Може ли да зборуваме за авторитет ако наставниците прават селфи со учениците, па на тие фотографии добиваат куп лајкови од истите тие ученици, срциња, бакнежи и смајли? Колку е мудра блискоста со децата од овој вид?
Умее ли една наставничка или еден наставник да изгради авторитет ако на „Фејсбук“ објавува фотографии на кои е облечен во костим за капење? Или, пак, фотографии на кои наставничката има јака шминка, впечатливи долги нокти, длабоко деколте, кусо здолниште, а наставникот провокативно позира… па учениците ставаат срциња и коментираат: „Топ си“?
Може ли да зборуваме за авторитет ако наставниците си прават селфи со учениците, па на тие фотографии добиваат куп лајкови од истите тие ученици, срциња, бакнежи и смајли? Колку е мудра блискоста со децата од овој вид?
Социјалните мрежи кажуваат многу работи
Наставници велат дека вредностите денеска се изместени и дека нивни колеги често не внимаваат како се однесуваат на социјалните мрежи, што значително влијае врз процесот на заслужување почит и од колегите и од учениците.
– Точно е дека ние, наставниците, треба да изградиме пријателски и близок однос со децата, да изградиме меѓусебна доверба, но треба да биде јасно до каде смее да оди таа блискост. Не е проблем, според мене, тоа што сме пријатели со децата и нивните родители на „Фејсбук“, туку поентата е во тоа да внимаваме како се однесуваме и што таму постираме. Сепак, секој просветен работник треба да биде внимателен во однос на тоа што споделува и објавува. Ако наставникот веќе прифаќа во листата со пријатели на социјалната мрежа ученици, сегашни или поранешни, треба да внимава и да ја промислува секоја следна објава на профилот. Како би изгледала наставничката во очите на децата ако тие гледаат слики од неа во костим за капење? Наставникот и да нема ученици пријатели, не смее да си дозволи да објавува непристојни фотографии од себе. Треба да биде пример за учениците. Треба да го задржи достоинството и надвор од училиштето и на улица и секаде – смета Драгица Поповска, долгогодишен одделенски наставник во „Панајот Гиновски“.
Драгица Поповска
Според неа, преку социјалните мрежи наставниците дознаваат и како децата размислуваат, какви вредности негуваат.
– Се случува дури некогаш и да ги опоменеме лично нив или да им укажеме на родителите ако некое дете има објавено некакви непристојни статуси и фотографии што не доликуваат на возраста – додава наставничката.
Јасна разлика меѓу приватниот и професионалниот живот
Кирил Барбареев, професор по предучилишна педагогија на Факултетот за образовни науки во Штип, вели дека наставникот има многу улоги во својата професија.
– Се разбира дека покрај многуте улоги, тој е и пријател со ученикот. Најдобрите наставници се оние што изградиле и имаат длабока поврзаност со своите ученици. Учениците се одраз на своите родители, но и на наставниците. Според мене, од наставникот и од училиштето зависи како ќе ја изградат т.н. педагошка дистанца помеѓу ученикот и наставникот. Станува збор за правење јасна разлика помеѓу приватниот и професионалниот живот на наставникот – вели Барбареев.
Кирил Барбареев
Протоколи за користење социјални мрежи
Во некои земји постојат протоколи за користење социјални мрежи помеѓу учениците и наставниците, но и помеѓу наставниците во службената комуникација.
– Некаде професионалните здруженија издаваат упатства и акти, некаде министерствата, некаде локалната заедница, некаде самото училиште. Ова прашање е поврзано со моралниот идентитет и зрелоста од интелектуален и духовен аспект на личноста на наставникот. Бидејќи тој и да не е пријател на „Фејсбук“ со учениците, тие можат да изнајдат некаква фотографија или тема која би го нарушила авторитетот во очите на учениците или колегите, ако тој човек има такви пориви и поведенија, и со тоа децата би ја промениле сликата за вредносниот систем – додава Барбареев.
Да се знае до каде е пријателски приодот во работата
Авторитетот се гради низ долг временски период и неговото одржување вклучува сложена динамика помеѓу личносните карактеристики на поединецот, обемот и квалитетот на знаење што тој/таа го поседува, начинот на кој се однесува во интеракциите со другите, неговиот/нејзиниот професионален и личен интегритет, позицијата што ја има во општеството, смета професорката Ана Фрицханд од Филозофскиот факултет, која предава морален развој, трансформација на конфликти, психологија на возрасни, психологија на детство.
– Кога станува збор за професијата наставник, без оглед дали е вклучен во воспитно-образовниот процес во основно или во средно училиште, или е универзитетски професор, авторитетот нужно треба да се заснова, пред сѐ, врз компетентноста, знаењето, правичниот и рамноправен однос кон секој ученик/студент, урамнотеженоста, доследноста, принципиелноста и врз други релевантни карактеристики од неговиот/нејзиниот личносен корпус. Ова подразбира одредена професионална дистанца што наставникот е должен да ја одржува во односот со учениците/студентите. Треба да постои граница која ќе означува до каде приодот во работата ќе биде пријателски, а од каде професионален – вели професорката.
Зошто учениците не почитуваат?
Според Фрицханд, авторитетот заснован врз страхопочит веројатно останува да биде дел од некој минат образовен систем (барем во западните земји), каде што не смееле да се преиспитуваат, ниту доведуваат во прашање компетентноста и авторитетот на наставникот и каде што се очекувало дека тој/таа ги има точните одговори на секое прашање.
– Таквиот систем бил затворен и ограничувачки од аспект на охрабрување на истражувачкиот дух, љубопитноста и желбата самиот ученик да дојде до нови и валидни информации. Во денешно време, кога речиси секоја информација е оддалечена од публиката на само еден клик на интернет, на наставниците им е многу потешко (па дури и невозможно) да го градат авторитетот врз половични или непотврдени знаења бидејќи учениците/студентите можат брзо и лесно да ги соочат со други, лесно проверливи факти. Затоа обврска на секој наставник е континуирано да го надградува и освежува сопствениот корпус на информации, што, секако, придонесува за одржувањето, односно надградувањето на неговиот авторитет – додава Фрицханд.
Ана Фрицханд
Позитивното моделирање и одржување на авторитетот
Причините поради кои некои ученици некогаш или кон одредени наставници се однесуваат со непочитување се повеќебројни и неретко меѓусебно испреплетени. Тука се вбројуваат и причините кои потекнуваат од самите ученици (почнувајќи од домашното воспитание и квалитетот на односите со родителите, па до цртите на личноста на самиот ученик и развојната фаза во која тој/таа се наоѓа) и причините кои потекнуваат од наставниците.
– Во периодите на рано и на средно детство послушноста и подготвеноста да се одговори на барањата на авторитетот се многу повисоки отколку во периодот на адолесценција, за кој е развојно карактеристично да се преиспитува, а напати и урива авторитетот на родителите, наставниците. Како што созреваат и се развиваат, кај адолесцентите се намалува потребата по секоја цена да му докажат на авторитетот дека се „над него“ или „различни од него“ влегувајќи во бескрајни расправии, докажувања, спротивставувања, непочитување и слично. Оттука, од студентите и се очекува односот кон наставниците да биде поинаков од оној на учениците. Меѓу основните предуслови за градење и одржување на авторитетот се вбројуваат доследноста и принципиелноста, кои треба да бидат проткаени со емпатичност, разбирање и самокритичност (наместо суетност). Конечно, подготвеноста на наставникот континуирано да се менува, да „расте“ и да се подобрува, е уште еден аспект кој кога е видлив, придонесува за позитивното моделирање и одржување на авторитетот – завршува професорката.
912