Проблемите со менталното здравје кај децата и младите се во пораст, а на родителите понекогаш им е тешко да ги препознаат, додека некои не сакаат да признаат дека тоа може да му се случи на нивното дете, па предоцна бараат третман, што може да ги продлабочи тешкотиите. Според Светската здравствена организација, 50 проценти од сите ментални нарушувања започнуваат пред четиринаесеттата година, а три четвртини до средината на 20-тите години, а повеќето од нив остануваат непрепознаени и нетретирани.
Резултатите од многу студии во светот укажуваат дека пандемијата на ковид-19 предизвикала просечно 25 отсто зголемување на преваленцијата на тешкотиите во менталното здравје.
-Во работата со родителите и нивните деца кои имаат емоционални и ментални тешкотии, забележавме дека тие доаѓаат на лекување само неколку години откако се појавиле првите симптоми. Тие доаѓаат кај нас со веќе доста развиени симптоми – изјавила социјалната работничка Сњежана Шаламон од Службата за ментално здравје и превенција од зависности во НЗЈЗ „Д-р Андрија Штампар“, Хрватска.
Додава дека семејството, училиштето и групата врсници се три важни дела од животот на децата.
Притисокот во училиштето и семејната ситуација
-Проблемите што најмногу ги мачат децата се притисокот во училиштето, потоа семејната ситуација, кога родителите се расправаат или не се чувствуваат добро дома. Децата сѐ повеќе се оддалечуваат од таквите ситуации и потоа некои од нив, за жал, посегнуваат по психоактивни супстанции – вели Шаламон.

Младите ги мачат љубовните проблеми кои можат да бидат малку смешни за родителите, но децата ги доживуваат своите врски прилично длабоко, а раскинувањето понекогаш може да биде трауматично за нив, додава таа.
-Пред две години им кажав на моите родители дека не се чувствувам добро. Тие рекоа дека претерувам и дека имам сѐ што ми треба – е една од речениците што ни ја кажуваат децата, што укажува дека нивните родители имаат проблем да разберат или воопшто не ги слушаат своите деца, вели Шаламон.
Некои други примери се:
-Ги замолив моите родители да не се караат, тие рекоа дека нема да се караат, но го прават тоа со години.
-Мојата девојка ме остави, бев многу тажен, не можев да им кажам на моите родители затоа што мислеа дека е смешно.
Тешкотиите со менталното здравје опфаќаат широк спектар на проблеми кои можат да влијаат врз емоционалното, психолошкото и социјалното функционирање.
-Менталните нарушувања или состојби може да варираат од плачливост, повлеченост, импулсивност, па сѐ до депресија и анксиозни состојби – страв од нешто. На пример, некои деца стравуваат дека нема добро да научат историја, иако не ни почнале да ја учат – заклучила Шаламон.
912