Сон на сите родители е нивните деца да бидат познати по своите доблести и учтиво однесување. Иако на однесувањето на децата со текот на времето многу влијае околината, тоа е под влијание и на однесувањето од родителите, кое децата го усвојуваат како прифатливо со текот на годините.

Почитта и обѕирноста се учат со текот на времето и преку пример, а на овие десет работи родителите треба да ги научат своите деца доколку сакаат да ги почитуваат во иднина.

Сочувство за другите

Учењето на децата да ги разбираат и споделуваат чувствата на другите поттикнува емпатија. Родителите треба да ги поттикнат децата да размислуваат за тоа како нивните постапки би можеле да влијаат врз нивните родители и врз сите други околу нив. Важно е да ги научите уште од мали да се однесуваат со другите како што тие би сакале да се однесуваат кон нив.

Развиени комуникациски вештини

Отворената комуникација е важна за добар однос помеѓу родителите и децата. Со вашиот пример научете ги децата да ги изразуваат своите мисли и чувства со почит и активно да ги слушаат своите родители. Ова помага да се изгради доверба и разбирање во семејството.

Благодарност

Уште од мали научете ги децата да ги ценат напорите и жртвите направени од нивните родители. Едноставните изрази на благодарност, како „те молам“ и „благодарам“ можат да направат чуда за понатамошна комуникација кога ќе пораснат.

Развиено чувство за одговорност

Важно е родителите да ги научат своите деца колку е важно да преземат одговорност за своите постапки. Кога децата ги разбираат последиците од нивното однесување, поверојатно е да донесат одлуки кои покажуваат почит кон нивните родители и другите околу нив.

Познати граници и правила

Можеби тоа нема да го покажат веднаш, но со текот на времето децата ќе научат да ги ценат јасните и правични граници што нивните родители им ги поставуваат. Децата кои растат со конзистентни правила и очекувања ја разбираат важноста од почитување на авторитетот. Разговарајте со нив за правилата и објаснете ги причините за нив.

Трпение

Родителите можат да ги научат децата на трпение преку охрабрување да го чекаат својот ред, внимателно да слушаат и да сфатат дека понекогаш треба да чекаат. Не треба да се учат дека сè што сакаат е веднаш достапно. Трпението придонесува за интеракции со почит и помага во управувањето со фрустрацијата.

Љубезност

Децата треба да се научат да бидат љубезни со сите, вклучувајќи ги и нивните родители. Малите гестови како помагање во домашните работи или покажувањето благодарност со прегратка или слично придонесуваат за позитивно семејно опкружување, полно со почит.

Решавање конфликти

Родителите треба да ги учат децата на конструктивни начини за решавање на конфликтите. Ова вклучува смирено дискутирање за проблемите, наоѓање компромиси и извинување кога е тоа потребно. Решавањето на конфликтот со почит е вештина што ќе им користи во текот на нивниот живот.

Независност во извршувањето на задачите

Охрабрете го чувството на независност кај децата со тоа што ќе им дозволите да преземат одговорности што се соодветни за нивната возраст. Кога децата учат сами да решаваат задачи, тие развиваат чувство за компетентност и имаат поголема веројатност да ги почитуваат своите родители.

Водење со пример

Можеби најважното нешто што родителите можат да го направат, поврзано со почитта, е да водат со пример. Децата често го имитираат она што го прават нивните родители, така што покажувањето почит, љубезност и емпатија кога комуницираат со другите е силен пример.

Исто како и нивните родители, децата сакаат да слушаат како некој упатува пофалби кон нивните мајки и татковци, па можеби и тие ќе се обидат да стекнат толку добра репутација.

Извор



912

X