Родителите може да ги видат тестовите само ако закажат средба со наставникот и појдат во школото. Но, ова е проблем бидејќи повеќето од нив одат на работа и немаат време да одат од наставник до наставник за да ги видат тестовите ако нивното дете е во предметна настава
Дали се сеќавате на времињата кога дома моравте да го однесете секој тест за родителите да стават потпис до оценката, па да му го вратите на наставникот? Ова беше универзално правило. Вака родителите постојано имаа увид до каде се учениците со учењето, зошто добиле тројка или петка по секој предмет. Сега, за многу родители, тестовите на нивните деца се мистерија. Во многу училишта тестовите остануваат само за очите на наставниците. Родителите може да ги видат само ако закажат средба со наставникот и ако појдат во школото.
Родителите треба да одат од наставник до наставник за да го видат секој тест
Оваа практика на не(покажување) на тестот дома е различна во секое училиште, па дури е оставено наставникот да реши како ќе го организира увидот. Некои наставници решаваат тестовите да не им ги даваат на учениците бидејќи ги губеле или не ги враќале назад во училиште.
– Мојата ќерка е шесто одделение и од околу девет теста што ги правеа по предметите, дома донесе само еден. Не ми е јасно зошто наставниците не им ги даваат за да ги видиме ние, родителите, и колку-толку да имаме увид во грешките што ги прават и во начинот на кој им се поставени прашањата – вели мајка на основец кој учи во Општина Ѓорче Петров.
Таа додава дека во првото тромесечје од шесто одделение оценките сè уште се описни, па ако родителот не ги види тестовите, нема претстава каков е успехот на детето.
– Не знам дали наставниците се свесни дека родителите не можат да одат од наставник до наставник и да ги бараат тестовите за да се осигурат дека нивното дете точно им пренело која оценка ја добило. Има случаи кога децата лажат, се плашат да пријават дома дека добиле двојка или тројка, па родителите за тоа дознаваат дури на родителската, на крајот од тромесечјето – вели таа.
Некои ученици сами си ги фотографираат тестовите
Мајка на седмоодделенец кој учи во Основното училиште „Блаже Конески“ во Општина Аеродром вели дека проблемот го решила така што синот ги слика со мобилен телефон сите тестови, па ѝ ги покажува.
– Навистина е проблем да се има увид во тестовите на учениците. Наставниците не им ги даваат да ни ги покажат дома со образложение дека децата не ги враќале, ги губеле, а тие мора да ги чуваат во досието. Јас сакам да видам што добил по секој предмет, каде згрешил, за да имам предвид на кои области или лекции да обрне повеќе внимание. Некогаш и наоѓам грешки во поставените прашања, одбивани поени на точни одговори итн. Не гледам ништо лошо во тоа сите да ги добиваме на увид тестовите. Јас не можам да излегувам од работа и да го барам секој наставник поединечно во школото за да ми покаже тест. Некои се лутат кога им ги бараш, мислат дека ги проверуваш. Затоа, мојот син го фотографира секој тест со телефон откако ќе им заврши часот, па така може да го видам – вели таа.
Во некои училишта има усогласен став околу ова прашање – да се даваат или да не се даваат тестовите да се носат дома, а некои директори им оставаат на наставниците сами да одлучат како ќе прават. Но, во секое досие на секое дете мора да стои решениот тест по секој предмет како доказ за формирањето на оценката.
– Во нашето училиште имаме ист став, учениците мора да го однесат дома тестот на проверка, за родителот да стави потпис – вели Снежана Kарас, директорка на Основното училиште „Вера Циривири-Трена“ во Општина Карпош.
Таа додава дека многу е важно родителот да биде информиран за напредокот на своето дете.
Инаку, од оваа учебна година родителите не може да ја проверат состојбата со оценките и изостаноците на своите деца ниту на системот Електронски дневник. Тој не функционира. Од Министерството за образование и наука велат дека има технички проблеми кои наскоро ќе се решат. Компанијата што е избрана преку спроведена јавна набавка за ажурирање и одржување на електронскиот дневник работи на надминување на извесни технички предизвици и надградба на системот.
– По завршувањето на предвидените активности и тестирање на платформата, наставниците ќе продолжат непречено да го користат електронскиот дневник. Тој задолжително се пополнува и ќе треба да се пополни – ни изјавија од МОН.
912