Просветните работници реагираат и дека многу често се случува да немаат интернет во училиштата, што ги попречува во исполнувањето на обврските со електронската евиденција

Околу 25.000 наставници и професори, колку што има во државава, ќе мора да ги внесат сите полугодишни оценки и сите изостаноци на секој ученик поединечно во електронскиот дневник, почнувајќи од први септември лани сè досега. Освен тоа, од денеска тие ќе треба редовно во него да ги внесуваат сите часови, активности, отсуства. Вакво известување добиле училиштата откако по безмалку едногодишна пауза е-дневникот повторно профункционира.
Наставниците реагираа на социјалните мрежи дека не е фер да им се дава ваква обврска бидејќи тие не се виновни за нефункционирањето на електронскиот дневник.

– Каков е-дневник кога уште малку ќе заврши учебната година? Од следната учебна може, но сега нема шанси да пишуваме – реагираа наставниците.
Наставниците исто така реагираат дека многу често се случува да немаат интернет во училиштата во кои работат, што дополнително ги попречува во исполнувањето на обврските со електронската евиденција.

– Јас се вклучувам на интернет што сама го плаќам на мобилниот за да можам по наставата да пополнам сè што треба. Инаку, нема друго решение. Се случува да има некои денови во неделата. Вака со мојата организација не ја носам оваа работа дома. Инаку, колешките дома пополнуваат – вели наставничка.

„Деца.мк“ ги праша одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) што ако некое училиште има ваков проблем.
– Министерството за образование и наука обезбедува пристап до интернет за сите училишта секоја учебна година. Доколку во некое училиште постои или се појави каков било проблем по однос на достапноста на интернет-мрежата, потребно е да бидеме известени и, секако, надлежниот оператор кој е избран преку постапка за јавна набавка соодветно ќе постапи. Инаку, по однос на пополнувањето на електронскиот дневник, МОН ги извести сите корисници дека за периодот кога имаше застој во функционирањето на е-дневникот наставниците треба да ги ажурираат податоците на учениците, полугодишните оценки и изостаноците – одговорија во МОН.

Светлана Масларевска, директорка на Основното училиште „Коле Неделковски“ во Центар, вели дека е точно дека се случувало да снемува интернет.

– Затоа, јас поставив свој интернет низ целото училиште. Се случуваше со денови наставниците да не можат да се поврзат. Сега имаме интернет и од Министерството, но и сопствен, па немаме никаков проблем. За ова плаќа училиштето околу 2.000 денари месечно. Инаку, добивме известување дека електронскиот дневник веќе треба да се пополнува редовно. Да, има реакции во колективот, создава револт фактот дека им се наложува да пополнат податоци за цела година нананзад, и тоа не по нивна вина. Тоа бара многу работа и време, но е задолжение и мора да се исполни – вели Масларевска.

Електронскиот дневник не беше во функција од април минатата година, кога истече договорот со фирмата што требаше да го одржува. На одговорните во МОН им беше потребна безмалку цела година за да изберат нова фирма што ќе го прави тоа. Тие неодамна потпишаа договор со компанијата „Сорсикс“.



912

X