Со почетокот на новата учебна година неизбежно се јавуваат и нови родителски очекувања од сопствените деца. Запишување на одредени активности надвор од училиштето, просекот на оценки кон кој се стремиме, правење планови за упис во посакуваното средно училиште – сето тоа, потсвесно или свесно – е честа мисла на родителите.

Но, очекувањето не е нешто што настанало случајно. Всушност, тоа е дел од нашиот живот уште од детството, а потоа тој образец често може да се преслика и на нашите деца. Очекувањата се темелат на искуствата што сме ги имале како деца.

Во детството нашите можности и сликата за светот се многу поразлични отколку оние во возрасниот период. Доколку недостигала родителска поддршка, тие искуства често се и негативни. Но, без разлика на тоа, минатите искуства ги обликуваат нашите очекувања, па така и очекувањата што ги имаме од нашите деца. На пример, доколку и самите некогаш сме биле одлични ученици, со голем број активности надвор од училиштето, тоа го очекуваме и од своите деца. Исто така, возможно е да не сме го исполниле она за што сме сонувале како дете, па сега се обидуваме да го „живееме“ своето минато „јас“ преку сопствените деца.

Но, доколку кон очекувањата од сопственото дете се пристапи на соодветен начин, тие и не мора негативно да му влијаат. Всушност, можат и да му дадат одредена насока, но и во тоа треба да се има мера.

Како влијаат родителските очекувања врз детето?

За тоа зборува Анита Вадас од Хрватска, учителка со долгогодишно работно искуство во училиште и водич на работилница за родители кои често се среќаваат баш со таа тема.

– За детето е природно да ги сака своите родители. Ги сака безусловно и за нив би направило сè. Токму тоа и го прави. Настојува да реализира сè што очекуваат родителите од него, често и не мислејќи дали можеби не го сака тоа. Тоа е нешто што го сака родителот, а детето сака да го усреќи родителот. Исклучок се „своеглавите“ деца, односно оние што јасно кажуваат што сакаат, а што не.

Од друга страна, „послушните“ деца се такви сè до пубертетот. Секако, голем број деца уживаат и во учење и активности надвор од училиштето, но тие се сепак во помал број, истакнува учителката Вадас.

Прифаќање на детето и на реалноста

Кога детето не ги задоволува очекувањата на родителите, често на мета се токму учителите или спортските тренери.

– Ако детето на училиште остварува одличен успех, сè е во ред. Но доколку не е така, родителот делумно или целосно ја префрла вината на тој што го учи детето. Родителот очекувал учителот да ја сработи својата работа така што неговото дете ќе биде одличен ученик. Слично е и со активностите надвор од училиштето.

Често на детето му се дава до знаење дека мора да е брилијантно и во изучување странски јазик, а не е исклучок ни занимавање со спорт каде што неретко само првите три места се прифатливи. Ако детето не успее, често се префрла на друг спорт, со што родителот се оправдува и себеси и детето – напоменува Анита.

Многу често и во училишната практика можат да се сретнат родители кои не сакаат да се помират со фактот дека не можат сите деца да бидат врвни спортисти и одлични ученици, што води кон магичен круг на фрустрации и воедно значително влијае врз обликувањето на способностите на детето и на начинот на кој како возрасен ќе пристапува кон поимот за успех.

Пофалете го трудот на детето, без критикување

Но, кога детето ќе оствари некој за него значаен успех, без разлика дали се работи за спорт или училишно остварување, посветете внимание на тоа.

– Дури и кратките разговори можат да направат огромна разлика. На пример, доколку детето по некој наставен предмет добило оценка која според ваше мислење не е задоволителна, само пофалете го неговиот труд без притоа да изнесувате критика.

Избегнете прашања од типот: Зошто не доби петка? Како напишаа другите? Какви оценки добија? Колку ученици добија петка? Кој доби единица? Иако најголемиот дел од тие прашања не е поврзан со резултатите на детето, тоа може да почувствува дека го споредувате со другите. Дури и ако потоа го пофалите, детето веќе ја примило првата порака. Таа ќе ја памети – предупредува Анита.

– Наместо тоа, насочете се кон тоа што детето го направило добро, како и на неговите силни страни. Секое дете е добро во нешто, а задача на родителите е да го поддржат и да го водат.

Како би било навистина да се фокусираме кон добрите особини на детето и да го насочиме кон неговите афинитети? Тоа не мора да зборува два-три странски јазици и да биде врвен спортист. Доволно е да биде среќно.

Нека одлучи што ќе прави самостојно со ваша поддршка. Нека се занимава со тоа што го сака, толку долго колку што му се допаѓа тоа. Не заради стремеж кон успех, туку заради љубов и страст, заклучува Анита Вадас.



912

X