Во периодот кога некој одбира партнер за сериозна врска често не размислува за тоа дали постои голема разлика помеѓу неговиот начин на воспитување деца и тој на партнерот. Многу луѓе во тој период воопшто не размислуваат за начинот на воспитување на децата сметајќи дека таа вештина спонтано, автоматски, се појавува кај секој што ќе добие дете. Затоа, можно е многу непријатно да ги изненади појавата на големата разлика во начинот на кој се обидуваат да го воспитаат детето. Тоа често прераснува во хроничен родителски судир околу начинот на воспитување на децата.

Можни се многубројни разлики во таа смисла. Едниот родител може премногу да го штити детето и според мислењето на другиот родител, да го прави неспособно. Често има конфликт и кога едниот родител е попустлив и на детето му дава љубов без дисциплинирање, додека другиот е построг и така се обидува да го дисциплинира детето.

Големите разлики во воспитувањето го мотивираат секој родител да го хармонизира задоволувањето на детските потреби. Тоа значи дека кога еден родител гледа дека другиот на детето не му го дава она што, според неговото мислење, му е потребно, тогаш зголемено му го дава она што недостига. За правилен развој, на детето му се потребни љубов и дисциплина, но кога едниот родител само дисциплинира, тогаш другиот тоа го компензира така што на детето му дава повеќе љубов, поради што овој првиот го зголемува дисциплинирањето, а потоа другиот го зголемува давањето љубов итн.

Големите разлики прават и двајцата родители да мислат дека оној другиот штетно му влијае на детето и дека го упропастува, што кај нив покренува природна акција за штитење на детето. Последица е тоа што и двајцата родители гледаат на ситуацијата низ својот „драмски триаголник“, според кој детето е жртва, вториот родител е прогонувач на жртвата, а себеси се гледаат како спасител на детето. „Спасувањето“ може да биде такво што ќе го оттргнува детето од другиот родител или ќе му се спротивстави на другиот родител со обидот за „прогонување на прогонувачот“. Хроничниот родителски судир околу воспитувањето станува акутен секојпат кога на едниот родител не му се допаѓа тоа што го прави другиот.

Бидејќи децата се најголемата вредност во животот, многу се силни непријатните чувства поврзани со начинот на кој другиот го воспитува детето. Затоа некогаш како главна причина за развод се наведува токму несогласувањето околу воспитувањето на децата. На пример, попустливата мајка се одлучила на развод бидејќи не може да гледа како таткото „садистички“ се однесува со децата.

За детето е најдобро ако и двајцата родители му даваат љубов и го дисциплинираат. Начинот за избегнување или надминување на судирот помеѓу родителите околу воспитувањето на децата е да разговараат уште пред да се роди детето. Во случај да не можат да се согласат, добро е да се едуцираат во овој поглед или да побараат помош од експерт кој ќе им помогне подобро да се ориентираат и да изградат заеднички стил на воспитување.

Автор: Зоран Миливојевиќ



912

X