Некои родители никогаш не им се извинуваат на своите деца. Дури ни кога тие деца ќе пораснат. Ова е лоша навика од едноставна причина што родителите грешат. А тие грешки, доколку не се признаат и објаснат, полека и незабележливо ја расипуваат врската и комуникацијата помеѓу родителот и детето. Затоа што ако сте биле нефер кон некого, единствениот начин да ги поправите работите е да се извините. Така е во секоја врска, а не е исклучок и онаа помеѓу детето и родителот.

И секој родител, дури и оној што никогаш не се извинува, би сакал да има добар однос со своето дете. Па зошто тогаш не сакаат да направат толку малку за да го остварат тоа?

Некои деца ги опишуваат таквите родители како нарцисоидни типови кои речиси никогаш не се извинуваат никому. Но, проблемот кога родителот не му се извинува на детето, особено кога е очигледно дека направил грешка, е многу пораспространет и почест од нарцисоизмот.

Тогаш, која е причината?

Па, веројатно има малку поврзаност со социјалната хиерархија. Размислете, на пример, ситуација во која вработен во компанија доцни на состанок со претпоставениот. Од него сигурно ќе се очекува да се извини, можеби дури и да понуди некакво објаснување. А ако сопственикот доцни? Може да избере да не каже ниту збор за тоа. И тоа, во најголем дел, ќе се смета за нормално.

Некои родители, можеби, својата улога во семејството ја поистоветуваат со улогата на директор во компанија. Други веруваат дека си купиле морален имунитет едноставно со тоа што ги хранат и облекуваат своите деца. Тоа значи дека не мора да бараат прошка за своите грешки.

Во своето дело „Писмо до татко ми“, Франц Кафка открива дека неговиот татко имал ваков став.

-За тебе, вака стоеја работите: цел живот напорно работеше за твоите деца, особено за мене. И како резултат на тоа, „живеев како гроф“, имав слобода да учам што сакам и знаев дека дефинитивно ќе го добијам мојот следен оброк. Затоа немав причина да се грижам за ништо… – напишал Кафка.

Но, она што таквите родители го забораваат е дека родителот може да биде многу дарежлив со своите деца, а сепак, без разлика на тоа, многу да ги повреди. Понекогаш, истата личност која треба да ни биде благодарна, заслужува и треба да добие извинување од нас. Накратко, ништо не може да ви го купи правото да не признаете грешка и да се извините, без разлика дали сте во кругот на семејството или на друго место.

Друга работа што некои родители ја грешат е во врска со поставувањето правила во куќата. Има и такви родители кои веруваат дека имаат „врховна власт“ и дека тоа им овозможува да смислуваат и спроведуваат правила, но дека тие правила не важат за нив самите. Како што пишува Кафка, тоа го правел и неговиот татко. Тој поставил правила за манири на маса што самиот не ги следел:

-Не ни беше дозволено да си ги крцкаме прстите, ти го правеше тоа. Не ни беше дозволено да ја сркаме супата, ти го правеше тоа. Лебот мораше да се исече рамно, со нож. Освен ако ти не посакаше да откинеш парче. Тогаш не беше важно. Моравме да се погрижиме трошките да не паднат околу масата, па на крајот секогаш ги имаше најмногу до твојот стол.

Проблемот со ваквите двојни стандарди, кои се присутни во многу балкански семејства, е што без разлика дали родителите сакаат да признаат или не, тоа создава нездрава семејна динамика заснована на страв. Понекогаш, родителите се многу свесни за својата грешка и може дури и да одлучат да ја признаат. Но, не на детето. Една познајничка ми кажа дека кога била млада мајка, правела работи за кои верува дека го трауматизирале нејзиниот (сега пораснат) син. Ја познавам доволно добро за да знам дека многу ги сака своите деца, но кога станува збор за признавање на вината, таа не е подготвена да каже „извини“.

А децата на тие родители? Па, некои од нив избираат да го игнорираат тој модел на однесување или да го припишат на личноста на родителот (таа е таква/тој е таков). Се разбира, тоа зависи од ситуациите што се случиле за време на растењето.

Други, пак, носат трауми со себе. Не бараат извинување, иако им е потребно. Можеби зборуваат за тоа со други луѓе, но нивното разбирање, иако може да помогне, не може да го поправи односот со родителот.

И конечно, би се вратиле на приказната за жената која ми призна дека била неправедна кон својот син. Таа почина пред неколку години. По некое време, му кажав на синот за нашиот разговор. Неговото изненадување кога слушна што ми кажала мајка му беше очигледно. Како да прочитал проштално писмо и во него да имало извинување од мајка му.

Таа не остави вакво писмо, но и денес не можам да се ослободам од впечатокот дека целата приказна ја сподели со мене, делумно за да го симне тој товар од грижата на совест од градите, а делумно надевајќи се дека некако јас ќе ја издејствувам неговата прошка наместо неа, затоа што не можеше да го бара тоа од него. Мислам дека тоа и го сторив, затоа што додека разговарав со него, видов дека моите зборови му влијаеја како мелем и ги затворија долго отворените рани кои никако не можеле да зараснат.

Неговата мајка искрено и длабоко зажали за некои нејзини постапки. Апсолутно сум сигурна дека таа ќе постапеше сосема поинаку доколку ѝ се дадеше втора шанса. И тука можеме да бараме надеж.

Додека некои родители веруваат дека се беспрекорни во оваа улога, други знаат кога и како ги повредиле своите деца. Но, тие не можат да го кажат тој еден, едноставен збор. Прости ми. Можеби ќе живеат со вината што ќе ги јаде однатре, но повторно нема да кажат ништо.

Некои родители никогаш нема да се извинат. И ќе го мислат тоа. И ќе го чувствуваат тоа со целото свое битие.

Извор



912

X