На веб-страниците речиси и да нема информации за потенцијалните опасности поврзани со замоците на воздух. Но, на странските портали има многу текстови што зборуваат за опасноста на оваа честа разонода за децата. Меѓу нив се и следните:
„Замокот се издиша, се сруши и во рок од 10 секунди ги поклопи децата“
Ваквото искуство го споделила мајка која била со детето на приватна роденденска забава за деца. Родителите на славеникот изнајмиле замок полн со воздух и го поставиле во дворот. Во еден момент замокот се поместувал во ритамот на скокањето на децата, а во друг момент од него останала само мала дамка на тревата. Замокот исчезнал, децата исчезнале, се слушало само панично врескање на една од мајките што во моментот стоела покрај замокот.
„Седев со пријателката на местото каде што се подготвуваше скарата и зборувавме кога слушнавме како некој бара помош. Првин не знаевме за што се работи, додека не видовме дека замокот се распадна. Мислевме дека децата сами ќе излезат, но замокот беше толку тежок, што не успеавме да го подигнеме додека не дојдоа уште две-три лица. Со заеднички сили успеавме да го подигнеме доволно од земја за една од мајките да влезе внатре и да почне да ги извлекува децата, едно по едно. Проблемот беше во тоа што замокот имаше и покрив и неколку препреки во него, а децата беа заглавени внатре. Мислевме дека ги извлековме сите деца, кога една мајка почна хистерично да вреска дека нејзиниот син сè уште е внатре. Повторно некој се вовлече внатре и го извлече детето. Децата не се исплашија колку ние, возрасните, бидејќи станавме свесни што можеше да се случи. Замокот всушност ги вакуумира децата, па беа заробени внатре повеќе од 10 минути, некој дури можеше и да се задуши. Никогаш не помислував дека овие замоци на воздух можат да бидат опасни бидејќи проценив дека и во случај да почнат да се издишуваат, потребни ќе им бидат барем 15 минути. А не буквално 10 секунди, колку што и траеше срушувањето на замокот кој ги зароби дечињата“.
Кога ќе снема струја, брзо исчезнува и замокот
Сите родители што имале вакво искуство имаат една заедничка забелешка која зборува за брзината на излегување на воздухот од таквите замоци. Имено, таквите полигони и замоци својата форма очигледно ја задржуваат сако ако внесувањето на воздух работи константно, односно додека има струја. Кога ќе снема струја, нема никакво осигурување, затворач или слично што би го спречило излегувањето на голема количина воздух, односно колабирање на целата конструкција. Јасно е дека децата што се наоѓаат во таков замок се препуштени на среќа и снаодливост, како и на брзината од трезвената родителска реакција.
Знаеме ли правилно да ги користиме замоците?
Прашање е дали и колку родителите што ги носат децата на вакви активности се запознаени со овие конструкции и со опасноста што ја носат. Затоа треба секогаш да се внимава:
– Веднаш да се тргнат децата од замокот ако ви се чини дека на него има премногу деца – зголемена е опасноста од меѓусебни повреди додека скокаат, а постои и опасност замокот да пропадне поради преголема тежина.
– Тргнете ги децата од замокот ако дува силен ветер, постои можност замокот да се преврти или да се подигне.
– Ако гледате дека замокот ја губи формата и воздухот излегува од него, веднаш повикајте го вашето дете да се симне што побргу.
Ова лето сигурно ќе се најдете покрај некој замок на воздух на кој вашето дете ќе сака да скока. Најпаметно е ако го оставите да скока и внимателно да го набљудувате, за да бидете спремни ако треба да помогнете. Ова е најважно за приватни забави каде што родителите се опуштаат и мислат дека на децата не може ништо да им се случи.
Автор: М.Б.