Кога зборувам за детските потреби, не мислам на оние материјалните, туку на оние психолошките, лични потреби потребни за адекватен раст и развој. Тоа се психолошки потреби како: потреба за љубов, потреба за сигурност, потреба за безбедност, потреба за внимание, потреба за грижа, потреба за поддршка итн. Начинот на кој родителите одговараат на детските потреби го одредува нивниот однос кон себе и кон другите.
Кога родителите адекватно одговараат на детските психолошки потреби, детето расте со убедување дека неговите потреби се важни, дека самото тоа е важно и скапоцено и дека светот е сигурно и безбедно место за живеење.
Кога родителите се „отсутни“ или не одговараат на детските потреби, детето расте со убедување дека не може да се потпре на никој и учи дека неговите очекувања не се остваруваат, па станува песимистички настроено кон себе и кон надворешниот свет.
Кога родителите одговараат на детските потреби периодично или неадекватно, детето расте збунето и несигурно, никогаш не знае што да очекува, па може да пројави опсесивност во однесувањето со цел да има поголема контрола врз нештата.
Кога родителите реагираат со злоупотребувачки однос или често користат физички казни во воспитувањето, каде што постои недостиг на грижа, детето расте со убедувања дека е невредно за какво било внимание, дека е неспособно и дека светот е несигурно и небезбедно место за живеење. Таквите деца се секогаш во грч, спремни да се бранат физички или психички од некого.
Родителот треба да биде во можност да ги открие потребите на своето дете, за овие потреби децата не зборуваат наглас, тие само дејствуваат. Важно е и самиот родител да ги разбира ваквите потреби како важни и на крај да му верува на своето дете за она што го сака и му е потребно.
912