветуваат видеоигри ако го изеде оброкот или му се ветуваат подароци ако ги исполни барањата на родителите. Постојат сè повеќе деца што прават сцени на јавни места, во продавниците или во градскиот превоз и успешно ја постигнуваат својата цел – вели Несторов.

Зборувајќи за односот на детето со другите деца, Несторов како пример ги наведува детските родендени, кои со текот на времето се претворија во натпревари за спектакуларност, а тоа на детето му дава искривено гледиште за реалноста. И тоа е грешка на родителите.

– По правило, се организираат големи роденденски забави за децата во игротеки или ресторани каде што родителите се натпреваруваат кој ќе има подобра прослава. Децата на тие прослави се поставуваат во центарот на вниманието, седат на фотелји што личат на кралски тронови, па дури им се ставаат и круни на главите. Сето тоа го фотографира професионален фотограф и другите родители со помош на мобилните телефони, па потоа се објавуваат на социјалните мрежи. Првиот судир со реалната ситуација е кога детето ќе оди во прво одделение и ќе сфати дека во неговото одделение има уште 20-30 најпаметни и најубави принцови и принцези. Тогаш кај децата се појавуваат најразлични проблеми – вели Несторов.

Што можат да направат родителите за правилно да ги насочат своите деца?

– Не постои училиште за родители. Само треба да се биде „нормален“ родител и да се живее нормално. Децата учат со имитација и тие практично впиваат од нас. Многу покорисна би била книга за воспитување родители бидејќи најчесто ситуацијата е –  какви се родителите, такви се и децата. Младите луѓе, пред да станат родители, треба да работат на сопствениот развој. Добрите деца не се раѓаат. Добрите родители одгледуваат добри деца кои подоцна ќе станат добри луѓе. Ние никогаш не можеме сосила да смениме нешто ако не тоа сака да се менува. Тогаш е јасно каква ни е иднината, а во најголем број од случаите децата ќе станат како родителите – вели Несторов.

Автор: Муамер Тановиќ



912

X