Веројатно веќе неколку пати сте слушнале дека во авионите, како безбедносен совет, им се порачува на родителите во случај на нужда најпрво да стават на себе маска за кислород, а потоа на детето. Сфаќате дека е реална претпоставката оти нема да му бидете од помош на своето дете ако прво не си помогнете сами на себе. Исто е и со родителството.

Не можете да очекувате дека ќе одгледате самоуверено и самосвесно дете ако носите лузни од своето детство и растењето, ако сте многу несигурни во себе и константно ги потиснувате негативните чувства.

Не сакате да бидете себични, секој дел од себе го вложувате во воспитувањето на своето дете и тоа е сосема разбирливо. Но, што кога ќе го достигнете врвот на своето потиснување. На сето она што ве мачи. Кога ќе се случи изненадувачка кризна ситуација како оваа во која неодамна сите се најдовме со присилен карантин и изолација.

Физички, вашиот организам веќе нема да може да се справи со сето она што ја оптоварило вашата психа. Но, вие и понатаму ја имате улогата на родител. Не сакате детето да ве види во такво издание, иако сфаќате дека не можете да побегнете…

Како да си помогнете?

Нашите мисли, чувства и однесување се меѓусебно поврзани. Немаме каде да побегнеме од сето тоа. Затоа мораме да пронајдеме некој мал издувен вентил кој во кризната ситуација барем донекаде ќе ни помогне. Некој се опушта со 10 минути туширање во мир, некој со 15 минути самостојна прошетка. Во зависност од возраста на вашето дете, обидете се да се сведете на негово ниво и со едноставни зборови да му објасните низ што поминувате и што ви е потребно во тој миг:

„На мама сега ѝ требаат 10 минути за себе. Знам дека ти ќе ми го дозволиш тоа“.

Оддалечете се од сето она негативно што ве вознемирува. Ако се тоа актуелните вести во време кога секоја втора вест е вонредна, престанете да ги гледате и да читате. Сè што е всушност важно, на овој или на оној начин, ќе дојде до вас, а неколку недели без вести од земјата и светот ќе ви претставуваат одмор за мозокот. Ако се тоа социјалните мрежи, одјавете се на некое време. Ако е тоа дружење со одредени луѓе, изолирајте се од нив. Животот е прекраток за околните негативни влијанија да ни го условуваат психичкиот мир.

Погрижете се доволно да спиете. Одете да спиете кога оди и детето, неизмиените чинии нема да побегнат. Недостигот на сон може многу да влијае врз вашиот организам – со него се поврзани болести на срцето, дијабетес, депресија. Кога притоа уште ќе споменеме дека ќе бидете позитивен, прибран и трпелив родител дури откако квалитетно ќе се наспиете, ќе ви биде сосема јасно зошто е тоа толку важно.

Сфатете и прифатете дека никогаш нема да бидете совршени. Ниту како родител ниту како личност. Вашиот ден има само 24 часа, не сте суперхерој и давате сè од себе. Кога тоа ќе го прифатите, ќе сфатите дека е доволно добро да се биде ДОБАР родител. Родител кој е присутен и вклучен. На кој му се важни воспитувањето и чувствата на своето дете. На кој родителството не му е нешто несериозно.

И тоа е сè што му е потребно на детето во тој момент! Детето сака да го види својот родител среќен! Не вештачки насмеан, туку вистински среќен.
А грижата за самиот себе не би смеела да биде повремен луксуз, туку константен дел од вашиот пристап кон воспитувањето и животот.

Автор: Магдалена Божичевиќ

Извор



912

X