Илејн Спектор, како и секоја мајка, била вознемирена дали нејзиниот син безбедно се вратил во својот студентски дом во Тексас, по неодамнешната посета на домот.
Но, наместо да чека тој да ѝ се јави или да ѝ испрати порака, мајката мирно се занимавала со секојдневните обврски.
Како и 32 милиони луѓе низ светот, Спектор и целото нејзино семејство ја имаат инсталирано апликацијата „Лајф360“ на нивните телефони.
Апликацијата постојано го следи местото каде што се нејзините три деца, давајќи ѝ до знаење кога се во движење, кога се на безбедно дома, некаде каде што не би требало да бидат и ѝ нуди цела низа други податоци.
-Стигнаа во училиште, заѕвони ѕвончето. Стигнаа дома, заѕвони ѕвоното. Тоа е само начин како семејство да знаеме каде се сите – опишала Спектор, адвокат за патенти.
Семејството ја користи апликацијата веќе неколку години, а Спектор вели дека додека помалите деца повремено исклучуваат локации, нејзиниот најстар син отсекогаш ја користел.
Иако сега има 18 години и живее на другата страна на земјата, таа признава дека идејата за отстранување на апликацијата и тие охрабрувачки звуци е „стресна“.
-Не сакам да бидам премногу заштитнички родител, но ја имаме апликацијата веќе некое време и има дел од мене што се двоуми дали целосно да престане да ја користи – вели таа.
Апликациите за следење семејство станаа популарни во изминатата деценија. Природниот инстинкт за заштита на децата, се разбира, влијаеше врз тоа – но овие апликации продолжуваат да цветаат затоа што многу родители сметаат дека светот – и офлајн и онлајн – сам по себе е сè поопасен.
Сепак, експертите велат дека родителите што сакаат да ги користат треба добро да размислат како ќе го направат тоа и да разговараат со своите деца за апликацијата. Апликациите стануваат сè пософистицирани во податоците што ги собираат, што покренува прашања за личната безбедност.
А децата пораснати под надзор на апликации сега стануваат возрасни личности, оставајќи ги родителите во дилема – кога да ги исклучат?
Следење на локација, следење на брзина и повеќе
Додека „Лајф360“ доминира на пазарот за следење – моментално е шестата најсимнувана апликација за социјални медиуми во продавницата на „иОС“ и во Велика Британија и во САД – има широк опсег на софтвер што им нуди на родителите различни степени на следење.
Џислејн Бомбуса, раководител на дигиталната компанија „Интернет матерс“ во Велика Британија, која ги советува родителите за безбедноста на интернет, вели дека во суштина постојат два вида опции за следење.

Изборот „зависи од вашиот тип на родителство, во однос на тоа колку внимателно сакате да го следите детето“.
Наједноставни се апликациите за споделување локација што се инсталирани на телефоните. Има и апликации од други компании кои им овозможуваат на корисниците да собираат навидум неограничен опсег на податоци од поврзаните телефони. Во основа, најважната карактеристика е следењето на локацијата, кое испраќа предупредување кога телефонот излегува или влегува во одредена област.
За родителите чии тинејџери станале возачи, има и следење на брзината и детекција на судир – за што Спектор смета дека е особено корисно.
На поекстремниот крај на пазарот, апликациите како „Најди ги моите деца/FindMyKids“ им овозможуваат на родителите далечински да го активираат микрофонот на телефонот на своето дете, па дури и да снимаат аудио.
„Тин Сејф/TeenSafe“ може да се пофали со „невидлив режим“ што, според компанијата, значи дека детето „никогаш нема да открие дека нивните родители го следат“.
-Надвор од физичкото следење, апликациите можат да управуваат и со дигиталниот живот на детето, без разлика дали е за трошење средства ако имаат онлајн џепарлак, како и кога користат конзоли за игри – вели Бобуса.
Апликациите како „Ауар Пакт/OurPact“ му дозволуваат на родителот да гледа слики од екранот од онлајн интеракциите на детето. Иако Бомбуса не верува дека сите родители користат такви апликации, вели дека нивното ширење и износот на инвестиции во нив секако укажуваат на голема побарувачка.
Истражувањето на родителите во Обединетото Кралство од 2019 година покажало дека 40 проценти користат некој вид на ГПС-следење на дневна основа.
И тие се голем бизнис.
„Лајф360“ се проценува на повеќе од 1 милијарда долари и е достапна во повеќе од 140 земји.
Додека многу апликации имаат бесплатни опции, повеќето нудат и опција за надградба на платени сметки за дополнителни функции или за поврзување повеќе уреди.
Податоци наспроти доверба
Апликациите за следење локација се наметнуваат како основни алатки за родителство, во свет полн со опасност. Авторите сметаат на родителите кои веруваат дека сѐ додека знаат каде е нивното дете, децата ќе бидат побезбедни, или дека ќе се воздржат од ризично однесување ако знаат дека родителите ги гледаат.
