Микробиологот, проф. д-р Никола Пановски објаснува во кои случаи е опасна оваа бактерија. Во меѓувреме, родители на деца што учат во училиштето и градинката каде што беше изолирана бараат поголема хигиена. Некои не ги пуштаат децата на настава

Откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека има четири случаи на заразени со бактеријата МРСА (Methicillin-resistant Staphylococcus aureus), вработените во градинката „Снежана“ во Чаир и во училиштето „Панајот Гиновски“ соодветно ги исчистиле објектите и тоалетите по налог на инспекторите.
Оваа бактерија предизвика страв кај голем дел од родителите. Советот на родители во училиштето, заедно со родителите од второ одделение, во кое беше изолирана МРСА, бараат од раководството и од Општината да се најде начин да се подигне нивото на хигиената на повисоко ниво.

За тоа колку е опасна оваа бактерија и во кои случаи, разговаравме со микробиологот, проф. д-р Никола Пановски.

Сите бактерии се смртоносни, но не секогаш и секаде

Сите бактерии се смртоносни, но сè зависи од самиот човек. Тие предизвикуваат болести пред сè кај луѓе што веќе се болни од нешто друго, објаснува професорот.
– Бактеријата предизвикува болести пред сè кај луѓе болни од нешто друго, т.е. кај оние со паднат имунитет. Ако бактеријата МРСА е изолирана во градинка или во училиште, не е опасна и не знам зошто би се сметала за опасна. Стафилококни бактерии во носот имаат 30 отсто од населението, а најчесто децата. МРСА е стафилококна бактерија, само што е поотпорна на антибиотици. Не предизвикува болест кај здрави деца. Треба да има повреда, рана за да биде опасна. Опасно е да ја има на рацете или во носот некој што работи во болница, или на пример на интензивна нега, со тешко болни пациенти – објаснува професорот.

Тој вели дека МРСА не би требало да ја има персоналот во болниците, односно тие не смеат да ја имаат за да не ја пренесат на оние кај кои би предизвикала последици, оние со паднат имунитет.

– Проблемот е во болниците, таму има инфекции од таа бактерија. Но ова е нешто што си трае со години, го има во болниците на цел Балкан, во Европа. Секојдневно се изолираат десетици такви соеви и тоа е нешто што треба да се решава во болниците. За таа бактерија има специјален лек, кој би требало државата бесплатно да им го дава на родителите за нивните деца. Лекот е „мупироцин“ и треба да биде достапен. Се аплицира локално. Како и да е, родителите не треба да креваат паника, МРСА не е опасна во училиште или во градинка, туку само во болница – додава Пановски.

МРСА е отпорна на антибиотици, што значи дека тешко се лекува болеста што ја предизвикала. Проблемот е во тоа што ако направи инфекција, изборот на лекови за нејзино лекување е мал.
– Има само еден лек, на кој исто така може да стане отпорна. Кај нас се изолираат над 700 соеви на МРСА годишно. Од нив, околу 60 до 70 се изолирани од сепса. Тие се секојдневие кај нас со години. Имам впечаток дека медиумите раководат со здравствените власти како да преземат мерки. Сите бактерии се смртоносни, но сè зависи од човекот – вели Пановски.

Родителите бараат да се земат брисеви на децата во целото училиште

Во меѓувреме не стивнуваат реакциите кај исплашените родители на деца што учат во „Панајот Гиновски“ по појавата на оваа бактерија. Многу од нив деновиве одлучиле и да не ги носат децата на училиште поради страв од заболување, сè додека, како што велат, долгорочно не се преземат мерки околу хигиената во училиштето.

– Кај детето кај кое беше изолирана МРСА почна да го чеша лицето. Целата работа и реакции кај нас, родителите, почнаа по тој случај, кој се појави пред околу еден месец. Бараме да се крене нивото на хигиена на повисоко ниво. Родителите индивидуално ги носеа децата од тоа одделение на брис, а кај некои се покажа присуство на стрептокока, но имаше и уринарни инфекции – вели родител на дете во ова училиште.

Родители во второ одделение веќе собрале потписи кои заедно со неколку барања ги доставиле кај директорката и во Општина Бутел.

„Бараме да се земат брисеви од сите ученици во училиштето и соодветно медицински да се постапи каде што ќе има позитивен наод. Бараме да се дезинфицираат и темелно да се исчистат сите простории, вклучувајќи ги и тоалетите. Да се постават врати во тоалетите (ова го бараме за да се заштитат децата од исмевање и други непријатни случувања од страна на други ученици во училиштето). Да се воспостави ред за чистење на училниците и тоалетите со распоред за чистење. Да се користат адекватни средства за чистење. Да се воспостави пракса барем на три месеци да доаѓа санитарна инспекција. Реновирањето на тоалетите и на училиштето да не биде во период кога учениците се во училиштето“, стои во барањето од родителите.

На 6 март ДСЗИ донел решение според кое се бара итно училиштето да изврши механичко темелно чистење на просториите за целодневна настава, да се изврши вонредна дезинфекција од овластена установа. Директорката на училиштето, Катерина Ническа-Мартиноска, за Деца.мк тврди дека сето ова е веќе направено.

– Веќе постапивме по решението од ДСЗИ. Јас ниту можам да го затворам училиштето ниту да им се лутам на родителите што реагираат, тоа е нивно право. Средства за хигиена училиштето има, хигиената се одржува редовно и правиме сè што е во наша моќ – вели Ническа-Мартиноска.

Дали ДСЗИ сакаше да го скрие случајот?

Минатата недела Деца.мк разговараше со директорката на ДСЗИ, Ирина Бухова, во врска со појавата на МРСА во „Панајот Гиновски“. Таа тогаш тврдеше дека немаат дојава за појава на МРСА иако веќе имало санитарна инспекција во училиштето, но вчера излезе со изјава дека сепак имало.
– Во моментот кога сте барале информација ДСЗИ немаше добиено информација за одредени случувања во споменатото училиште. На 6 март ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор во училиштето по телефонска дојава од родител за лоши хигиенски услови во тоалетите и присутност на бактеријата кај некој ученик. По извршениот вонреден надзор е констатирано дека директорката на училиштето не била информирана дека кај едно дете има изолирано МРСА. За ова бил информиран само класниот раководител. Во текот на надзорот во електронска форма на барање на ДСЗИ родителот го испрати извештајот по електронски пат. Надзорот беше извршен заедно со екипа на Центарот за јавно здравје, кој претходно исто така немаше информација за заразено дете – вели Бухова.

Таа вчера изјави дека во градинката „Снежана“ во Чаир, од ДСЗИ на 4 март направиле вонреден инспекциски надзор по телефонска пријава дека едно дете има позитивен наод во брис од нос на бактеријата МРСА. Земени се 37 бриса од нос во групата каде што било згрижено детето, од кои пет се позитивни, од нив два на Staphylococcus aureus. Уште еден случај на МРСА е регистриран со вонреден инспекциски надзор на 6 март, кај дете од второ одделение во „Панајот Гиновски“.



912

X