Децата имаат потреба да играат со други деца. Некогаш, не толку одамна, децата играа во дворови, игралишта и на улица. Денес, тој јавен простор се смета за потенцијално опасен и со самото тоа несоодветен за престој на децата без надзор од возрасните. Едно, отфрлено, законско решение предлагало децата до 12 години да не смеат да бидат на улица без надзор од возрасните.

Од таа причина, децата, особено во големите градови, своите пријатели ги наоѓаат во градинките, со кои до одредено време меѓусебно играат под надзор на возрасните. Остатокот од времето го поминуваат во своите домови, каде што повремено на неколку часа ги посетува некој пријател или пријателка. Затоа децата, особено во онаа половина од семејствата каде што немаат брат или сестра, очекуваат со нив да си играат нивните родители. Родителите кои на овој начин ги спасуваат своите деца од осаменост и досада стануваат „пријатели во игра“.

Значењето на авторитетот

Поради големата разлика помеѓу возрасен и дете, нивниот однос не може да биде рамноправен. Родителот треба да го води и насочува детето и без разлика на љубовта кон детето, тој треба да го дисциплинира детето. Затоа односот помеѓу родителот и детето треба да има, тогаш кога е потребно, вертикална димензија во која родителот е авторитет кој е „надреден“ над детето, а детето нему да му е „подредено“. Најдобро е кога родителот има способност да ја менува улогата на авторитет и пријател во игра бидејќи на тој начин ги задоволува сите видови потреби на детето.

Проблемот во односот помеѓу родителот и детето настанува тогаш кога родителот претежно функционира како „пријател“, избегнувајќи ја позицијата на надреден, останувајќи на „хоризонталното“ ниво, обидувајќи се околу сè да се договори со детето. Типично за овие родители е да го избегнуваат секој конфликт со детето и да веруваат дека секоја ситуација може да се реши со објаснување и договор. Тоа во некој мал број случаи може да биде правилен пристап, но повеќе родители „пријатели“, откриваат дека нивните деца кои до тогаш биле послушни, околу седмата, осмата година, стануваат непослушни, како и дека проблемот на нивното однесување се зголемува секоја наредна година.

Покрај тоа што на децата треба да им дадат што повеќе љубов, родителите треба и да ги дисциплинираат за да ја остварат родителската цел, а тоа е да ги подготват за самостоен живот во општеството. Со малите деца управува нивната биологија, „принципот на пријатност“, односно уверувањето дека е корисно само она што е пријатно, а дека е штетно сè што е непријатно. Родителот го застапува општеството и тој е оној што едноставно мора да влезе во конфликт со детето и неговите желби и низ различни „не смееш“ и „мораш“ да го научи детето дека постојат граници помеѓу дозволеното и недозволеното, како и да му изгради хигиенски и други навики. Токму преку дисциплинирањето од страна на родителите детето полека ја изградува способноста за самодисциплина, која многу ќе му треба подоцна во возрасниот живот.

Често децата што ги воспитале „родители-пријатели“, и покрај својата интелигенција, таленти и широка информираност, едноставно не умеат да управуваат сами со себе. Недостигот на самодисциплина ги прави неуспешни во сите оние области во кои е потребно повеќе време за чекорење кон целта. Ако овие деца не научиле дома да се носат со авторитетот, тие покажуваат дека не поднесуваат авторитети во животот и подоцна. Тие не разликуваат дека „да се биде подреден“, што е општествена улога, е различно од „да се биде понизен“, што е признание на ниска вредност.

Замена на улогите

Особено се загрозени децата чии родители инсистираат да им бидат најдобри пријатели во нивните тинејџерски години. Покрај тоа што често ги оптоваруваат децата со негативни приказни за другиот родител, од нив очекуваат разбирање и поддршка. А кога детето ќе се обиде да оствари некоја емотивна поинтензивна врска со некој врсник, овие родители реагираат така што се навредени, љубоморни и зајадливи. Некогаш, наместо да се однесуваат како мајка или татко, се однесуваат како постара сестра или брат, или во најлош случај, ги заменуваат улогите, така што детето го ставаат во улога на нивен родител кој треба да ги задоволи нивните потреби.

Иако е најдобро двајцата родители и да сакаат и да дисциплинираат, кога едниот родител е „пријател“, добро е барем другиот да дисциплинира. Во ред е повремено да се биде „пријател во игра“ за детето, но треба да се знае дека од таа позиција не може правилно да се воспита детето.

Автор: Зоран Миливојевиќ



912

X