Како експерт за дигитални права и безбедност на децата, која има напишано неколку книги за родителство во дигиталната ера, Ливингстон верува дека широкото усвојување на апликации за следење е разбирлив одговор на постојаните наслови за „страшните опасности кои ги демнат нашите деца“.
Но, таа тврди дека долгорочно, апликациите за следење може да имаат „ненамерни, но и штетни последици“, не само на односот родител-дете.
Креаторите на апликации и огласувачите можеби ќе сакаат да ги натераат родителите да веруваат дека користењето апликација е чин на љубов, вели таа, но „најважно за развојот е детето да научи да му верува на родителот, а тие на детето“.
Потпирањето на апликациите за откривање каде е детето или што гледа на интернет, особено без нивно знаење, може сериозно да ја поткопа таа доверба, вели таа. Ова може да ги наведе децата да прават поризични избори, или да бидат полукави за да избегнат откривање.
-Покрај правото на безбедност, децата имаат и право на приватност, особено кога се постари – вели Ливингстон.
Многу тинејџери, па дури и постари, чувствуваат дека нивните родители ги прекршуваат тие права или не се подготвени да се откажат од своите дигитални узди. „Редит“ е полн со приказни за млади луѓе кои се чувствуваат ограничени поради далечинско следење на нивните родители.

На форумот „Лајф360“, пак, каде што корисниците разменуваат совети како да не бидат следени, еден напишал дека има 19 години, но дека мајка му платила за неговиот телефон, па го принудила да ја преземе апликацијата.
Ливингстон вели дека навистина постои ризик родителското следење „да премине од наметливо во навредливо“.
Таа тврди дека од клучно значење за нашата автономија и нашиот личен интегритет е да не се набљудува секоја наша приватна мисла.
Дополнителна грижа за Ливингстон е „застрашувачката“ количина на податоци што ги собираат технолошките компании зад овие апликации.
Иако „Лајф360“ вели дека им дава на корисниците „целосна контрола и транспарентност“ врз нивните информации и дека поставките може да се приспособат според преференциите на поединецот, многу апликации се прилично отворени за споделување податоци, на пример, со осигурителни компании.
Ливингстон верува дека постои загрижувачки недостиг на разбирање, дури и меѓу експертите, за тоа како податоците се користат или како би можеле да се користат во иднина.
Спектор вели дека „воопшто“ не е загрижена за собирањето податоци и верува дека придобивките многу ги надминуваат сите грижи.
Но, Ливингстон вели дека родителите треба внимателно да размислат не само за непосредните ризици, туку и за тоа како технологијата може да се развие во следната деценија.
Податоците собрани за седумгодишно дете денес, теоретски, би можеле да се внесат во некој „брилијантен алгоритам“ во иднина, кој поради некоја причина би можел да го дискриминира врз основа на неговите снимени движења.
Граници и рамнотежа
Меѓутоа, ако родителот смета дека апликацијата е вистинскиот пристап, постојат начини да се ублажат ризиците што ги истакнува Ливингстон.
Бомбуса вели дека од суштинско значење е користењето на апликацијата да биде нешто што родителите и децата го прават заедно, по отворен разговор, и дека детето знае оти тоа не го заменува нивниот правилен однос на доверба.
Погрижете се секоја страна да знае што ќе направи технологијата, зошто ја сакате, какви граници поставувате и што е најважно, како детето се чувствува за тоа, додава таа.
Сепак, Ливингстон има грижи дека има премногу непознати за тоа што апликациите за следење им прават на децата и нивниот развој за да ја препорача нивната употреба.
-Не знаеме како ќе биде за оваа генерација деца да пораснат во свет каде што секогаш биле набљудувани, следени и секогаш морале сами да се снаоѓаат. Навистина ја почитувам загриженоста на родителите што ги наведува да мислат дека ова може да биде решение и навистина ги повикувам да најдат друго – вели таа.
Спектор е горда што нејзиното семејство има „отворен дијалог“ каков што препорачува Бомбуса, па затоа никогаш не морала да ги „контролира“ активностите на децата. Но, таа признала дека би било многу тешко да се откаже од тие редовни пораки на „Лајф360“ и душевен мир што го чувствува бидејќи може да види каде се нејзините деца.
Нејзиниот најстар син сè уште се согласува со апликацијата, бидејќи знае дека не го демне или проверува.
Но, таа знае дека доаѓа време кога ќе ги изгуби нервите.
-Тој би ми кажал ако не сака и јас би го почитувала тоа. Би било тешко, но не би било првото тешко нешто што би требало да го направиме како родители – заклучила мајката.
912