Воспитување

Родителот е сѐ позбунет и понеодлучен во виртуелната доба

На една страна е социјалниот императив да се биде совршена мајка или совршен татко, на другата – потсетувањето од психологот дека нема идеална формула за воспитување, а тука е и желбата да се најдат најдобрата градинка, најдобрата учителка, најдобриот тренер…

Некогаш се знаело: главни „советници“ во воспитувањето на детето биле бабите, тетките, стрините и искусните сосетки, а во случај на покомплицирани воспитно-здравствени дилеми бил консултиран и доктор Бенџамин Спок, поточно неговата прочуена книга. За повеќето деца прачката била врвниот „авторитет“, а по поаѓањето на училиште улогата на „трет“ родител ја преземала учителката, чиј збор никогаш не се доведувал во прашање. На родителските состаноци владеела комеморативна тишина, а мајките и татковците го чекале „страшниот суд“ за образовното постигнување и дисциплина на своето дете.

Родителството стана комплицирана професија

Современите родители пред звукот на алармот најчесто се будат од пораките што стигнуваат од некоја вајбер-група преку која се информираат дека учителката ќе зададе контролен тест по мајчин јазик и ќе испитува таблица на множење. Кога ќе се разбудат и ќе го отворат својот „прозорец кон светот“, односно „Фејсбук“ или „Инстаграм“, на родителите им се нудат најновите книги од популарната психологија, а на пат од дома до работа на радио најчесто слушаат предавање од некој психијатар или педијатар кој зборува за предностите или недостатоците на вакцинирањето или физичкото казнување.

Психолозите, педагозите и професорите се согласуваат дека денес се соочуваме со извесен парадокс – никогаш немало повеќе книги од научна или популарна психологија за воспитување на децата, а родителите никогаш не биле во поголема дилема како да ги воспитуваат своите малечки. Минатиот месец во Нови Сад се одржа трибина на тема „Како да се биде добар родител во виртуелната доба“, на која зборувале д-р Зоран Миливоевиќ, психотерапевт, и Јована Папан, уредничка на страницата „Детинарии“ и авторка на книгата „Политика за деца“. А на прашањето зошто родителството стана толку комплицирана „професија“, Папан вели:

– Современите родители се сретнуваат со таканаречен парадокс на избори, кој во превод значи дека лицата соочени со голем број можности стануваат сѐ позбунети и понеодлучни. Освен тоа, денес постои силен социјален императив да се биде совршен родител. Бидејќи, како да не се биде совршен покрај толку совети, книги, интернет, социјални мрежи, психолози… Меѓутоа, се заборава дека психологијата не е егзактна наука и дека не постојат универзални формули кои гарантираат дека детето ќе биде одлично ако го воспитуваат на одреден начин. Постојано се наметнува идејата дека детето е пластелин од кој со помош на правилно вајање се добива фантастична фигуричка. Се заборава дека детето е „производ“ од гените и средината, а истражувањата извршени на еднојајчени близнаци, раздвоени по раѓањето и воспитувани во целосно различни услови, покажуваат дека тие повеќе или помалку постигнуваат слични резултати во животот, без оглед на начинот на воспитување, социјалната средина во која растеле и квалитетот на образованието што го имале.

На родителите постојано им се испраќа порака од типот – ако прочитате одредена книга, ако посетувате родителски коучинг, или го испратите детето на одредена активност, ќе добиете совршен потомок. Во реалноста, постојат толку многу работи што се надвор од контрола на родителите, што понекогаш помислувам дека во право биле црковните мудреци кога на родителското прашање „што е најдобро да направам за своето дете“ одговарале „молете се“, искрена е Јована Папан, мајка на три деца.

Таа забележува дека многу родители толку многу се исцрпуваат во обидот да ги контролираат сите аспекти од животот на детето – од избор на најдобра градинка, најдобра учителка, најсоодветни воншколски активности до најдобар тренер – што често немаат време да уживаат во родителството. Живеејќи во нарцистичкиот амбиент на социјалните мрежи, во кој постои императивот секој успех да се сподели на „Фејсбук“ или „Инстаграм“, стануваат исфрустрирани кога гледаат некое друго дете закитено со медал за ритмичка гимнастика или кое добило награда за најдобар состав по француски јазик.

Во виртуелната доба родителството не е приватна, туку многу јавна работа

– Најголемата промена во родителството настапи со појавата на паметните телефони, односно малите компјутери кои вршат повеќе од 50 функции. Телефоните ги заменија телевизорите, кои имаат улога на бебиситерки во семејството кои го окупираа детското внимание, а децата преку мобилните телефони добија прозорец кон светот кој стана поинтересен од самиот свет. Затоа почнаа да се повлекуваат во своите соби, што им одговара и на родителите, бидејќи се плашат за безбедноста на своите деца. Современите истражувања покажуваат дека припадниците на новите генерации поминуваат дури седум часа со телефонот, а само два со луѓе – последица на тоа е порастот на анксиозно-депресивните нарушувања и недостиг на социјални вештини. Меѓутоа, и родителите поголемиот дел од времето го поминуваат на социјалните мрежи каде што набљудуваат што се случува во другите семејства и како другите родители ги воспитуваат своите деца – вели д-р Зоран Миливоевиќ.

– Во виртуелната доба родителството не е приватна, туку многу јавна работа. Тоа стана дел од имиџот, па на повеќето родители им станува приоритет своето семејство да го прикажат како совршено. Добар дел од денот мајките собираат колку лајкови добиле за салатата со брокули и лосос, а колку за „аутфитот“ на девојчето за на училиште. Родителството станува начин да се сврти вниманието кон себе и своите достигнувања – забележува Папан.

– Родителството се дигитализирало – мајките и татковците немаат веќе време да одат на училиште, но затоа имаат увид во електронскиот дневник и оценките на своето дете. Сепак, сметам дека најголемата промена настапила во однос на училиштето. Некогаш родителите и наставниците беа сојузници, а денес родителите се сојузници со своите деца. Тие ставаат знак на еднаквост меѓу себе и детето, многу лошо реагираат на критика, а кога детето ќе добие лоша оценка или намалено поведение, носат свој адвокат во училиштето и се закануваат со медиуми – оценува д-р Миливоевиќ.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top