Секојдневно во ординацијата во која работам се среќавам со пациенти од најмала возраст до возрасна популација. Сѐ поголем е бројот на пациенти со горнореспираторни инфекции (Rhynopharingitis, Laryngitis I Tonsillitis ac.), кои веќе не се сезонски заболувања, туку целогодишни. При земањето анамнеза сѐ почесто ги слушам одговорите за веќе земената терапија на своја рака кај возрасните или со одлука на родителот за децата, уште пред да дојдат во ординација кај нас и уште пострашно ‒ терапијата е антибиотска.
Овие лекови им се останати од претходни лекувања, земени од роднини… И освен што сами одредиле терапија, што значи дека може да станува збор за погрешен лек, многу често сами одредиле и неправилни дози.
При преглед кај лекарот не мора секогаш да постојат сите знаци на воспаление, па затоа се прават лабораториски крвни анализи и микробиолошки брисеви. И по добивањето негативни резултати (нормални вредности) многу се ретки пациентите што се согласуваат со нас дека не е потребна антибиотска терапија. Бараат, како што велат, по можност превентивно да биде даден антибиотикот. Тоа е и непотребно и опасно. Антибиотикот нема да му помогне на дете што има вирус, ниту за превенција ниту за да се справи неговиот организам со него. Се обидуваме да им објасниме на родителите дека вирозните заболувања поминуваат и без антибиотици. Антибиотиците се штетни кога се даваат без потреба, ја уништуваат нормалната микрофлора на цревата и дополнително создаваат резистентност, па кога ги даваме со вистинска причина, тие не дејствуваат.
Втор и доста чест проблем со кој се соочуваме е тоа како родителите им помагаат на децата за покачената телесна температура.
Даваат сирупи за температура (антипиретици) на секои два часа, на своја рака менуваат послаби и попотентни антипиретици. Овие лекови се даваат за температура над 38,2 Целзиусови степени, а се комбинираат со физички методи на разладување и добро рехидрирање на телото. Исклучок се децата што имале фебрилни конвулзии. Тогаш прагот на температура може да биде и 37,5.
Настинката со и без лекови трае од пет до седум дена, температурата е одбрана на организмот и се радуваме кога има одговор, таа е битен показател за состојбата на секој пациент. Со зголемување на телесната температура секој организам се брани од каква било инфекција и температурата ни покажува за здрав одбранбен имун одговор на телото.
Родителите често не ги ни применуваат физичките методи за симнување на температурата (туширање со млака вода, соблекување на детето…), а веднаш панично реагираат давајќи лекови.
Трет проблем за кој многу активно зборуваме со родителите е примена на интрамускулни ампули, волшебниот лек, како што имаат претстава за него, ампулите „урбазон“ на кои инсистираат при покачена телесна температура. „Урбазонот“ по генерика не е антипиретик, туку е лек од групата кортикостероиди и навистина е ограничена неговата употреба (само при акутни состојби како алергии, уртикарии, опструктивни бронхитиси, напад на астма и сл.). Родителите, за жал, не ни веруваат, а не се ни свесни, ниту запознаени какви последици може да има лекот (заостанување во раст и развој, пороза на коските, трауми од апликацијата на лекот). Активно работиме на искоренување на старите навики за употреба на овој лек и за подигање на свеста околу тоа. Секојдневно советуваме, даваме примери и иако, за жал, не се секогаш целосно прифатени, не креваме раце. Изработивме и материјали за да може да прочитаат родителите.
Довербата на родителите и добриот однос лекар-пациент се многу значајни за лекувањето. Ја разбирам и паниката на родителите, и сето она што го создава пристапот до информации што го имаат, без разлика дали читаат на интернет или споделуваат меѓу себе. Секој пациент е своја индивидуална приказна, податоците мора да се ставаат во контекст, а лекарите се тие што се обучени за одредување на терапијата. Токму поради тоа, заемната меѓусебна доверба е многу значајна за лекувањето. Може некому да му помогне одреден лек, но тој може да биде опасен за друг пациент. Затоа, родители, не дозволувајте наметнатите сугестии за лекување од други примери во околината да ве натераат сами да одлучувате за терапијата на вашето дете. Побарајте консултација од лекарот.
912