Понекогаш преку своите најдобри намери ги правиме и најголемите грешки – тоа особено важи за родителите. Ова се неколку од вообичаените грешки што ги прават и најдобрите родители.

1. Се однесувате премногу заштитнички

Децата сакаат да учат, да пробуваат нови работи и да истражуваат. На возраст од две до седум години дечињата почнуваат да учат за причини и последици. Ако не им е допуштено да набљудуваат и да експериментираат, тие нема да ги научат последиците од одредените постапки. Според теоријата за развој на психологот Ерик Ериксон, ако детето биде спречено во своето истражување поради страв од повреда, тогаш тоа ќе развие и страв од преземање иницијатива, па ќе стане зависно од родителите, а и секогаш ќе бара сигурност и уверување од другите луѓе.

Треба да му се даде таа слобода на детето, да му се дозволи да ги направи грешките за да почне да учи од нив.

2. Попушташ поради плачењето и испадите на бес

Малите деца не можат да ни кажат што сакаат и што им треба. Кога плачат, ние се обидуваме да откриеме дали пелените им се полни, дали се гладни, болни, или само сакаат да бидат во нашата прегратка. На некој начин, поради тоа им попуштаме. Кога детето ќе наполни две години, родителите би требало веќе да го разликуваат плачот од испадите на бес. Иако е поедноставно да се попушти, сепак, со тоа само му штетиме на детето. Нема да се научи на самоконтрола и ќе продолжи да зависи од другите луѓе во овозможувањето на која било работа, голема или мала, а таквото однесување често знае да продолжи и во возрасна доба.

Психијатрите препорачуваат децата да се учат на компромиси. Детето, исто така, треба да ја научи важноста на наградата и казната, како и изборот што го има помеѓу нив. Нудејќи му играчка како поттик за да биде успешно на училиште, го учите детето на позитивна поткрепа. Но, бидете внимателни со негативната. Тоа се случува кога ненамерно ќе го наградите детето, кога ќе направи нешто лошо. На пример, кога ќе му дозволите да си игра без да го расчисти нередот зад себе, само затоа што не престанува да плаче.

3. Критики

На децата им треба трпение и разбирање повеќе отколку правила и критики. Оние што често се критикувани може да развијат многу ниска самодоверба. Таквите деца имаат поголеми шанси и да развија опсесивно-компулсивно нарушување подоцна во животот. Стануваат перфекционисти и секогаш се сомневаат во себе, па сметаат дека што и да направат, тоа не е доволно добро за нивните родители.

Поставете свои очекувања врз основа на фазата на развој на вашето дете. Немојте да критикувате деца на возраст од две или три години за нередот што го направиле. Наместо тоа, честитајте му што успеало да се најаде самото. Детето што веќе почнало на училиште, пофалете го за трудот и поттикнете го да продолжи да се труди.

4. Ги игнорирате прашањата на детето

Повеќето деца се љубопитни и сакаат да научат за светот околу нив. Поставуваат многу прашања, а некои родители ги игнорираат бидејќи мислат дека интересот на децата е премногу чувствителен и детален.
Но, на тој начин детето учи дека не смее да се изразува, ќе ги задржи емоциите за себе и ќе развие лоши комуникациски вештини. Тоа ќе доведе и до уништување на довербата помеѓу родителите и децата. Кога не знаете што да му одговорите, едноставно кажете му дека го немате одговорот, но ќе го дознаете колку што може побрзо.

5. Мали „бели лаги“

Кажувањето „бели лаги“ е вообичаена реакција на родителите кога децата ги испитуваат за теми како, на пример, секс или гениталии. Некои родители во тие моменти кажуваат нелогични лаги кои можат да доведат до несакани особини кај децата кога ќе пораснат. Начинот на кој родителот одговара на прашања за сексуалноста покажува каков став има и кон сопствената сексуалност, како и кон онаа на детето, смета психологот Миранда Новак.

Децата би требало да се учат за вистинските последици од нивните дела и да им се објаснат тие последици на јазик што ќе го разберат. Ако дете на возраст од четири години праша што е тоа секс, едноставно кажете му дека со сексот мажот и жената добиваат бебе. Не морате да одите во детали, а ако почнете да лажете, тогаш неговата веродостојност во малите и големи работи ќе биде нарушена.

6. Постојано викате

Вашите деца зборуваат како вас. Тие го користат вашиот вокабулар и го имитираат вашиот тон и вид на говор. Ако викате, на нив или на други луѓе, тогаш и децата ќе научат да викаат. Ако користите пцости, тоа ќе го научат и вашите деца.

Прифатливо е да зборувате поостро кога сакате да ги укорите децата или да соопштите нешто важно, но секогаш би требало да се воздржувате од гласно викање.

7. Пречесто ги оставате децата со бабата и дедото

Ова станува негативно кога детето ќе почне да ги гледа бабата или дедото како глава на своето семејство. Тогаш детето е збунето, а таквата замена најчесто доаѓа до израз кога се во прашање правила. На пример, ако детето праша дали може да оди надвор, а неговиот дедо му го одобри тоа, но таткото вели „не“, детето ќе ги следи упатствата од дедото бидејќи него го смета за глава на семејството. Подоцна во тинејџерските години детето ќе биде збунето. Детето ќе го следи тој што ќе се согласи со она што го сака.

Често постои конфликт помеѓу родителите и бабите и дедовците ако живеат под ист покрив. Кога има таква расправа, детето ќе види дека такво однесување е дозволено и тоа ќе им одговори на своите родители баш онака како што тие го прават тоа со своите.

Но никогаш не е доцна за промена. Со мали чекори одете кон неа, па наскоро ќе се уверите дека сте усвоиле сосема нови и подобри навики.



912

X