Според анкета спроведена меѓу 1.000 родители на деца од 3 до 11 години, токму четвртата година е прогласена за најнемирна, период кога децата се најмногу разиграни, љубопитни и склони на разни шеги и трикови. Иако често предизвикуваат хаос, повеќето родители веруваат дека оваа фаза носи и многу придобивки.
Дури 55 отсто од родителите сметаат дека ваквата разиграна палавост го поттикнува детското чувство за истражување и авантуристички дух. Речиси половина од нив веруваат дека тоа придонесува за развој на креативноста и снаодливоста. Освен тоа, велат дека преку палавоста децата учат каде се границите.
Ситуациите во кои децата биле немирни се многубројни. Една мајка раскажува дека нејзиниот син гордо заминал на училиште со нејзини гаќички облечени врз панталоните. Друго дете одлучило да ја искористи пената за бричење на неговиот татко, не за себе, туку за нивната мачка, која за среќа била спасена.
Еден татко случајно задремал на каучот, а се разбудил нашминкан како кловн благодарение на мал креативец со кармин и маскара. Доставувачот кој тропнал на вратата бил изненаден исто колку и таткото.
Истражувањето покажало дека повеќе од половина родители признале оти барем еднаш нивното дете ги засрамило на јавно место. Иако една четвртина биле прилично нервозни и бесни, повеќето сепак се насмеале на палавштините на нивните деца.

– Децата на возраст од три до пет години развиваат свест дека она што тие го знаат, другите можеби не го знаат. Тоа е време на експериментирање и мали „измами“, што е знак за здрава љубопитност, но и момент кога треба да се постават јасни граници – вели професор Сем Вас, кој е и психолог и експерт за детски развој.
Интересен е податокот дека најмладото дете во семејството најчесто е прогласено за најнемирно и тоа во 70 отсто од случаите. Средното дете ја носи таа титула во 19 отсто, а најстарото во 11 отсто од случаите. Но, 14 отсто од родителите сметаат дека сите нивни деца се еднакво немирни.
Како да се поттикне здрава доза на палавост?
Неколку совети од проф. Сем Вас:
Одговори со игра – Наместо веднаш да ги прекинуваш шегите и лудориите, понекогаш приклучи се. Смеењето и поврзувањето многу значат.
Објасни ги последиците – Децата најчесто не сакаат намерно да направат штета, туку едноставно не размислуваат. Со блага реакција полесно ќе им помогнеш да разберат што стои „зад“ нивната постапка.
Покажи ја логиката на правилата – Наместо да велиш „Затоа што јас така реков“, објасни зошто постојат правилата. Децата многу подобро ги прифаќаат забраните кога го разбира нивното значење.