Ако вашиот хиерархиски инстинкт ви овозможува на другите да им кажете „каде им е местото“, тогаш е речиси извесно дека вие добро ги помните ситуациите во кои сте се чувствувале како да ви е повредено вашето детско достоинство.
Веројатно се сеќавате како ве игнорирале, ви држеле лекции, ве казнувале, ви наведувале други лица за пример и колку сето тоа ве навредувало. Има безброј варијанти, но суштината е една – детето има свое мислење, свој однос кон одреден проблем, тоа има свое „јас“, а родителите имаат желба да му покажат дека за неговото мислење не се интересира никој, дека постои друго видување на ситуацијата и дека неговото „јас“ не е важно.
Многу деца што чувствуваат напад на својот хиерархиски инстинкт мислат: „Ќе видите вие кога ќе пораснам…“
Што е тоа што треба да го видат неговите родители, обично ни самото дете не знае. Всушност, често децата го решаваат овој проблем на традиционален детски начин – замислуваат дека ќе станат „началници“, „полицајци“, „капетани“, односно се гледаат себеси на различни раководни функции во иднина.
Детето смета дека е во состојба да биде „подобро“ од родителите, а со самото тоа мора да стапи во судир со нив
Понекогаш може да се слушне од децата: „Кога ќе пораснам, нема да бидам како мојот татко!“, или „Нема да бидам како мојата мајка!“ И во продолжение: „Ќе ја сакам својата ќерка и сѐ ќе ѝ дозволувам!“, или „Кога ќе имам син, нема никогаш да го казнувам!“ Со слични објаснувања децата укажуваат и на некои други недостатоци на своите родители – дали се расправаат, викаат еден на друг, кажуваат лаги, нешто им скратуваат. Сите тие формулации, често многу комични, всушност докажуваат дека детето не ги уважува своите родители и дека тие за него не се авторитет.
Таквиот однос кон постарите речиси секогаш е врзан за чувството на понижување, неправда, чувство за незаслужено или претерано сурово казнување. Детето смета дека е во состојба да биде „подобро“ од родителите, а со самото тоа мора да стапи во судир со нив, па и да има тенденција на правото да биде барем на исто ниво со нив. Ваквите чувства и мисли постепено се множат кај детето и покрај притисокот што му се врши, а кој детето го смета за непримерен.
Родителот не треба да се спушта на нивото на детето, туку да се „крева“
Се разбира, на родителите ова им изгледа комично. А, всушност, нема ништо смешно тука. Родителот мора да умее да го отстапи „местото на врвот“ во виртуелната хиерархија и тоа не така што ќе ја напушта сцената или ќе го препушти детето напред, туку така што ќе се подигнува сѐ повеќе и за детето ќе станува сѐ посложена, подостојна и авторитетна личност. Дали нашите родители така постапувале? Не. Напротив, најчесто со задоволство се спуштале на наше ниво, влегувале во кавги и расправии, а нас тоа само повеќе нѐ трауматизирало.
Кога детето вели: „Зошто не смеам да бидам груб кон татко ми кога тој ме навредува?“, тоа е веќе сигнал за опасност, а не детска глупост. Таквата изјава е доказ дека детето не го прифаќа, не го чувствува авторитетот на својот татко. Без разлика на сите недостатоци, таткото претставува „врв“! И ако малолетниот син тоа не го чувствува, тоа значи дека неговиот хиерархиски инстинкт ќе биде деформиран. Тој подоцна ќе ги доживува како навреди – наредбите од командирот во војска, барањата на професорот од факултетот ќе ги смета за неоправдани, а инструкциите од началникот на работа за несоодветни. Односно, тој во сите тие случаи, како прво, ќе се здобива со трауми бидејќи не е во состојба да го види своето вистинско место во социјалната хиерархија, а како второ, секогаш ќе биде незадоволен. Може ли таков човек за себе да пронајде социјална улога во која би му било добро? Се сомневам.
Исто е и со девојчињата. Ако девојчето не чувствува уважување кон мајката, не го чувствува авторитетот на таткото, ако се обидува да им конкурира, да мери сила со нив, тоа и подоцна секогаш ќе се занимава со одмерување. Ќе ги мери своите сили со сопругот и секогаш ќе ѝ се чини дека е тој „незадоволен“. Ќе живее со чувството дека нејзината личност е стеснета и на работа и дома и во секоја друга ситуација. Ќе смета дека недоволно ја ценат, па кон неа би требало подобро да се однесуваат, да ѝ подаруваат повеќе внимание.
Проблемот со авторитетите води кон хронично незадоволство
Ако овој проблем го набљудуваме отстрана, тој не изгледа како нешто страшно и неправилно. Меѓутоа, доколку ја набљудуваме душевната состојба на децата што поминале низ школата на неуважување авторитет и патолошката потреба за лидерство, ќе го видиме нивното незадоволство од сопствениот живот. Тие никогаш нема да можат да бидат задоволни од она што го имаат. Тоа претставува пат кон хронично незадоволство – и свесно и преживеано. Веројатно од нив ќе израснат борци кои не се борат затоа што имаат што да кажат или имаат причина за борба, туку нивното мото секогаш ќе биде: „Се борам затоа што се борам“, слично на Портос (од романот „Три мускетари“) и останатите тажни јунаци.
Соперништвото помеѓу родителите и децата е вистинскиот пат за формирање невротичен карактер кај детето
Индивидуалното ниво на хиерархиски инстинкт е генски одредено. Кај некои деца е повеќе, кај некои помалку изразен. Доколку кај детето тој е во ред, може да изгледа дека од него може да се очекува светла иднина – тој ќе се стреми кон „нагоре“ и можеби навистина ќе постигне многу. Меѓутоа, тоа е всушност можно само ако во детството неговиот хиерархиски инстинкт не бил деформиран од неоправдан и несоодветен родителски притисок.
Соперништвото помеѓу родителите и децата е вистинскиот пат за формирање невротичен карактер кај детето. Во најдобар случај, кај детето сѐ ќе се претвори во хронично и патолошко чувство на незадоволство од своите достигнувања, од себеси и од својот живот во целина.
Извадок од книгата „Конфликти и комплекси“, Андреј В. Курпатов (Дерета)