Колку пати се случило да помислите: „Леле, ми ги изгубија работите, не водат сметка“, или ја испраќате бабата по детето, а детето доаѓа дома во туѓа облека?!

Ние како воспитувачи се обидуваме да ги запомниме сите овие работи што детето ги има, но се случува некогаш и нешто да пропуштиме. Затоа би ве замолиле да водите сметка и да ги проверувате детските орманчиња. Секое дете има свој орман или простор каде што ги остава своите работи. Кога родителот наутро ќе го доведе детето, ги остава работите во тој орман за да не дојде до забуна или губење на работите.

Ако испратите некој што не знае како е облечено детето, објаснете му во што било облечено тој ден. Исто така, што се однесува до играчките, оние од дома нема потреба да се носат во градинка. Се разбира, не сме „бабарога“ која ќе им ги земе играчките на врата, туку тоа го правиме постепено. Кога детето ќе влезе и ќе се заигра со нешто друго, ние ја тргаме таа играчка и ја носиме во плакарот. Но, некогаш се случува детето да е многу поврзано со некоја играчка, па цел ден да ја носи со себе и во некој момент да ја спушти некаде, а таа ќе се загуби. Ги молиме родителите да имаат трпение и разбирање ако таа играчка не можеме да ја најдеме во истиот момент. Нас во градинката нè чекаат голем број деца, сите играчки се на своето место, така што подоцна кога ќе средуваме и сè ќе вратиме на свое место, сигурно ќе ја најдеме и вашата.

Понатаму, носењето играчки во собата во која децата престојуваат е дозволено главно еднаш неделно, најчесто во петок. Ние разбираме дека вам ви е полесно да го убедите детето да појде во градинка со некоја играчка, но нам тоа малку ни ги отежнува работите, особено ако вие подоцна се лутите што играчката се загубила.

Истото важи и за стегачите, шнолите, панделките. Нема потреба детето да има цел арсенал од шноли и стегачи. На децата сето тоа им се вади кога одат на спиење, заради нивна безбедност. Доколку се помешаат, ние ги ставаме во една чаша, па потсетете нè да ви понудиме да ги пронајдете своите.

Не се работи за тоа дека ние не сакаме да сносиме одговорност за чување на тие работи, туку дека тоа е и потенцијална опасност за децата, како голтањето бисери и други ситни делови.

Зошто во градинките не се користат перници?

Перниците се потенцијално опасни бидејќи може да дојде до задушување на децата, особено кога малечкото не знае да реагира навреме ако перницата му ги затвори дишните патишта. Слична работа важи и за поголемите кадифени играчки со кои спие вашето дете. На зборуваме само за градинка, нема потреба од сите тие предмети ни дома.

Имајте на ум дека наша најголема одговорност се децата и дека ќе занемариме сè друго само за да ги сочуваме и тие да се чувствуваат пријатно со нас, а сето она што е материјално, може да се надомести.

Извор: „Дневник на една воспитувачка“



912

X