Воспитување

Родителски стилови и нивно влијание врз развојот на децата

Во денешниот современ начин на живот разликуваме три вида родителски стилови.

Пермисивно попустливо родителство од една страна на оската каде што нема хиерархија во семејниот систем и се допушта какво било однесување. Таквото родителствување најчесто доведува до слаба емоционална регулација кај децата, бунтовничко и пркосно однесување, несигурност поради недостиг на граници, што може да доведе и до антисоцијално однесување. Децата се потпираат на хедонизмот што им го допуштаат родителите учејќи инстант, односно брзо да ги задоволуваат своите барања и потреби и не покажуваат упорност кон извршување на задачите, каде што главен тригер за фрустрација е кога ќе се најдат при извор на тешкотија во извршување на задачата.

Наспроти ова родителствување се наоѓа казнено авторитарно родителство, каде што е застапена целосна контрола и рестрикција на автономијата на детето со очекување безусловна послушност,кое пак поради ова може да развива диспозиции на анксиозност, ниска самопочит и самодоверба со проблеми во социјалните ситуации на детето.

Меѓу овие две е златната средина. Тоа е авторитативното родителство. Овде родителот е тој што е главен водач и знае што е добро за детето, знае како да му помогне на детето и ја препознава неговата емоција и не го казнува за неговата емоционалност. Тоа би значело ќе те водам, ќе те прегрнам и ќе ти дозволам да поминеш низ тие твои комплицирани сензации за да ги издржиш и да останеш безбеден и сакан.

Кон оваа класификација се додава и незаинтересираниот родителски стил, кој се карактеризира со ниска контрола, индиферентност и ниска емоционална топлина.

Родителството не е демократија. Децата треба да почувствуваат дека некој е главен, дека некој ги води. Во хиерархијата постои доминантна сила. Родителот доминира над детето не за да го искористува и ограничува, туку за да го негува и поддржува.

Автор: м-р Христина Стефановска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top