Мамо, роди ми брат или сестра! – е реченица што барем еднаш ја кажало секое дете. А, потоа, кога тоа ќе се случи и во семејството ќе стигне новото бебе, животот на довчерашниот единец се превртува наопаку. Сакал да има брат или сестра, но не сметал на тоа дека од тој момент ќе мора да го дели и вниманието на родителите. Првите симптоми на љубомора главно се појавуваат штом ќе се роди бебето, така што родителите мора да се подготвени на тоа, вели психологот Сања Томиќ.
– За постарото дете, тоа е еден вид пресвртница. Дотогаш тоа било центар на светот, а наеднаш се појавува некој што му ги краде родителите. Мајката по цел ден му е посветена на „тоа“ бебе, а ни таткото не е ништо подобар зашто постојано ѝ помага на мајката наместо да си игра со него. Првороденото дете почнува да се чувствува запоставено особено ако го пратат кај баба и дедо, а тоа често се случува. Тој чин детето често го сфаќа како предавство.

Бебето менува сè

Меѓутоа, детската љубомора не се манифестира само во моментот кога на свет ќе дојде бебето, туку и подоцна. И не се само малите деца жртви на зависта од постарите браќа и сестри. Љубомората е можна и во обратна насока. Експертите велат дека раѓањето на новиот член ја менува целата атмосфера во домот, а тоа не може да не се одрази врз првороденото дете.

– Љубомората може да биде отворена или прикриена. Во првиот случај постарото дете признава и покажува дека бебето му смета, додека во друг случај се повлекува во себе, почнува да ги грицка ноктите, да си ја кубе косата, ги уништува играчките и се однесува агресивно. Понекогаш нагли алергии или исип на кожата се последица на ваквата љубомора – објаснува Томиќ.

Таа ги советува родителите да се обидат да го разберат своето дете зашто животот му е стресен од темели. Добро би било, вели таа, да најдат време само за него, да го галат, да разговараат со него, гласно да му кажуваат дека го сакаат и да му објаснат дека бебето не му е закана.

– Немојте сосила да се обидувате да го заинтересирате за братот или сестрата зашто тоа уште повеќе ќе го оддалечи од вас. Наместо тоа, суптилно предложете му одвреме-навреме да ви помага околу бебето. Со тоа ќе се почувствува важен и дека е од помош, што би можело да го ублажи чувството на ривалство – советува психологот.

Поголема старосната разлика – помалку љубомора

Првороденото дете може да ги доживува како конкуренција братот или сестрата дури и кога ќе помине „бебешкиот“ период. Малите деца имаат потреба да бидат најдобри во очите на родителите, а прв конкурент им е братот или сестрата. Не е важно дали е помлад или постар, туку колку им смета. Тоа постојано меѓусебно споредување може да биде „налевано“ од родителите, кои всушност отворено ги споредуваат своите деца и од нив прават непријатели. „Никогаш нема да бидеш како твојата сестра; Зошто таа добива петки, а ти четворки; Тој е поспособен!“ – се многу чести и многу опасни реченици – вели Томиќ.

Љубомората всушност ја поттикнуваат мајката и таткото кога заземаат страна во детските кавги, упорно го бранат едното дете, правејќи го жртва, а другото насилник. Се случува и помалото да биде љубоморно на постарото затоа што родителите постојано му зборуваат дека е мало и дека ништо не знае. Во семејство со повеќе деца борбата е уште поинтензивна затоа што има повеќе конкуренти. На почетокот се манифестира преку земање играчки, а потоа почнуваат жестоки кавги, сплетки, па и тепачки.

Ова е обележје на речиси секое детство доколку разликата е помала од 5 години.
– Колку е поголема разликата, толку е помало ривалството помеѓу децата затоа што, на пр., на ученик од шесто одделение сигурно не му пречи сестрата која уште не тргнала во училиште. Тој веќе има свој живот, обврски, друштво, интереси и потреба за слобода, а таа е уште мала за да му го нарушува секојдневието – објаснува психологот.

Дозволете им да се здружат против вас

За да се смири љубомората меѓу малите деца, потребно е правилно родителско воспитување.
– Од своите деца направете пријатели, а не непријатели. Никако не барајте едното да го издава другото. Секогаш е подобро тие да бидат на една страна, а вие на другата затоа што тоа ја негува нивната солидарност и го брише ривалството – објаснува психологот.



912

X