Вчера во трговскиот центар видов жена со пет деца. Навистина. Пет. Имаше 40-ина години, најстарото можеби 10, па три помлади, а под рака носеше бебе, како леб. Мислам дека бебето имаше четири или пет месеци. Нешто им кажуваше на децата, мислам дека не беше оттука. Петте деца опуштено ги организираше како војсководец, им даваше наредби, ги насочуваше кон гаражата од трговскиот центар. Се прашував како живее, како постигнува. Сериозна работа е тоа, секоја ѝ чест на храброста!

Ова лето од детето бев разделена многу, многу денови. Училишниот распуст трае два и пол месеци, а ние заедно поминавме околу пет недели. Две недели бевме на море, а наредните три бевме дома, со тоа што секое утро ја возев кај татко ѝ на чување и ја земав по работа.

Кога детето ви е мало, па не може само да седи дома, кога немате баба, дедо, тетка, некој да скокне, ако немате буџет за летни кампови и дадилка, мора да се снаоѓате како знаете и умеете.

Јас морам да одам на работа, нема кој да работи за мене за јас да ѝ се посветам нејзе. И така, мојата ќерка летово повеќе го помина со татко си отколку со мене. Ја чекам овие денови да се врати од нивното летување и признавам дека не уживав претерано во тоа време за мене.

Не излегував, не се излежував, не го работев сето она што инаку не го постигнувам кога сум со неа.

Работа, физикална терапија, дом. Навечер седам во станот, гледам глупави американски серии.

Ете, признавам, гледав цели две сезони од римејкот „Династија“. Првата, некогаш одамна, беше навистина прва, авангардна. Оваа сега е… не знам дали да се смеам или да заплачам. Но ете, ја изгледав, признавам.

Признавам, го вртам „Фејсбук“, читам глупости, тепам време. А потоа повремено ми излегува некоја стара слика, „на денешен ден“, моето девојче на плажа пред шест години, па ние двете пред три години… Признавам, ми доаѓа да заплачам.

Ми стигнува слика од нејзиниот татко, па снимка, како бестрашно стои на штица за веслање – тоа се оние штици на надувување, се чини дека ова сега е хит. Не сум баш во тек, ја гледам снимката од моето големо бебе како вешто одржува рамнотежа. Всушност, одлична е. Слаба, слаба, а стомачните, дури и плочки има, а нозете како сајла. Очите ѝ се отворени од возбуда, весла таа така и вели: – Чао, заминав јас…

Среќна е, изгледа среќно. Има убаво детство, ми се чини. Признавам, плачев. Малку, само малку, така ми дојде.

Оној збор што сега е во тренд, што се користи за сè и сешто, па и јас би го ставила баш тука, баш сега: респект.

Респект за самохраните мајки, за супермајките.

Бидејќи се подготвени за своите деца да жртвуваат многу.

Го жртвуваат своето време, она што го имаат и што го немаат.

Ја жртвуваат самопочитта. Да, самопочитта. Онаа што им налага да се обратат до судот кога нема да добијат алиментација. А не го прават тоа. Поради среќното детство на своите деца. Да не паднат тешки зборови што ќе им ја избришат насмевката од лицето.

Респект за мајките на кои им се кине срцето, но ќе поминат цел месец, а понекогаш и повеќе, без своето дете. Бидејќи поинаку не може.

Респект за мајките што денот го поминуваат проверувајќи го мобилниот дали работи, дали батеријата е празна, да не е исклучено ѕвонењето. Респект за мајките што го носат телефонот секаде, во кујната, во тоалетот, за секој случај да не се јави баш тогаш, да не го пропуштат. Бидејќи чекаат фотографии. Чекаат да разменат понекој збор, некако, со тоа неизбежно: „Лош е интернетот, ајде само накратко… се слушаме утре, друг ден…“

Го поминав летото со јака околу вратот поради повреда. На речиси 40 степени, во градот, на бетон и асфалт, зад компјутер.

Го поминав летото на мобилен телефон, малку социјални мрежи за да видам како живее остатокот од светот, и малку „Вајбер“ во очекување слики и снимки од ќерка ми.

Респект за мајките што сами ги одгледуваат децата, но и за оние како госпоѓата од почетокот на приказната, која одгледува пет и изгледа дека добро ѝ оди.

Респект – почит кон жените што се ранети, но сепак се силни, бидејќи друг избор немаат.



912

X