Здравје

Ритамот на спиење на бебето од раѓање до првата година

Спиењето на бебето е важно за здравјето, растот и развојот. Докажано е дека лачењето на хормонот на раст е најголемо во текот на ноќното спиење. Исто така, интересни се и најновите сознанија дека правилно воспоставениот ритам на спиење од најрана возраст го намалува ризикот од дебелеење кај децата.

Новороденчето спие во просек 18 часа

Должината и ритамот на спиење се менува со возраста на детето, следејќи го неговиот развој и созревање. Се разбира, постојат големи разлики во должината и ритамот на спиењето во секоја животна доба. Големо влијание има и опкружување на детето, навиките, ставовите и однесувањето на родителите. Секое дете е личност за себе, така што нема совети и методи кои одговараат за секое бебе. Родителите најдобро ќе проценат што му одговара на нивното бебе, а што не.

Прво тримесечје

Во првите денови, па дури и недели, бебето нема воспоставен ритам, се менуваат епизоди на будност и спиење. Новороденчето просечно спие 18 часа, така што освен во времето за пресоблекување и хранење, периодите на будност се кратки и ретки. За детска возраст, особено за првите месеци од животот, карактеристични се чести фази на таканаречено РЕМ-спиење – тоа се периоди на сонување, време кога родителите забележуваат дека бебето се мрда, прави различни гримаси и движења со очите, иако очите се затворени. Од месец во месец, вкупната должина на спиење е сè помала, иако постојат големи индивидуални разлики помеѓу децата.

Второ тримесечје

На оваа возраст веројатно ќе забележите дека доенчето воспоставило свој ритам на спиење и будност. Разликува ден и ноќ, повеќе спие ноќе, а има уште 2-3 кратки спиења во текот на денот. Дневни одмори има речиси во исто време секој ден. Навечер има свое време за спиење и наутро час за будење. Родителите треба да се потрудат да се воспостави и зачува дневна рутина која доенчето ја сака бидејќи така предвидува што следува. Повеќето доенчиња се будат ноќе еднаш до два пати, за доење. Некои веќе спијат 6 часа во континуитет. Од 6 месеци 70 отсто од доенчињата спијат 6-8 часа во текот на ноќта. Бебињата имаат пократки циклуси на спиење, затоа имаат полесен сон и ноќе почесто се будат. Ако детето е изразено активно во време кога би требало веќе да спие, размислите дали е можеби премногу изморено, дали имало премногу активности и стимулации. Многу уморните бебиња често потешко заспиваат и понемирно спијат.

Трето тримесечје

Од 7. до 9. месец периодите на спиење и будност се подолги и постабилни – и дење и ноќе. Во овие промени на ритамот одредена улога има и промената на начинот на исхрана, како и поголемата физичка активност. Почитувајте го распоредот на спиење и приспособете ги дневните активности. Разбирливо е што понекогаш сакате да го продолжите дружењето во паркот, да одите на гости или на детски роденден, но имајте предвид дека детето на кое му се нарушува ритамот станува нервозно и кенкаво. Кон крајот на овој период повеќето деца преминуваат од 3 на 2 дневни „дремки“. Во периодот на преод на нов ритам, бебето може да биде нервозно и да покажува знаци на замор. Кога ќе видите дека бебето е изморено, забавете – затемнете ја собата, намалете ја или исклучете ја музиката, прочитајте му на бебето некоја приказна.

Четврто тримесечје

Кон крајот на првата година, спиењето на бебето постепено преминува од полифазно во бифазно (еднаш пократко во текот на денот, обично околу пладне или рано попладне, и континуирано и долго во текот на ноќта). Спиењето и понатаму е важно за вашето бебе, на оваа возраст децата просечно спијат по 15 часа дневно. Се случува детето, иако мирно заспива, да се разбуди во текот на ноќта и да плаче, што е последица на појава на соништа кои го плашат и тоа е нормално за таа возраст.

Важно

Дневната рутина е важна за бебето, таа овозможува детето да се чувствува сигурно и на родителите им ја олеснува секојдневната грижа. Потсетуваме дека според препораките за безбедно спиење, новороденчето и доенчето треба да спијат во соба со родителите, во сопствено креветче.

Автор: прим. д-р Олга Станојловиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top